Дали битката со расизмот ги прави расистите поголеми расисти?

Ако сакаш некој сигурно да се опседне со мислата на, на пример, нутела, само кажи му „во следните две минути те молам не мисли на нутела“. Е, исто и ако на луѓето им кажеш да не мислат како расисти.

После години и години потиснување на сопствените расистички пориви, ним им е потребен само мал тригер за таквите репресирани чувства да испливаат на површина. Да, тригер во приказнава е Трамп.

Според анкетите објавени од Њујорк Тајмс расизмот, тип американски, до скоро бил во постојано опаѓање. Сето тоа го промени „ефектот на Трамп“, кој поттикна пораст на говорот на омраза и  напади врз расна основа. Или ова значи дека анкетите не ја забележале оваа промена на расположението, или пак до скоро Американците едноставно си го потиснувале тоа чувство во себе, сметајќи дека ако го искажат ќе бидат етикетирани како расисти (а тоа тогаш било лошо).

Едно од можните толкувања на оваа ситуација е тн. „ПК срање“, идејата дека, како што вели Бил Маер, токму политички коректното срање има инспирирано милиони Американци да гласаат за Трамп. Така, желбата да се сотре расизмот практично резултира со негов поттик.

Ваквата појава на ниво на индивидуа, кога потиснатите чувства ненадејно излегуваат на површина во вид на агресија, е одамна анализирана во психологијата, во рубриката „репресија“. Како што таа може да се случи несвесно, така и свесното викање „иш“ на присилните мисли нив всушност може да ги привика. Ова го покажуваат редица експерименти, како на пример таков во кој од субјектите се барало да не мислат на стара љубов. Нормално, овие баш тогаш се утепале од мислење на бившите.

Во раните 1990-ти истражувачите веќе почнале да се прашуваат дали инсистирањето на репресија на расните предрасуди вродува со плод или резултира со уште поголем бран расизам. Во 1994 психолози од Кардиф, Велс, дошле до докази дека чинот на намерно потиснување на сопствените стереотипи може да отскокне како федер, и да заврши со тоа што предрасудите стануваат уште позакостени.

Ваквите резултати од истражувањата имаат претрпено критики, но не и целосно отфрлање. Она што тие сепак го покажале е дека она што всушност треба да се мери е токму она скриеното, кое луѓето го потиснуваат и кријат. Ама па како да мериш нешто што тие нема да ти го признаат?

Така тестовите се концентрирале на „имплицитната пристрасност“, онаа која повеќето од нас можат да се заколнат дека ја немаат, но која преку суптилни прашања може да разоткрие колку сме всушност подложни на ставовите кои ни ги наметнуваат медиумите и политиката, или кои се резултат на некои рани и заборавени искуства. Како што изјави Хилари Клинтон во текот на кампањата - „имплицитната пристрасност е проблем на сите“. Но дали на тој начин се промовира идејата дека е НОРМАЛНО да се има предрасуди, и обратно, дека ако ги немаш нешто не е во ред со тебе?

Иако Трамп можеби доби 2 милиона гласови помалку од Хилари, неговиот избор за претседател ги потврдува вредностите за кои тој се залага, а кои во текот на кампањата многумина ги препознаа како нормални. Трамп според нив „само го кажува она што сите го мислат“, иако тие нешта не се секогаш пријатни. Неговата отворена пристрасност така стана тригер за отварањето на другите, кои дотогаш можеби никогаш не се осудиле јавно да искажат расистички ставови. Трамп само го отвори шишето, а духовите самите излегоа од него.

Сега, останува прашањето дали обидите за сузбивање на Трамп и по неговиот избор би дал долгорочен резултат, или така повратниот удар би бил уште посилен? Кога медиумите ќе објават како нео-нацисти извикуваат „Хајл победа“ во конференциска сала во Вашингтон, а видеото станува вирално, она што го прават неколку стотици расисти може за оние кои имаат некаква тенденција кон расизам да биде доказ дека тоа е новото нормално, и дека оттаму сè насочено против него е - ненормално.