Џо Бајден е Хилари Клинтон на 2020-та

Само што ја официјализираше својата номинација Бајден беше пречекан од бараж критики и негодувања од луѓето што треба да се на негова страна. Главно, проблемот е што човекот им е премногу општ, премногу веќе видено и има премногу багаж натоварен низ цела негова кариера.

Номинацијата ја почна со видео кое меѓу другото порачува дека неговата кампања ќе биде „етичка, директна, ќе ја кажува вистината... сите оние добри работи“. Одма тука народ се подзасркна околу зборот „директна“ во оваа порака, кој во оригинал е „straight“ и во последно време главно се толкува во сексуална конотација.

„Ова беше несреќно составена порака, но што друго би очекувал од човек кој постојано е некаде на раб на гаф? Гафовите се дел од брендот Бајден, и без сомнеж ќе ги има уште многу такви во претстојните месеци.

Исто така може да очекуваме да видиме многу обемни ветувања за бришење на Трампизмот, и враќање на Америка на нејзините (комплетно митски) денови кога земјата беше бастион на моралот. Иако се уште е почетокот на трката 2020, Бајден својата кампања ја фокусираше директно околу карактерот на Трамп, односно недостаток на истиот, на начин на кој ниту еден демократски кандидат се уште го нема тоа направено.

... Дали Трамп е расист со банкротиран морал? Да, очигледно. Сепак има причина зошто другите демократски кандидати не ја започнаа својата кампања со напад на карактерот на Трамп: тоа е истрошена стратегија, тестирано и докажано од понорот на Хилари Клинтон. Симпатизерите на Трамп нема да ги натераш да ја воочат грешката во своите ставови со тоа што ќе ги наречеш ’кошница бедници’; така само ја потпалуваш културолошката војна.

Една од причините зошто кампањата на Хилари не успеа е затоа што таа потроши повеќе време и енергија критизирајќи го Трамп, отколку на истражување на главните причини зошто тој беше толку популарен. Клинтон ја повторуваше идејата дека ’Америка веќе е величествена’ на луѓе чии животи ни најмалку не беа такви. Таа им нудеше задржување на статус-кво на луѓе кои очајно сакаа промена. Сега го имаме Бајден, уште еден демократ на естаблишментот, кој го прави токму истото,“ пишува Арва Мадави во текстот за Гардијан.

Содржински Бајден не нуди никакви прогресивни политики како Берни или Елизабет Ворен, туку „тој го има најопштиот повик на центарот ’ајде да се вратиме на сите добри работи што ги имавме’“.

„Да се вратиме на времето кога расизмот беше малку пољубезен, а белците можеа да се преправаат дека Америка е пост-расистичко општество. Да се бориме за душата на Америка преправајќи се дека Трамп е проблемот, а не само симбол на проблемот. Да се преправам дека Шарлотсвил е директна последица на Трамп - исклучок - а не производ на расизам кој отсекогаш постоел во Америка. Да го вратиме времето на пред неколку години кога сè беше фино и сјајно.

Она што навистина фрустрира околу Бајден е фактот дека иако тој е уште една верзија на Клинтон, и изгледа како да е решен да тера чиста копија на кампањата на Хилари, нам до бескрај ќе ни биде повторувано дека тој е нашиот најдобар адут за пораз на Трамп. Ќе ни биде повторувано дека тој е единствениот демократ кој може да ја освои белата работничка класа - заборавајќи дека Сандерс моментално е кандидатот кој најдобро се поврзува со оваа демографија. Ќе ни биде повторувано дека кандидатите кои нудат вистинска промена, како Сандерс и Ворен, се премногу прогресивни за Америка. Дека тие нема да бидат избрани. Ќе ни кажуваат дека пак треба да ги повториме грешките од 2016. Ќе ни кажуваат дека овој пат ќе успее,“ пишува Мадави.