Харви Вајнстин е ноќна мора за адвокати

„Невозможен е за работа“ вели човек кој ги познава состојбите во адвокатската екипа на филмскиот могул кој чека судење за сексуални обвиненија. Истиот извор тврди дека Вајнстин се однесува како да снима филм. И уште е кај кастингот. 

На почетокот на годинава Харви Вајнстин му даде отказ на Бен Брафман, специјализиран адвокат за бранење ѕвезди, за да состави адвокатски „дрим тим“ во кој, покрај Роналд Саливен од Харвард, најголема ѕвезда беше Хозе Баез. Баез штотуку побара да излезе од екипата. Судијата тоа го дозволи но порача дека нема да прифати никакво барање за одложување на процесот кој е закажан за 9 септември.

Вајнстин ја пополни екипата со Дона Ротуно и Дејмон Черонис, при што Ротуно му е посебно важна. Како прво, заради полирање на имиџот тој инсистира да има што повеќе жени во својот тим (го имаат куп познати жени адвокати) а како второ, Ротуно е гласна критичарка на #МееТоо и веќе има брането мажи обвинети за сексуална злоупотреба на својата позиција и моќ.

„Однесувањето на господинот Вајнстин го правеше екстремно тешко неговото ефикасно застапување и тој инсистираше да се преземат некои потези околу кои фундаментално се разликувавме,“ објасни Баез велејќи дека по излегувањето од овој случај, се чувствува како да добил на лотарија.

Преку својот портпарол, Вајнстин му врати дека со адвокатка како Дона Ротуно, тој го има џек-потот.

Познавачи велат дека клучниот проблем околу стратегијата на Вајстин е што тој инсистира случајот прво да биде добиен во очите на јавноста па потоа во судот, што адвокатите го сметаат за погрешна и речиси невозможна мисија.

Инаку, кога Баез прифати да биде негов адвокат, се побуни една друга негова клиентка, Роуз МекГоуен, тврдејќи дека тука има конфликт на интереси.  Имено, таа не учествува во судскиот случај против Вајнстин но е една од дузината жени кои го обвинија моќниот продуцент дека сексуално ги закачал.

Познавачи на целиот случај, за Дејли бист тврдат дека Вајнстин речиси сигурно ќе биде ослободен бидејќи обвиненијата и доказите против него се доста тенки.

„Единствен начин тој да го изгуби случајот е неговите адвокати да паднат на глава и да заборават каде е судницата,“ вели еден од нив.

12 јули 2019 - 14:22