Вие како сакате, ама органска храна не спречува рак

Додека алармирачкото ширење страв околу ужасните хемикалии во нашата храна само расте на популарност, реалноста е далеку поздодевна, објаснува за Гардијан епидемиологот од Сиднеј, Гидеон Мејеровиц-Кац.

Последниве децении едно од најистрајните помодарства околу здравиот животот е движењето за органска храна. Причина за тоа можеби е што сите сме преплашени од хемикалии, или можеби дека маркетингот има завршено одлична работа; во секој случај, речиси секој совет за велнес деновиве завршува со:

„Јадете органско. Подобро е за вашето здравје.“

Во нашиот модерен свет, оваа идеа звучи многу вистинита. Без пестициди, без генетски модификации, органската храна мора да биде подобра за нашето здравје.

Новата сторија која се појави оди во корист на оваа идеја. Медиумите низ цел свет објавуваат дека јадењето органска храна не само што е добро за планетава, туку може да спречи и рак.

Моменталната галама во медиумите се однесува на голема епидемиолошка студија која ги следи Французите (полнолетни) и нивните прехранбени навики. Истражувачи прашуваат група од 70.000 лица што јадат, и потоа ги следат по неколку години. По ова тие ги групираат луѓето заедно според тоа колку органска храна јаделе, и го споредиле ризикот на добивање рак во различни групи.

Тие откриваат дека групата која консумирала најмногу органска храна, по контролирање на потенцијалните варијабли, било помалку веројатно да заболат од рак. Храната имала одреден превентивен ефект за одредени типови рак, меѓутоа не на сите (простата, кожа, рак на дојка пред менопауза).

Но севкупно, органската храна спречила луѓето да добијат рак. Што секако е добра вест за луѓето кои се хранат со органска храна, нели?

За жал, тоа не е крај на сторијата.

Уште не почеток сакам да кажам дека ова беше едно од најдобрите епидемиолошки испитувања што сум ги видел веќе подолго време. Анализата беше брилијантна, предметот многу интересен, и иако не мислам дека значи нешто многу, ова сепак е одлично сработено парче наука.

Има и многу ограничувања на оваа студија, а секој што ја прочитал студијата виде дека најголем дел од нив ги признаваат и самите автори.

1. Мерката за внес на органска храна не беше најдобра, бидејќи се базираше на многу упростен прашалник. Ова го отежнува утврдувањето дали оваа студија прецизно го бележи внесот на органска храна, посебно затоа што е директно спротивна со други истражувања.

2. Чистота на примероците често пати е проблем во вакви студии бидејќи авторите може да ги контролираат варијаблите кои им се познати, ама има добра шанса дополнителни работи да влијаат на резултатите.

3. Луѓето кои јаделе органска храна биле далеку поздрави од оние кои не јаделе таква храна. Групата со највисок внес на органска храна имала и подобри оценки во секоја категорија (пушење, тежина, срцеви заболувања, итн) во споредба со оние кои најмалку јаделе, заради што мешањето на мерките е поверојатно.

4. Студијата е тешка за генерализирање, бидејќи најголемиот дел од учесничките се претежно ситуирани Французинки, кои не се примерок за светската популација.

5. Разликата во апсолутниот ризик е многу мала. Оние кои јаделе најмногу органска храна било 25% помалку веројатно да добијат рак, што е еднакво на намалување на апсолутниот ризик од само 0,5% (за разликата меѓу апсолутен и релативен ризик читнете тука https://medium.com/s/journalists-are-wrong-about-health/bathtubs-are-sc…).

6. Овие резултати не важат за мажи, младинци, помалку образувани, луѓе кои никогаш не пушеле или не пушат сега, или (и ова е многу важно) за оние со севкупно висок квалитет на исхраната.

Сето ова нè носи до навистина интересно прашање.

Што на тебе ти значи оваа студија?

Секогаш е тешко да се каже што научните студии точно значат за тебе, бидејќи тие не се пишуваат имајќи го предвид просечниот човек. Постои едно општо правило кога се во прашање големи епидемиолошки студии кое секогаш го протежирам:

Остави ја епидемиологијата, бидејќи таа многу малку значи за твојот живот.

Оваа студија е добар пример. Дури и ако ги игнорираме големиот број ограничувања, префрлањето на најголемиот дел од исхраната на органска, што е голем трошок, до крајот на твојот живот само за потенцијално да го намалиш ризикот од рак за 1% е многу да се бара од човек. Многу повеќе би извадил од вежбање дополнителни 30 минути неделно, или намалување на алкохолот, или намалување на пушењето, отколку од двојно зголемување на цената на твојата исхрана.

Но земајќи ги предвид ограничувањата, тешко е што било да се извлече од оваа студија. Ако си машко, имаш високо образование, или не пушиш, според оваа студија нема причина зошто да јадеш органска храна. Всушност, главната група на која органската храна изгледа дека и помага се пост-менопаузални Французинки, и иако тоа е интересно откритие тоа сепак ја ограничува апликабилноста на студијата за голем дел од човештвото.

Исто така тука се и претходни студии во оваа област кои доаѓаат до целосно поинакви резултати. Една студија со повеќе од 600.000 луѓе открива дека јадењето органска храна не довела до никакво намалување на ризикот, заради што оваа новата студија изгледа малку розово.

Исто така, нема многу докази зад теоријата дека органската храна е поздрава, посебно затоа што дел од забелешките околу конвенционалното земјоделие - ГМО е одличен пример - решително се докажани дека се безбедни.

За крај една работа која е навистина важна: ако ги погледнеш резултатите на оние кои имале висока оценка за квалитетот на исхраната, органската храна ништо не придонела. Не направила никаква разлика. Излегува дека ако јадеш балансирана исхрана со многу свежо овошје и зеленчук, не е важно дали ќе се решиш за органска или конвенционално одгледувана храна.

Не верувајте на галамата.

Органската храна не спречува рак.

Гидеон Мејеровиц-Кац.

6 ноември 2018 - 14:26