Демократијата e како Ајрон Мејден

На линија на она што Рамбо одамна го зборува (види го интервјуто за Офф.нет: „Демократијата кај нас е диктатура на глупаци“) кога бара пред да се добие право на глас да се мине некој базичен тест на интелигенција и знаење, и во светот продолжува потрагата по лек за главниот баг на демократијата: петмина идиоти секогаш ќе надгласаат двајца паметни. Една од алтернативите е епистократија. Владеење на упатените, компетентните.  

Во 2016 година, американскиот политички филозоф Џејсон Бренан ја објавува контроверзната книга „Против демократијата“. Во неа објаснува дека демократијата е преценета, дека не мора да значи ништо повеќе од еден од можните систем на владеење и дека таа не секогаш ги јача граѓаните или пак произведува фер решенија.

Тој тврди дека е поарно демократијата да се замени со епистократија, начин на управување во кој гласот на оние кои ќе можат да го докажат своето политичко знаење вреди повеќе од гласот на неупатените. Со други зборови, систем кој ги привилегира политички најинформираните граѓани.

Со него разговара Шон Илинг од Вокс:

Шон Илинг: Зошто епистократијата е подобра од демократијата?

Џејсон Бренан: Знаеме дека непосакуваната нуспојава на демократијата е тоа што таа ги поттикнува граѓаните да бидат игнорантни, ирационални, племенски настроени, и да не си ги користат гласовите на сериозен начин. Оттаму, ова е обид да се корегира таа патологија, но истовремено да се задржи она што е добро во демократскиот систем.

Мораме да се запрашаме за што всушност служи власта. Некои сметаат дека таа има симболична вредност каква што има, на пример, една слика. Така, може да мислите дека „треба да имаме демократија затоа што тоа е начин на цивилизирање и изразување на идејата дека сите сме еднакво вредни“.

Има и друг начин на размислување во врска со власта, а тоа е дека таа е алатка, како чекан, а целта на политиката е да генерира правични и добри исходи, да генерира ефикасност и стабилност и да одбегнува да ги малтретира луѓето. Ако размислувате вака, како мене, тогаш треба да се запрашате дали треба да одбереме таков облик на владеење кое е најефикасно во остварувањето на доброто, што и да е тоа.

Секако, го делам мислењето дека треба најмногу да се грижиме за исходот. Но прво, ајде да разјасниме една клучна поента врз која почива вашата теза. Изгледа верувате дека гласањето е форма на моќ. Кога граѓаните гласаат, тие ја користат својата моќ над другите, па ако таа моќ ја искористат неодговорно или некомпетентно, тие го негираат сопственото право да гласаат. Дали ова е фер толкување?

Да, ова го нарекувам „принцип на компетенција“. Идејата дека секој поединец, или секое одлучувачко тело кое има моќ над другите, истовремено има и обврска да ја користи таа моќ одговорно и компетентно. Доколку не го прават тоа, тогаш тоа веднаш се претвора во аргумент дека тие не треба да имаат каков и да е авторитет или легитимитет.

Зошто би требало да очекуваме дека граѓаните кои ќе ги исклучите од демократските процеси ќе се потчинат на владеењето на епистократите. Нели очекувате отпор на ваквиот предлог?

Две поенти. Прво, идејата дека само демократијата може да се смета за легитимна и дека доколку имате недемократски систем луѓето ќе се бунат против него. Не се секирам толку околу ова прашање. Кога читате студии за конформизмот, студии за потчинување на авторитет, или за тоа како луѓето во недемократските земји ги сфаќаат своите влади, гледате дека луѓето имаат тенденција да мислат дека кој и да систем кој го имаат е легитимен. Русија има многу корумпиран систем, па луѓето сепак имаат изненадувачки позитивни гледишта за нивната влада. Луѓето во Кина си ја сметаат власта за легитимна, па дури и кога се анкетирани вон Кина и не можат да бидат фатени или повредени ако кажат нешто негативно за нивната земја.

Така, сметам дека тоа што луѓето мислат дека нивните влади се легитимни и авторитативни се должи едноставно на тоа што тие се навикнати на тоа.

Оттаму, не секоја форма на епистократија значи исклучување луѓе од процесот. Вие, на пример, може да имате систем во кој ќе може да се гласа само ако се помине тест, и тоа е веројатно најлошиот начин. Но има и други на кои може да се спроведе епистократија а кои не подразбираат ваков вид исклучување.

Дали има примери на епистократии, денес или во минатото, кои можете да ги наведете како успешни примери?

Технички, немеа. Имало време во британската историја (од 1660-1950) кога луѓето со факултетски дипломи можеле да добијат екстра глас, но тоа била глупава идеја. Тешко ми е да го кажам ова како професор, но изгледа дека универзитетското образование има многу малку влијание врз тоа колку луѓето знаат. Генерално, факултетски образованиет знаат повеќе од оние кои не завршуваат факултет, но не е факултетот она што ја прави разликата.

