Неолиберализмот мора да биде прогласен за мртов и погребан. Сега каде?

Со децении САД и останатите ја тераа агендата на слободен пазар која спектакуларно разочара, пишува добитникот на Нобел за економија и професор на Универзитетот Колумбија, Џозеф Стиглиц.

Кој економски систем најмногу придонесува за доброто на човекот? Ова е прашањето што ја дефинира сегашната ера, бидејќи по 40 години неолиберализам во САД и останатите напредни економии, знаеме што не функционира.

Неолибералниот експеримент - ниски даноци за богатите, дерегулација на пазарите на труд и производи, и глобализација - се спектакуларно разочарување. Растот е понизок отколку што беше во 25-те години по Втората светска војна, а и најголемиот дел од него се оствари кај најбогатите. По децении стагнирање па дури и пад на приходите на оние под нив, неолиберализмот мора да биде прогласен за мртов и да биде закопан.

Во натпревар за негов наследник се најмалку три водечки политички алтернативи: крајно десен национализам, централно лев реформизам и прогресивната левица (додека централно десните го претставуваат неолибералниот неуспех). И сепак, со исклучок на прогресивно левите, овие алтернативи остануваат верни на некоја форма од идеологијата на која и мина времето.

Централно левите на пример претставуваат неолиберализам со човечки лик. Нивната цел е политиките на Бил Клинтон и Тони Блер да ги вратат во 21-от век, правејќи минимални ревизии на преовладувачките модели на финансијализација https://en.wikipedia.org/wiki/Financialization и глобализација. Истовремено, националистичката десница се одрекува од глобализацијата, обвинувајќи ги имигрантите и странците за сите своите денешни проблеми. Сепак, како што покажа владеењето на Доналд Трамп, таа не е ништо помалку посветена, барем во својата американска варијанта, на даночни олеснувања за богатите, дерегулација и намалување или елиминирање на социјалните програми.

За споредба, третиот камп се залага за она што јас го нарекувам прогресивен капитализам, кој нуди радикално поинаква економска агенда, базирана на четири приоритети. Првиот е враќање на балансот меѓу пазарот, државата и граѓанското општество. Бавниот економски раст, растечката нееднаквост, финансиската нестабилност и уништувањето на животната средина се проблеми создадени од пазарот, и затоа тие не можат и нема да бидат решени само од пазарот. Владите имаат должност да ги ограничат и оформат пазарите преку еколошка, здравствена, трудова и останати форми на регулација. Исто така работа на владите е да го направат она што пазарите не можат и не сакаат да го направат, како активно инвестирање во основно истражување, технологија, образование и здравје на своите гласачи.

Вториот приоритет е да се признае дека „богатството на нациите“ е резултат на научни истражувања - изучување на светот околу нас - и организација на општеството која дозволува големи групи луѓе да работат заедно за општо добро. Пазарите и понатаму ќе играат клучна улога во спроведување на соработката во општеството, меѓутоа ќе и служат на оваа цел само ако се управувани од владеењето на правото и ако подлежат на демократски контроли. Во спротивно, поединците ќе можат да се богатат експлоатирајќи ги другите, вадејќи богатство преку рентиерство (зголемување на личниот удел на богатство без создавање на ново богатство) (https://en.wikipedia.org/wiki/Rent-seeking) наместо создавање богатство преку автентична генијалност. Голем број од денешните богаташи ја искористија експлоатацијата за да стигнат до таму каде што се. Тие беа послужени од политиките на Трамп, кои поттикнуваат рентиерство додека истовремено ги уништуваат столбовите на создавањето богатство. Целта на прогресивниот капитализам е токму спротивното.

Ова нè води до третиот приоритет: решавање на растечкиот проблем со концентрација на пазарната сила. Искористувајќи ја предноста во информациите, купувајќи ги потенцијалните конкуренти и создавајќи пречки за влез, доминантните компании се ориентираат кон рентиерство на штета на сите други. Подемот на корпоративната пазарна сила, во комбинација со падот на капацитетот за преговарање на работниците, објаснува многу околу тоа зошто нееднаквоста е толку висока а растот толку слаб. Доколку владите не преземат поактивна улога од онаа што неолиберализмот ја препишува, овие проблеми најверојатно ќе станат многу полоши како последица на напредокот во роботизацијата и вештачката интелигенција.

Четвртата клучна точка во прогресивната агенда е да се прекинат врските меѓу економската моќ и политичкото влијание. Економската моќ и политичкото влијание меѓусебно се засилуваат и се одржуваат, посебно онаму, како во САД, каде богатите поединци и корпорациите можат неограничено да трошат на избори. Како што САД се повеќе се приближува кон фундаментално недемократскиот систем на „еден долар, еден глас“, системот на проверки и кочници кој и е толку неопходен на демократијата најверојатно нема да издржи: ништо нема да може да ја ограничи моќта на богатите. Ова не е само морален и политички проблем: економиите со помалку нееднаквост во пракса имаат подобри резултати. Реформите на прогресивниот капитализам затоа мора да започнат со ограничувањето на влијанието на парите во политиката и намалување на нееднаквоста во богатството.

Не постои магично решение кое ќе ја поправи штетата направена од децениите неолиберализам. Меѓутоа сеопфатна агенда во рамките што погоре ги означив апсолутно ќе може. Многу ќе зависи од тоа дали реформаторите се одлучни во решавањето на проблемите како претераната пазарна сила и нееднаквоста, како што приватниот сектор е решителен во нивното создавање.

Сеопфатна агенда мора да се фокусира на образованието, истражувањето и останатите вистински извори на богатство. Таа мора да ја заштити околината и да се бори против климатските промени со иста жестокост како што тоа го прават поборниците за Зелениот нов договор во САД и Бунтот против изумирањето во Британија. И таа мора да понуди јавни програми кои ќе осигурат дека на ниту еден граѓанин нема да му бидат ускратени основните предуслови за пристоен живот. Ова вклучува економска безбедност, пристап до работа и плата од која може да се живее, здравствена заштита и соодветен дом, безбедна пензија, и квалитетно образование за неговите деца.

Оваа агенда е извонредно поволна: всушност, не можеме да си дозволиме да не ја спроведеме. Алтернативата што доаѓа од националистите и неолибералите гарантира уште повеќе стагнација, нееднаквост, деградација на околината и политички гнев, кој потенцијално ќе доведе до исходи кои никој не може ни да ги замисли.

Прогресивен капитализам не е оксиморон. Всушност тој е нај изводлива и жива алтернатива на идеологијата која очигледно не успеа. Како таков, тој преставува најдобрата шанса што ја имаме за да излеземе од нашите сегашни економски и политички проблеми.

Џозеф Стиглиц,
Гардијан

31 мај 2019 - 15:52