Писмо до ЕУ од Западен Балкан

Четиринаесет години по Солун, ние сфативме дека ти стварно не нè сакаш нас - и почнавме да се однесуваме соодветно на тоа.

Драга тетка Европа,

Ти пишувам во име на твоите сиромашни роднини од Западниот Балкан: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Албанија. Ги знаеш - непослушните.

Пројде време. Треба да разговараме.

Пред четиринаесет години, во Солун, дадовме свечена заклетва дека еден ден, во не многу далечна иднина, на сите нас ќе ни биде дозволено да се вселиме во твојата голема куќа во Брисел и како еднакви да седнеме на масата.

Се што треба да направиме, како што тогаш ни кажа, е да се прибереме: да бидеме фини со тебе, да научиме да си играме едни со други, и да научиме манири за да не те срамиме пред гости.

Меѓутоа наградата никогаш не дојде. Деценија по Солун, само Хрватска ја доби посакуваната покана, и од кога влезе, веднаш ги прекина сите врски со нас. Сега таа се преправа дека е дел од "јужно-централното европско-медитеранско" потекло, а зборот "Балкан" ги нема прекорачено нејзините усни.

Како што постепено сфативме дека ти не сакаш вистински да ти се приклучиме, така полека почнавме да се опуштаме. А ти изгледаш како да не нè примети.

Да не се сфатиме погрешно, знам дека имаше, и се уште имаш, свои проблеми, со финансиската криза, и мигрантската криза, и терористичката криза, и испловувањето на Британија. Ние сакавме да дојдеме да понудиме помош, ама ти цело време нè држеше на дистанца.

Па ние се преправавме дека се реформираме, а ти се преправаше дека твојата покана е се уште важечка. И така е веќе некое време.

Со тек на време и на двајцата ни се смачи да се преправаме. Ти рече дека нема да има зголемување на ЕУ до 2020; а потоа почна да зборуваш и за 2025.

Ја сфативме пораката. Ти се откажа од нас, па ние се откажавме од тебе - и од самите себе. Се вративме на старите болести.

Види нè сега: Србија пак се претвора во насилник; на Косово, едвај 9 години старо, му досадија играчки и бара вистински тенкови и пушки; Босна самата себе се растура. Црна Гора мисли дека е на врв на светот; Македонија е суицидална; Албанија седи во ќош по цел ден, и се мурти.

Партали.

Почнавме да си играме и со лошите деца, како Влад, и Реџеп, и Абу Бакр, и тоа новото портокалово дериште Дони. Ни кажа да не се дружиме со него, ама во твое отсуство, ни требаа другари. Може па и не се толку лошо колку што ги збориш.

И така конечно го привлековме твоето внимание. Чувме дека минатата недела имало голема семејна вечера во Брисел, и дека ние сме биле меѓу главните теми на муабет. Нормално не бевме поканети. Ние никогаш не сме поканети.

Ама ја сфативме пораката - "заклучоците" како што ти ги викаш - од настанот. Си приметила дека сме немирни и нестабилни. Викаш дека си загрижена. И сето ова го препишуваш на "надворешни влијанија". Стварно? Демек ние бевме добри деца ама најдовме лошо друштво. Тоа е понижувачки.

Да разјасниме: ние не сме добрите, барем повеќе не, и веројатно никогаш не сме ни биле. Ти се обидуваше некое време, и тоа не успеа. Исто така, ние сме совршено способни самите да направиме пустош без помош од никого, и тоа до сега треба да ти е јасно.

Исто така рече, во истата порака, дека и понатаму си посветена на старото ветување од Солун. Извини, ама тоа веќе не е доволно.

Уште те сакаме и чезнееме. Ама ти покажа, пак и пак, дека единствен начин да ти го привлечеме вниманието е да направиме што е можно поголем проблем од самите себе. А допрва почнуваме.

Немој да кажеш дека не си била предупредена.

Искрено твој,
Западен Балкан.