Луѓето сакаат да ја слават древна Атина како прекрасен пример на директна демократија, но тие всушност зборуваат за облик на епистократија. Тоа е затоа што само многу мал број луѓе всушност гласаат, и тоа се најобразованите членови на општеството - луѓето кои имаат најмногу политичко знаење и време за да се занимаваат со политика.

Сингапур, на пример, е повеќе технократија отколу епистократија, но сепак постои систем кој е раководен од елитите за заедничко добро.

Дали има фер начин да се одреди кој е, а кој не е компетентен? Оној кој ги дефинира критериумите има огромна моќ во општеството и потенцијал за злоупотреба кој е речиси неодминлив. Иако знам дека сте против тестовите за гласање, тука мислам на расистичките тестови за писменост и даноците кои постоеле на југот за време на Џим Кроу, а кои требало да ги спречат црните луѓе да гласаат. Нели ве загрижува ваквиот вид злоупотреба?

Да, ме загрижува. Секој вид политички систем е подложен на злоупотреба, и треба да се пазиме од тоа. Еве што предлагам: секој да може да гласа, дури и деца. Никој да не биде исклучен.

Но кога ќе гласаш, да мораш да направиш три работи.
Прво, да ни кажеш што сакаш. Го даваш гласот за политичар, или за партија, или заземаш позиција на референдум, или што и да е.
Второ, ни кажуваш кој си. Ги добиваме твоите демографски информации, кои анонимно се кодираат, затоа што ова влијае врз тоа како гласаш и кого поддржуваш.
И третото е да направиш тест за многу базично политичко познавање. Кога ќе ги имаме овие три информации, тогаш можеме статистички да процениме што би сакала јавноста доколку би била целосно информирана.

Под овој систем вие немате повеќе моќ отколку што имам јас. Не може да се покаже со прст на кого и да е, и да се рече дека тој е исклучен, или дека вашиот глас тежи повеќе од мојот. Идејата е да се сфати што навистина би сакала јавноста доколку би ги имала сите информации кои ѝ се потребни.

Ок, имам неколку проблеми со тоа, но да се задржиме на оригиналното прашање, кој е оној кој ги одредува критериумите? Кој одлучува што влегува во тестот?

Луѓето ќе се обидат да го манипулираат тестот за сопствена полза. Републиканците можеби ќе сакаат преку тестот да исклучат одредени групи или да дадат тежина на некои прашања.

Па еве една моја идеја која звучи парадоксално: нека демократијата одлучи што ќе влезе во тестот. Случајно изберете, да речеме, 500 граѓани. Дајте им многу пари и изгласајте закон кој вели дека тие можат да добијат слободно од работа без какви и да е последици по нивното работно место. Нека седнат да дискутираат едни со други, оставете ги да работат заедно. Тие ќе одлучат што ќе влезе во тестот. И после ќе го искористиме тестот за да им дадеме тежина на гласовите.

Зошто би требало да очекуваме дека тие ќе ги знаат одговорите на овој замислен тест?

Тоа звучи чудно, но не е. Ако ги прашаш луѓето што значи да бидеш информиран гласач, тие ги кажуваат истите нешта кои и јас би ги кажал, но набргу сфаќаат дека голем број од нив не ги знаат одговорите.

Ако го прашам мојот десетгодишен син што треба да бара во идна сопруга, тој ќе даде изненадувачки разумен одговор за тоа што се подразбира под добра сопруга. Но никој не мисли дека тој во моментов е компетентен за навистина да одбере партнерка или да се жени.

Гласачите апстрактно знаат што е она што би требало да го знаат; но не ги знаат работите кои треба да ги знаат.

Да се вратиме на „принципот на компетентност“. Зошто правото на компетентна власт оди контра другите фундаментални права, како на пример правото да се учествува во демократски процес?

Мислам дека вистинското прашање е зошто би требало да претпоставиме дека постои право да се учествува во демократскиот процес? Всушност тоа е прилично чудно и различно од голем број други права кои изгледа дека ги имаме.

Имаме право да избереме партнер, да си ја избереме верата, да избереме што ќе јадеме, каде ќе живееме, со која професија ќе се бавиме итн. Иако некои од овие нешта имаат влијание врз другите луѓе, тие примарно се однесуваат на формирање сфера на автономија за поединецот, и превенирање другите да те контролираат.

Правото да се учествува во политика изгледа фундаментално различно бидејќи вклучува наметнување на својата волја врз другите. Така што не сум сигурен дека некој од нас би требало да има такво право, барем не без какви и да е одговорности.

