Време е за нормализирање на Маркс

На 5-ти мај пред 200 години роден е Карл Маркс, најмудриот и највлијателен критичар на капитализмот во историјата на човештвото - исто така и еден од најпогрешно разбраните. Беше генијалец, ама на крај само уште еден човек интелектуалец со брилијантна но нецелосна перспектива.

За елитните американски економисти, Маркс долго време е анатема, ако не и некаков демон, со што се создаде огромно табу кон сериозно разгледување па дури и споменување на неговите идеи. Во 2006, либералниот економист од Беркли, Бред Делонг на шега спомна дека книгата Капитал ќе „создаде сериозни, трајни багови“ во вашиот мозок, и затоа читањето на истата „треба да биде направено само од некој со имунитет кон менталниот вирус - од обучен интелектуалец или социјален или економски историчар, или од обучен неокласичен економист.“ Со други зборови, најдобро е страшната книга да биде отворена од некој што веќе е посветен десничар.

Ова е апсурдно, ако не од други причини тогаш заради немањето доверба во човековото резонирање. Секој човек што размислува може да ја прочита која било книга без да добие оштетување на мозокот, затоа што во вистинскиот живот нема волшепства. И како што тврди економистот Бранко Миловановиќ, Маркс неспорно е еден од најголемите и највлијателните интелектуалци на сите времиња, на ниво на Аристотел и Августин. Ако ништо друго, тој вреди да се истражува и само заради таа причина.

Меѓутоа не само за тоа. Денес, како спротивност на неокласичарите чие гледиште е дека капиталистичката економија е машина која сама се регулира, Маркс нè потсетува дека капитализмот има вродена тенденција кон кризи - и колку почисто капиталистички се институциите, толку полоши се овие кризи. Неговата историска основа е освежувачка во економска професија која премногу често е опседната со суви математички теории кои имаат малку или никаква врска со реалноста.

Неговата трудова теорија на вредноста (нешто што го зема од класичниот економист Давид Рикардо) не е стриктно точна. Како и да е, секако е точно дека многу ако не и најголемиот дел од работниците се експлоатирани заради профит, и дека од друга страна голем број сопственици на капиталот добиваат неверојатни приходи за кои немаат ништо направено. Всушност, целиот раст на приходите на најбогатиот 1 процент од 2000 година е добивка од постоечки капитал.

Дури и острината на Маркс е важен потсетник за страшната бруталност на раниот капитализам. Кога денес луѓе како Стивен Пинкер гласно инсистираат дека историјата на Западниот либерализам е мирен и сталожен марш кон поголем просперитет и пристојност, Маркс нè потсетува на уништувачката сиромаштија, експлоатацијата, и политичките битки на раната индустриска револуција. Причината заради која на англиските девојчиња повеќе не им се корнат прстите во фабричките преси, или зошто американските жени повеќе не се врзани со синџир по 9 часа на ден во фабрики за текстил подложни на пожари, не е затоа што работничката класа внимателно чекаше да дојде плимата на просперитетот, туку затоа што се здружија и очајно се бореа против капиталистичката класа за пристојна плата и работни услови - често пати соочувајќи се со војници и боева муниција.

Сепак тука има и спротивна интелектуална провалија - онаа на лековерноста. Кога луѓето ги читаат книгите на Маркс, понекогаш тие имаат тенденција нив да ги сметаат за религиозно пророштво, а не академски аргумент. Човекот што Делонг погоре го критикуваше го опиша своето читање на Капитал дека го потсетувало на она „на студентите кои ја читаат Библијата, Талмуд или Куран.“

Делонг е во право кога вели дека тоа не е начин на кој треба да се чита еден академски текст. Размислувањето на Маркс е строго производ на 19-от век, и некои негови идеи денес воопшто не држат. Неговиот приказ на историјата е сериозно комплициран од историчарите, во најмала рака. Неговите предвидувања дека стапките на профит со тек на време неизбежно ќе паднат на нула, не се остварија, ниту пак идејата дека индустријализацијата неизбежно ќе создаде радикализирана, интернационална работничка класа. (Една од важните лекции од ова е дека обидите за предвидување на големи периоди од историјата се осудени на пропаст.)

