Се претера, Вајнстину се претера

Секое флертување на работното место, макар било дебилно, не значи дека по автоматизам е сексуално малтретирање, смета колумнистка на ЛА Тајмс. Фактот дека постојат крипови (како мажи така и жени) кои навистина малтретираат не значи дека работната средина треба да стане потполно стерилна и дехуманизирана.

„Сексуалното малтретирање на работно место, или каде и да е, е неприфатливо. Дури и инфантилното глупирање кое не преоѓа во злоставување треба да се обесхрабрува, особено од луѓе кои имаат моќ. Од друга страна, сексуални интеракции неизбежно ќе се случуваат, барем  додека работната средина не е регулирана до дехуманизирачко ниво“. пишува Кети Јанг за актуелната морална паника и лавината обвиненија за сексуално вознемирување во САД, феномен кој таа го нарекува „вајнстинирање“ а кој полека се отргнува од контрола.

Пејачката Маријана Кол деновиве имаше твит кој имаше илјадници ретвити и лајкања а гласеше: „Дечки, дали сте свесни дека ние жените би биле многу посреќни ако колегите воопшто не би флертувале со нас?“

„Дали е баш така?“, прашува Јанг која вели дека речиси сите момци со кои излегувала ги запознала на работа или преку работата.

Да се смуваш со некого од работа и не е така необична појава, дури и во време на апликации и онлајн запознавања. Едно истражување од пред две години покажа дека мажи и жени помлади од 35 години имаат двојно повеќе шанси нивен партнер да е некој од работа (17,9%) отколку од онлајн комуникација (9,4%).

А колумнистката потсетува и дека не така одамна (пред 8 години), на една академска конференција сосема нормално се одвивала дискусија (модерирана од две професорки) за сексот кој се случува на академски семинари и конференции. Без морализирање, без паничење.

Позитивно е што се разоткриваат сексуални предатори кои имаат моќ во своите раце но не и кога цели животи и кариери се упропастуваат заради баналности, пишува Јанг потсетувајќи на скорешниот пример со екс директорот на Амазон студиос кој доживеа целосна деградација затоа што на времето, на колешки им добацувал сељачки финти и досетки.

„Додека се давиме околу овие теми очајно ни е потребно нијансирање. Ајде да правиме разлика меѓу малтретирање, лошо однесување и невино недоразбирање. И ајде да не ги демонизираме мажите и да не ги патронизираме жените“, предлага Јанг во ЛА Тајмс.

9 ноември 2017 - 15:18