Но гласањето не значи само наметнување на волјата врз друг. Голем дел од теоријата на демократијата вели дека учеството во политичкиот процес и дава моќ на индивидуата. Сега, вашиот аргумент е дека ова е погрешно, затоа што гласот на поединецот е безначаен, и оттаму гласањето е всушност во корист на моќта на групата. Но нели е вистина дека поединецот добива моќ кога една група која ги споделува неговите интереси добива поголема политичка моќ? Нели поединецот зајакнува преку групата?

Би рекол дека доколку групата која ги споделува твоите интереси ја преземе власта, тогаш и ти ќе добиеш моќ во смисла на тоа дека твоите интереси ќе бидат промовирани. Не сум сигурен дека добиваш моќ во смисла на тоа дека работите се по твое.

Ова е чудна метафора, но замисли дека не можам да ги мрдам рацете затоа што ми се заврзани. На таа сметка треба да ми даваш кафе кога и да сакам. Ова е слично на она што се случува во демократијата. Уште го добивам кафето, и тоа е супер, но не сум одговорен за тоа што кафето ми влегува во уста - ти си тој што ми го сипаш.

Без оглед како гледаш на ова, групата е онаа што ја има моќта, не поединецот, дури и да припаѓаме на групата која ја има моќта.

Ова е необично разбирање на процесот, но не сакам да пропаднам во таа теоретска зајачка дупка. Дел од аргументите во книгата е идејата дека демократските политики одат контра социјалната соработка, бидејќи поттикнуваат конфликти базирани на идентитет. Но би рекол дека социјалните поделби се нуспојави на реални и неодминливи разлики во вредности и моќ. Може ли исто така да се рече дека демократијата обезбедува конструктивен начин за канализирање на овие фундаментални разлики?

Мојата грижа е дека луѓето пречесто гласаат заради во основа случајни или историски причини кои немаат голема врска со интереси или идеологии. Одредени идентитетски групи се поврзуваат со одредени партии, и тоа е тоа.

Јас сум Ирец од Бостон - тоа е мојот идентитет. Бидејќи сум бостонски Ирец, тоа ја предвидува мојата лојалност кон тимовите на Њу Ингланд Патриот и на Бостон Ред Сокс. И вистина е - јас сум нивен фан. Исто така предвидува дека ќе гласам за демократите, дури и ако не знам ништо за нив, или немам какви и да е политички убедувања.

И излегува дека луѓето со таков идентитет ќе бидат доминантно поврзани со Демократската партија, иако немаат поим што е она што го поддржува оваа партија, па дури и ако нивните мислења се поблиску до републиканците, либертаријанците или социјалистите, отколку до демократите. Но тие сепак гласаат на тој начин.

Така, мислам дека за мнозинството политичката припадност е нешто како приврзаност кон спортски тим. Барем во САД ваквата приврзаност не е толку антагонистична. Кога ќе видам фан на Јенките мислам „Еби ги Јенките“, но не се тепам со никого. И сум бил на стадион на Јенките носејќи дрес на Ред Сокс и никој не се обидел да ме претепа. Тоа е забавен начин да се канализира ваквата поделеност.

Но во политичкиот простор, особено во време на социјалните медиуми, сите сме вклучени во постојано докажување, и валканоста и поделеноста се постојани. Политичките поделби станаа толку дисфункционални и толку грди што тоа ја хендикепира демократијата.

Многу работи кои ги кажувате ми се блиски, но ајде да ги видиме работите во поширока перспектива. Демократијата отсекогаш била хаос, па сепак демократскиот свет, со текот на времето, стана побогат, постабилен и потолерантен. Демократијата, значи, како што самата покажува, не е катастрофа. Зошто би очекувале дека епистократијата би дала подобар резултат?

Тоа е многу добро прашање. Јас сум фан на демократијата, исто така сум и фан на Ајрон Мејден, па сепак мислам дека овој бенд има неколку албуми кои се грозни - демократијата е отприлика таква. Супер е, најдобриот систем е кој го имаме до сега, но не смееме да мислиме дека тој не може да се подобри.

Можеме да прифатиме дека е подобар од што и да е со кое сме се обиделе, па сепак истовремено да признаеме дека во него постојат отпорни патологии. Оттаму треба да се запрашаме: „Како да ги поправиме?“ Треба постојано да експериментираме и да откриваме што функционира во оваа смисла, а што не.

Така, епистократијата е само идеја, обид да направиме нешто подобро од она што до сега го правиме. Многу работи се засегнати. Имаме еднакви права за ЛГБТ заедницата; ги третираме Афро-Американците подобро од порано, иако многу полошо отколку што би требало. Жените имаат повеќе права. Ја имаме намалено сиромаштијата. Сето ова е добро.

Но исто така имаме бомбардирано голем број земји, имаме извршено злосторства и учествувано во секакви неправди и дома и во странство. Секогаш можеме подобро.

28 јули 2018 - 19:02