Долга е раката на младите

За разлика од македонските млади кои на автентичен и решителен начин успеаа да ја направат првата сериозна пукнатина во непопустливиот однос на власта, дел од американската младина мака мачи да вметне една реченица во регулативата која се однесува на нив.

Последниве 4 месеци, група средношколци од Кентаки упорно и засега бесцелно се обидуваат да уфрлaт една реченица во соодветниот образовен законик. Тие бараат локалните училишни бордови да имаат опција  - само опција, не и обврска - за вклучување на еден ученик во комитетот кој ги селектира кандидатите за суперинтендант (главниот извршен во школото).

И тоа е тоа. Не бараат тие да го бираат човекот, оставаат тоа да го прави училишниот одбор. Само бараат можност еден од нив да биде дел од екипата која ги селектира кандидатите и дава препораки на одборот.

"Јас мислев дека ова за никого нема да биде никаков проблем," вели една 18 годишна среношколка која по шест пати губи часови за да оди и да го брани нивниот предлог пред законодавците.

Досега младиве сведочеле пред собраниски комисии, пишувале писма и едиторијали, консултирале адвокати, имаат собрано еден куп истражувања во полза на нивниот предлог.

И не па не. Во една прилика кога снежна бура се заканувала да ги оневозможи да дојдат и утредента, замолиле да преспијат на под во холот на надлежната законодавна институција, ладно им било кажано да си најдат хотел.

А младите се најдрагоцениот и најпотценетиот образовен консултант, пишува Аманда Риплли за Атлантик. Пред да матурираат тие минуваат околу 2.300 дена во таа школска ситуација, размислувајќи што им е добро а што ги вади од такт. А за разлика од многумина новинари, професори и  директори, тие немаат скриена агенда и не ги занима политичарење и политикантство.

А фактите јасно говорат дека оние училишта кои редовно ги прашуваат своите ученици за состојбите имаат подобри перформанси од другите. 

На пример, според едно истражување на ОЕЦД од 2012-та година, само 59 проценти од американските училишта бараат фидбек од учениците, што е под просекот на земјите од развиениот свет. Во Финска пак, која важи за една од земјите со најсофистициран образовен систем, тој процент изнесува 71.