Аман, перете ги фармерките

Муштериите на Левис треба своите фармерки да ги стават во замрзнувач, наместо да ги перат, порача вчера првиот човек на Левис. Идеја која колку што е добронамерна, толку е и погрешна.

Пораката која Левис ја промовира во последните неколку години, е дека замрзнувањето ќе ги уништи сите бактерии и миризбата на фармерките. Зад сето ова стои желбата на компанијата да помогне во намалувањето на светската потрошувачка на вода. Тие заради ова направија и промена во процесот на производство за да трошат помалку вода.

Главен проблем е што замрзнувањето не е ни приближно ефикасно како перењето, а кога би се убивале бактериите со топлина за тоа би требало да се постигне барем 120 степени Целзиусови.

Слични температури, ама во минус, треба да се постигнат и при замрзнувањето на фармерките за тоа биде успешно во уништувањето на бактериите. Температури кои домашните замрзнувачи не можат ни приближно да ги постигнат.

"Ние ги замрзнуваме бактериите на -20 или на -80 степени Целзиусови, и кога ќе ги извадиме истите повторно може да пораснат," објаснува Џули Серж, истражувачка од Националниот институт за истражување на човечкиот геном, која ги студира бактериите што живеат во човечката кожа.

Иако замрзнувањето ќе убие голем дел од бактериите, тие што ќе останат ќе бидат доволни за повторно да го покријат целиот "изгубен" простор, откако фармерките ќе се вратат на собна температура. Причина за ова е што замрзнувањето не ја отстранува нечистотијата и мртвите клетки од човечката кожа кои се наоѓаат во фармерките, а служат како одлична основа за развивање на бактериите.

Според Серж, отстранувањето на овие остатоци (нечистотија и мртвата кожа) се поважни за елиминирање на смрдеата од фармерките, отколку самото убивање на бактериите.

Самите претставници на Левис признаваат дека замрзнувањето била идеја на дизајнерите на компанијата.

23 мај 2014 - 11:40