Драмата околу погребот на личниот секретар на Мао Це Тунг

И покрај претстареноста на ликовите, веста е тазе а во неа ќерката на личниот секретар на Мао се побуни против намерата на кинеските власти да го погребаат татко и на место за одделено за највисоките кинески функционери.

Проблемот не е само локацијата, туку и намерата на властите сето ова да го спроведат со највисоки државни почести.

Според ќерката, Нанјанг Ли, погребот е спротивен на желбите на нејзиниот татко, Ли Руи, кој одамна ја изгубил својата верба во кинеската комунистичка партија. Нанјанг објаснува дека во 2008 има разговарано со својот татко околу неговите желби како сака да биде погребан. Зошто некој би разговарал такви работи со роден татко? Затоа што во 2008 човекот имал 91 година. Тие муабетот го повториле и минатата година, на 101-от роденден на Руи.

И во двата наврати таа го прашува дали би сакал да биде погребан на гробиштата во Бабаошан, и дали би сакал неговиот ковчег да биде покриен со знамето на кинеската комунистичка партија.

„Направи малку подолга пауза за да размисли, и одговори: ’Треба да се вратам во мојот роден град и да ме закопаат близу моите родители затоа што многу рано го напуштив мојот дом и никогаш не се грижев за мајка ми,“ објаснува Нанјанг.

Смртта на Руи се смета за крај на генерацијата револуционери кои се приклучуваат на партијата од посветеност кон социјалистичките идеали и желбата за реформи. Тој му се придружува на Мао во 1937 на 20-годишна возраст. Кон крајот на 1950-те тој е лично избран од Мао за да му биде еден од неговите лични секретари. Руи станува сериозно неподобен откако решава да ја критикува земјоделската реформа на Мао, која доведува до масовна глад во Кина и смрт на 60 милиони луѓе, заради што е и прогонет од партијата. Во 1978, по смртта на Мао, нему му е дозволено да се врати во партијата, каде останува до својата смрт.

„Ли зад себе остава компликувано наследство. Како ветеран кадар на партијата, тој живее во станбен блок во Пекинг за пензионирани високи комунистички функционери. Во своите последни моменти, мислам дека тој се откажа и дека повеќе немаше надеж за партијата. Затоа тој не сакаше свечен погреб, знамето на партијата, и гробиштата во Бабаошан,“ објаснува за Гардијан историчарот од Пекинг кој лично се познава со Ли, Жанг Лифан.

По мислење на Нанјанг, татко и ја изгубил својата верба во партијата во моментот кога Ши Џинпинг, реши да ги отстрани ограничувањата на бројот на мандати, што потенцијално му овозможува доживотно да остане кинески лидер.

19 февруари 2019 - 11:02