Дејан Анастасијевиќ

*********

Реакција од читател:

Прво и основно, дали Ти, Дејан Анастасијевић, некогаш си го осознал тој факат, и меѓу другото си се помирил со тоа, дека си директен потомок на народ што го дал најорганизираниот отпор кон нацизмот за време на втората светска војна на територијата на Европа? Факт кој што сè уште е неоспорен во планетарни рамки, меѓутоа оспорен и те како на овие Балкански простори во последниве 25 години, поради некои ситно профитерски и соодветно на тоа спонзорирани „националистички“ интереси, се разбира преќутно одобрени од сите нас. Дали си Ти Дејане, во најмала рака си свесен од кого го влечеш твоето презиме? Јас лично горам од желба да знам дека си свесен. Бидејќи оваа територија, овој ебен Балкан, оваа лулка на 2 и пол светски војни во планетарни рамки, е преполна со празноглавци, кои несвесни за потеклото на своето второ име, се во состојба да се испозакољаат, и во најмала рака да си ги извадат очите, околу истории стари со 1000ци години.

Искрено да ти кажам, не бев свесен ниту јас, обично селско дете, израснато во непосредна близина на најнезначајниот главен град во една држава, што повеќе од 1/4на век не постои. Заебано е да си задоен со рационалистичка-природонаучна агенда во време кога светот во твоја непосредна близина има тенденција драстично да се менува. Кога почнуваат некои лажни пророци да сервираат некои лажни вредности, а масите, масите луѓе кои сите сме ги сметале за бубрегот израснат во лојта излачена помеѓу западното и источното, ги прифаќаат. Масите, масите потомци на оние што дадоа преку 1,5 милион жртви во борбата против нацизмот и ги победија лигушите на Хитлер. Истовремено и масите потомци на тие што му рекоа НЕ на Стаљин во 48ма и беа спремни со крв и оружје да ги одбранат границите на таа тогашна држава од агресијата на Советската армија. Масите, кои станаа во ова денешно време најголемите губитници во овие цивилизациски и планетарни рамки.

Не знам како поинаку да ти илустрирам. Седиме пред некои 10тина години, едно сосема спонтано и несекојдневно друштво, во еден локал, во непосредна близина на булеварот Маршал Броз Тито (Rua Marechal BrósTito) во Луанда, Ангола. Меѓу другите, извесен Мате од Сплит, некојси Милан од Чачак, и јас Даниел од Скопје. И сите заеднички дискутираме наши заклучоци и перцепции за едно не така дамнешно време, што повеќе не постои. За тоа како е кога сите те знаат кога ќе кажеш дека си од Југославија, а никој не знае кој си ако им кажеш за државата од која што во моментот доаѓаш. Некогаш си живеел во земја што имала културолошко и политичко влијание во светски рамки (види слика атач), а сега живееш во к***ц. Некогаш си живеел во земја што величала некои текови, како на пример тој на Братство-Единство, Знаење-Имање, Смрт на фашизмот- Слобода на Народот... итн., а денес најверојатно живееш во земја што ја гледаат како некаков паразитски израсток на слепото црево на т.н. Европа (извини ама не знам каде точно живееш).

Како точно дозволивме да се случи тоа? Како дозволивме од победници да станеме жртви? Како дозволивме од научници и инженери способни да произведат бродови, подморници и борбени супер-сонични авоини да станеме просјаци и паразити? Како дозволивме од мировници и иницијатори на неврзани движења да станеме етикети и примери за применет национализам, мржњи и брато-убиствени војни? Зарем ќе се помириме дека сето тоа беше само некоја недостижна идеологија и фарса? Дека сите оние жртви за победа на фашизмот паднаа поради егото и суетата на само една личност? На чии плеќи и шарм паразитски се шлепавме скоро 50 години на оваа планета без да се потрудиме да осознаеме подалеку за сите тие животоважни идеали и пораки? Без да ги запознаеме крвавите жртви, идеали и гробови на нашите предци?

А замисли само кај ќе ни беше крајот? Да издржевме уште некое десетлетие? Со онаква држава.. Америте од лева.. Русите од десна.. а ние во средина..

Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Поздрав од Даниел Анастасов

13 март 2017 - 17:36