Оваа тенденција кон обожување на Маркс во најголем дел е последица на Првата светска војна, Октомвриската револуција, и последователното прифаќање на неговото размислување во Кина и насекаде низ земјите во развој. Кога Марксизам-Ленинизмот стана официјална партиска догма на Советскиот сојуз - во основа, државна религија - Маркс исто така стана човекот кон кој се вртеа луѓето што го мразеа Западниот капитализам, империјализам, или само општо не ги сакаа Западните моќи. Одвоени од секаква заинтересираност, марксистичките слогани стана обичен катехизам. (Дополнително, Капитал е тешка книга, и кога човек еднаш ќе разбере такво нешто постои природен инстинкт да се третира како еден вид интелектуален калауз.)

Лешек Колаковски, во својата магистерска книга Главните струи во марксизмот, успева неверојатно одблиску и детално да го чита филозофскиот развој кај Маркс и неговите следбеници, и заклучува дека најголемиот дел од бруталноста на Советскиот сојуз во основа беше втурната во марксистичката идеологија. Меѓутоа (како што можеш да очекуваш од филозоф) иако тој има извонредни поенти, во заклучокот дава премногу заслуги на деталната филозофија на Маркс а ни приближно доволно на историјата, социологијата и политиката од почетокот на 20-от век.

На крајот од краиштата, Ленин бил неверојатно добар организатор и политичар, но и потпросечен интелектуалец кој морал случајно да накалеми некои сирови дополнувања на Маркс за да го прикрие фактот дека Русија апсолутно не била соодветна за традиционална Марксистичка револуција. (Овие две работи веројатно не се неповрзани - како што тврди Ерик Хобсбам, идеолошката флексибилност на Ленин била една од неговите најсилни страни во водењето на револуцијата.) Ова го покажува и подлабокиот факт дека содржината на книгата и доктрините често пати се замотани до непрепознатливост за да им послужат на политичките потреби на луѓето. Зборовите на Исус Христос, отприлика најрадикалниот пацифист и борец за рамноправност што може да се замисли, се искористени за да оправдаат робовладетелство, репресивни полициски држави, војни за освојување, и многу други работи.

Да нема забуна, бруталната тиранија на сталинистичка Русија и маоистичка Кина имаа некои препознатливи карактеристики изведени од учењето на Маркс. За секој што го изучува Маркс, важно е да се идентификуваат и изолираат овие работи за да се разберат од каде доаѓаат, и зошто овие држави излегоа така ужасни - исто како што и кој било што би ги проучувал делата на класичните либерални економисти како Џон Стујарт Мил би требало да ја истражи нивната врска со трговија која се заснова на Ирската глад или Слободната држава Конго.

Меѓутоа луѓето мора да ја заборават замислата дека избегнувањето или прифаќањето на кој било човек или доктрина може да нè спаси од длабоките проблеми на организирање на човекова заедница. Нема едноставен начин со кој би можел да се заобиколи обемно читање, студирање и аргументирање; внимателно критичко размислување; и морален ангажман со останатите човечки суштества.

За среќа оваа чудна комбинација на стигма и лековерност полека бледее последниве години. Откако Советскиот сојуз одамна е мртов, а Кина комплетно напушта каква било сличност со Комунизмот, освен симболите, Маркс повеќе не е пророк на секуларна религија која сака да го освои светот. Од друга страна, од глобалната криза во 2008, пост-советскиот „крајот на историјата“ триумфализам на неолибералните капиталисти се покажа како лажно изгрејсонце. Самиот Делонг значително омекна на тема Маркс, опширно објаснувајќи во 2013 што тој смета дека се силни и слаби страни на неговите дела, и создавајќи прилично солидна левичарска листа за читање во 2016.

Во следните 100 години, ајде да го запаметиме Маркс како врвен интелектуалец - ни повеќе, ни помалку, кого можете да го читате без ужаснување или екстаза.

Рајан Купер,
Вик

5 мај 2018 - 21:20