Важноста да се биде Шарли

Филип Лансон еден од преживеаните новинари од масакрот во Шарли Ебдо, неодамна објавува мемоар од целиот настан во кој се открива херојството на луѓето што загинаа за правото некој да биде навреден.

На 7 јануари пред пет години, членовите на уредничкиот тим на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо имаа редовен уреднички состанок. Една од темите за кои се разговара е неодамнешно интервју што Мишел Уелбек го дава за една француска радио станица. Лансон, кој како колумнист на Шарли Ебдо е присутен на уредничкиот состанок, го прочитал се уште необјавениот нов роман на Уелбек „Покорување“, кој дента треба да има премиера. Колегите на Лансон во Шарли сакаат тој да напише колумна за Уелбек за следниот број.

Како што Лансон се присетува во својот нов мемоар „Немир: Преживувајќи го Шарли Ебдо“ (Disturbance: Surviving Charlie Hebdo) останатите на состанокот жестоко противречеле околу Уелбек. Кабу, еден од карикатуристите на Шарли, го нарекува Уелбек „реакционерен“. Бернар Марис, уредникот на Шарли, пак го брани. Токму кога Марис се обидува да го убеди Лансон да ја напише колумната кога од ходникот надвор да се почнуваат да се слушаат „петарди“. Масакрот во Шарли Ебдо започна.

Прв е убиен Фредерик Боисо, кој седи на приемно. Кога исламистичките убијци влегуваат во салата за состаноци, тие го бараат Стефан Шарбоние, познат како Шарб, кој е следниот убиен. Потоа отвораат беспоштеден оган во канцеларијата, убивајќи ги, меѓу другите, Марис, Кабу, и карикатуристите Жорџ Волински и Филип Онор. Убиени се вкупно 12 луѓе.

Лансон преживува, но со катастрофални повреди на лицето. За време на неговото долго закрепнување во болница, тој открива дека неговиот хирург ја прочитал „Покорување“ од Уелбек. И не му се допаднала. Раскажувајќи го уредничкиот состанок на својот хирург, Лансон изјавува: „Ние не се согласувавме (за Уелбек). И тогаш дојдоа убијците и направија сите да се согласиме.“ Ова е важна опсервација. Метата на исламистичките убијци не се само поединечните автори и карикатуристи во просторијата, кои тие ги обвинија дека го навредиле пророкот. Мета е слободата на луѓето да го кажат она во што веруваат. Нашата слобода да не се согласуваме, да се расправа околу некое гледиште. Убиствата беа заканувачка порака испратена до слободумниот свет.

Масакрот од 7-ми јануари не беше прв пат Шарли Ебдо да биде мета на исламисти. Во неговите канцеларии беше фрлена бомба во 2011 откако на насловната страна објавија карикатура на Мухамед. До 2015, весникот рапидно губеше читатели („неблагодарници!“ како што вработените на весникот ги нарекуваа). Има еден впечатлив момент во „Немир“ кога Лансон пред уредничкиот состанок сфаќа дека повеќе не може да купи примерок на Шарли Ебдо од локалната трафика. „Влеговме во ново доба,“ вели Лансон. „Ја сфативме итрината на овој тесноград гнев кој ја трансформираше општествената борба во дух на нетрпеливост.“ Точно е дека Шарли очигледно се измачуваше да преживее во култура која нетрпеливо чекаше да биде навредена од нешто. Но, за Лансон, проблеми имаше и внатре во Шарли. Тој пишува дека „начинот на размислување во Шарли е застарен“. Тој иронично забележува дека до јануари 2015 „исламистите и помалку цивилизираните непријатели“ се меѓу последните лојални читатели на весникот.

По масакрот, Шарли беше славен, иако кратко. Демонстрантите излегоа на улиците низ Франција држејќи знаци на кои е испишано „Je suis Charlie“. „Убијците инстантно му дадоа на весникот симболичен, меѓународен статус кој ние, како негови автори, би сакале да го немаме,“ пишува Лансон.

Неговото тврдење дека на Шарли не му се допаѓа меѓународното внимание не звучи вистинито, посебно имајќи предвид дека уредниците на Шарли ја донесоа храбрата но провокативна одлука на насловната страна во првиот број по масакрот да објават карикатура на Мухамед - одлука која јасно предизвика мешавина од пофалби, амбивалентност и гнев. Шарли можеше да се повлече од разјарената дебата околу слободата на изразување која беше распалена од масакрот. Херојски, тие избраа да не го направат тоа.

„Немир“ не е политичка книга. Тоа е книга за закрепнување. Како што нејзиниот наратив напредува, така светот станува се по тесноград. Разбирливо е што Лансон се почувствувал дека не е во состојба да влезе во политичката дебата по масакрот, додека неговото лице се уште се реконструирало. Меѓутоа светот на болницата е премногу мал за да го одржи дејството во речиси 500 страници.

Лансон пишува за дефанзивноста што ја открил пост-масакрот. За постојното исламистичко насилство тој пишува дека „луѓето се преправаат дека тоа не се случува, но што повеќе би можеле да направат?“ Но Шарли дава одговор: луѓето можат да вратат. Да ги навредат оние што сакаат да ги замолчат критиките. Да ги разгневат оние што заслужуваат да бидат разгневени.

Ужасна иронија е што требаше да се случи масакар во канцелариите на Шарли Ебдо за да стане јасно колку е важно да имаш слобода да навредиш некого.

Шарли продолжи да шокира. Во јуни минатата година, за да го одбележи почетокот на женското Светско фудбалско првенство, тие објавија насловна со огромна вагина. Текстот беше „Со месеци ќе го џвакаме ова!“ Сурово? Секако. Но правејќи масовни навреди, Шарли препознава дека ортодоксноста е опасна. Неговата мисија да навредува е благородна, посебно во општество што е толку подготвено да ја користи заканата од навредување за да замолчи некоја дебата.

Пет години по масакрот, духот на Шарли никогаш не бил помалку „застарен“ и повитален.

Лук Гитос

10 јануари 2020 - 16:53