Драга ЕУ: Европа е повеќе од само Париз и Амстердам

Како што доаѓа време за разделување од Британија, така ЕУ полека почнува да ги прави првите логистички потези па периодов седиштата на две ЕУ агенции се преселени од Лондон во Париз и Амстердам. Проблемот на колумнистот на Блумберг е што и при овој избор ЕУ се однесува како истокот од Унијата да не постои.

Во последниот круг од процедурата, која наликува на избор на организатор на Олимпијада, Париз, Амстердам, Даблин и Милано останаа како кандидати за потенцијални нови домаќини на Европската банкарска агенција и Европската медицинска агенција. Изборот беше направен со извлекување ливчиња од стаклен сад, како за групи од Лига на шампиони, и според колумнистот Фердинандо Јулијано двата града го заслужуваат тоа, како што би било заслужено и да им се паднеше на Даблин и Милано.

Процената на колумнистот е дека „владите на ЕУ пропуштија можност да го искористат процесот за да го прошират кругот вон вообичаено осомничените,“ и дека како ретко кога ЕУ имала шанса да даде нешто без претерано да условува.

„Ама има и други начини на кои ЕУ можеше да биде пред времето. На пример, можеа да изберат главен град од Источна Европа, што во моментов нема преседан кога станува збор за град седиште на агенција на ЕУ.

Братислава, главниот град на Словачка, беше еден од фаворитите за седиште на Европската медицинска агенција - која нема регулаторни моќи туку само ги надгледува лековите за ветеринарна и човечка употреба - меѓутоа градот не успеа да ја мине ни првата рунда. Проблемот беше што агенцијата ризикува да доживее масовен егзодус на стручен кадар доколку седиштето се пресели во Словачка - што помага во објаснување на одлуката.

Амстердам и Париз без сомнеж ќе бидат одлични домаќини. Сепак, ваквиот избор неизбежно ќе го засили гледиштето дека на јадрото на Европа многу малку му е грижа за неговата периферија. По кризата, ЕУ можеше да направи многу повеќе за да покаже дека знае како да биде инклузивна,“ пишува Јулијано.