Војна каква што прифаќам

Во Босна не живеат три нации туку три менталитети: едниот мисли дека е решение да се продолжи да се живее според Дејтон, на вториот тоа му е тешка тема и не го занима, а третиот е тежок југоносталгичар.

Мене воопшто не ми е проблем, господа крмаци од по сто кила и сто илјади евра во кеш, што вие ѕвечкате со оружје кое го немате. Не ми пречи ни што вашиот личен шофер секое сабајле ве чека пред вилата и ве носи на работа кадешто ништо не работите, малтретирате новинари и јавност, се однесувате како екскурзија во кафана. Не ми е голем проблем ни што на сомнителен начин приватизирате јавни фирми и нивни имоти.

Неможноста на дефинитивен банкрот се докажа на примерот на Грција, па некоја Меркелка ќе шприцне пари и во БиХ и ќе го спаси монетарниот систем. Вие сами, ние 4 милиони. Ако вие пар стотина можете да го уништите и покрадете она што го создаваат 4 милиони, и ако 4 милиони се доволно мрзливи вие да можете во црно да ги завиете, тогаш бестрага сè... не е некоја греота.

Меѓутоа, она што ми пречи, што ужасно ме боли е фактот дека јас, нечиј син, во ров со некој друг нечиј син, ќе јадам кал, ќе копам ровови и голорак ќе јуришам на комшијата, додека оној неговиот  со овој мојов седат на иста маса во Женева и јадат мрсно, a ние овде со кашикари играме одбојка во три сета. 

Ми пречи што ние децата, и нашите деца, младоста ќе ја потрошиме, насмевките ќе ги потрошиме, на вашите фотелји, вашите вили, имања и ливади. Ми пречи што повторно ќе гинат хероите од улицата, мангупите од трамваите, поетите од гимназиите, каратистите, олимпијците, уметниците, би гинела младоста, би исчезнувал животот и по којзнае кој пат крвавиот Балкан би се нагрнал со чоја од тага и проклетство. 

Само да ви кажеме дека нема да може така и дека стварно не сакаме, не сакаме за 10 години повторно да стрепиме дали ќе имаме три марки да платиме за кафе на девојката и на себе, додека вашите синови кои гинеа носејќи вреќи пари по странства возат најнови аута, убиваат недолжни луѓе по улици како резултат на излив на татковата фотеља во мозок.

Извинете, може ви звучи нелогично, ама мене мама ми даде три имиња кога се родив:

Јас сум Раде Алексиќ, татко на момчето кое бранеше свој пријател па потоа неговите, „патриотите“, борците за вистинската кауза, го убија зашто сакал да спаси балија....

Јас сум Мунира Субашиќ, мајка на синови кои се стрелани со врзани раце, сурово убиени, ускратени за младост - лудост, да се замараат со тоа како ќе платат кафе за себе и девојката....

Јас сум Ката Шољиќ, мајка на четири сина, четири домобрани, четири бели витези кои изгинаа бранејќи туѓа идеја за татковината, наместо такви бели да ја износат својата убавина и памет по белосветските сокаци.... 

Јас сум човек кој не е спремен да војува, не сум подготвен да понесам уште три имиња, премногу би било. Доста, мајку му! Ти Атифе купи си ранец, ти Милораде парадирај слободно, нека ти е со среќа, а ти Никола, олaбави малку, не си ти тој....

Извинете, ама единствената војна која ја прифаќам е онаа меѓу мене и зеленоокото девојче од другото племе околу тоа кај ќе одиме на вечера и кој филм после ќе го гледаме.

Mr.J

18 јануари 2017 - 16:03