Каде одат тоа колите, а и ние со нив?

За 30 години ќе има 85% помалку автомобили отколку што има денес. Ама затоа бројот на часови поминати во автомобил ќе биде 400% поголем. Како тоа? Помислете каде во овој момент се наоѓа вашата кола. Чмае некаде паркирана. Зошто? Затоа што нема кој да ја вози. Тука сме.

За електричните и автономни (а кај и да е и автокефални) автомобили се зборува многу, но мал дел од тие разговори ги опфаќаат најсериозните импликации од феноменот. Тинк-тенкот Делфи груп смета тоа што ќе се случи со автомобилите ќе биде најголемата социјална и економска промена која се има случено последниве 100 години.

Не само што ќе му дојде крајот на 150 годишното владеење на моторот со внатрешно согорување, не само што тоа ќе значи крај на еден цел етаблиран и моќен екосистем од производители, дилери, добавувачи, сервисери итн, туку ќе биде соборен и еден од симболите на денешното живеење - поседувањето автомобил.

Резултатите од истражувањето на Делфи, дека во 2050 по светските автопатишта ќе има само 15% од колите кои денес се движат по нив ама затоа луѓето ќе минуваат 4 пати повеќе време во автомобил, се објаснува со еден факт - искористување, односно утилизација.

Автономните возила бараат 90% помалку одржување и можат да бидат користени над 80% од времето (аут се само кога се полнат или сервисираат). Во таков случај можат да станат платформи за забава, шопинг и социјализација а истовремено бројот на сообраќајки ќе биде намален за 90% (бидејќи 94% од денешните несреќи се предизвикани од човечки фактор). Некои од возилата ќе бидат конференциски простори, други мобилни ресторани и клиники. „Превозот до работа и назад“ ќе престане да постои, заедно со него и сите оние „непродуктивни часови“ минати во превоз.

Замислете огромна ескадрила од потполно автономни возила кои на ваше барање ви се достапни во кое било време и на кое било место. Истовремено, светата крава на модерното живеење, поседувањето автомобил, ќе се сведе на забава за колекционери и за спортски намени. Делфи тоа го замислуваат со поинакво сопствеништво над автомобилите, не многу различно од тоа како се поставени јавните корпорации.

Дали ваквата иднина е анатема или шанса? Во секој случај, ќе се сменат многу фундаментални елементи во културата на живеењето. Живеењето, работното место, осигурувањето (кое ќе ги обесхрабрува луѓето да купуваат кола), па и идентитетот, бидејќи денес возилото не е само превозно средство туку и синоним за личниот идентитет. За многу луѓе купувањето кола е првата или втората најскапа работа што ќе ја направат во животот. Но, за разлика од домот, денешната типична кола е неискористена во 90% од нејзиното корисно време. Кога би се вагало колку пари се дава за кола а колку часови таа реално се користи, испаѓа дека е тоа најлуксузниот животен трошок за 99% од населението.

Во сета таа волшебна иднина и незгодни последици. Добро, сообраќајните удеси ќе бидат драстично намалени. Добро, автономните возила ќе зачувуваат еден милион човечки животи годишно на глобално ниво. Ама. Добар дел од донираните органи доаѓаат од загинати во сообраќајки. Како ќе се надомести тој дефицит кога само во САД, денес преку 100.000 луѓе чекаат орган која ќе им биде трансплантиран? 

2 јуни 2018 - 22:55