Не запнувајте, не можете да го победите национализмот

Токму со таков наслов, Форин полиси објавува текст за илузиите дека национализмот може да биде избришан туку-така, само ако, ете, малку се потрудиме. Авторот е професор по меѓународни односи на Харвард, па ваљда му е јасно дека тој феномен кој го обликува светов во последната половина милениум, не може да се победи само затоа што „напредни“ упорно ќе викаат дека е „назаден“.

Во далечната 2011 година, за Форин полиси напишав текст за „најмоќната сила на светот.“ Притоа, на ум не ми беше нуклеарното одвраќање, интернетот, Господ, Леди Гага или пак берзата, туку национализмот. Идејата дека луѓето создаваат различни племиња базирани на заедничкиот јазик, култура, етницитет и само-сознание, како и идејата дека таквите групи треба самите себе да се управуваат, тоа ја има обликувано историјата во последните 500 години на начин на кој многумина не се доволно свесни, пишува Стивен М. Волт, утврдувајќи дека оттогаш се нема случено нешто што би му го променило мислењето. Брегзит, Трамп (“Make America Great Again”), кинеското враќање на големата сцена, сериозни политички сили во Франција, Австрија, Италија, Унгарија, Полска. „Каде и да погледнете во денешниов свет, национализмот е во игра“, вели тој.

Зошто национализмот е толку моќен а неговото влијание толку важно?

За почеток, затоа што луѓето се друштвени битија. Од моментот кога се раѓаме, ние припаѓаме на некоја заедница - семејство, племе, село, провинција и денес - држава. Бидејќи зависиме од оние околу нас, луѓето научиле да ги препознаваат групните карактеристики и разлики. Способноста брзо да се препознае пријател и непријател некогаш било круцијално за преживување и тоа има едноставни индикатори („Го зборува мојот јазик“, „Изгледа поинаку од моите“). Сето тоа се еволуциски императиви. Не дека ние не можеме да видиме и отаде групната припадност и да се поврземе и со други, но имаме силна склоност посилно да се идентификуваме со оние кои се „како нас“.

Денес нациите се најголемите групи кои успеваат да одржат една постојана привлечност за нивните членови. Бенедикт Андерсон ги нарекува „замислени заедници“ во кои иако тотални странци еден за друг, луѓе се сметаат и се признаваат како свои. Џон Мешмајер пак, смета дека моќта на национализмот делумно извира од симболичката врска со државата. Таа има сила, средства и мотив да го поттикнува национализмот бидејќи оние кои се лојални, подготвени се повеќе да се жртвуваат. На тој начин се создаваат посплотени национални економии и попродуктивно население.

По слична логика, бидејќи националните групации кои немаат држава се поранливи на освојување, прогон или асимилација, нациите решаваат дека да се има држава е најдобриот начин да се обезбеди опстанокот како независна култура група. Несреќните судбини на Курдите, Палестинците или Тамилците го потврдуваат тоа. Националните движења се борат своите групи да ги подигнат на ниво на земји членки на ОН, додека постоечките држави во кои тие дејствуваат, се борат да ги спречат во тоа и да имаат што е можно похомогено и пообединето тело на лојални граѓани. Во екстремни случаи, мнозинствата биваат протерани (Грција со Македонците), убивани (Грција со Македонците) или пак ре-образувани (Грција со Македонците; денес тоа го прави Кина со луѓето  од Ујгур)

„Земени заедно, овие два елемента ни помагаат да сфатиме зошто национализмот денес останува толку силна, моќна и упорна сила. И не бидете наивни, неговото влијание е длабоко. Дури и претерано образувани и генерално скептични индивидуалци (ете ме мене!) не се имуни на неговите ефекти. Зошто јас кукам што нема Американец во врвната топ листа светски тенисери? Зошто ми недостасува американски тим на светски купови? Не затоа што лично ги знам тие спортисти или пак им се восхитувам баш на нивните индивидуални квалитети. Можно е истите да се тешки кретени. Ама навивам за нив бидејќи се Американци. Иако се сметам за космополит кој е отпорен на привлечноста на националната гордост, не можам сосема да избегам од тоа“, пишува  Стивен М. Волт.

Постојат причини зошто треба да бидеме претпазливи кон овој моќен феномен, вели тој.

Како прво, националниот сентимент знае да биде експлоатиран од политички лидери, вклучувајќи ги и најголемите демагози меѓу нив. Покривајќи се со патриотски мантри, вонаби авторитарци како Орбан или цинички опортунисти како Борис Џонсон успеваат даги убедат следбениците дека тие се единствената одбрана од националното пропаѓање или пак исчезнување. 

Второ, националните наративи овозможуваат двојни стандарди. САД, оние кои се довлечкаа до Ирак за да го бомбардираат на основа на фабрикувани податоци, денес ѝ приговараат на Русија за она што го направи во Украина.

Трето, национализмот може да спречува политички компромиси, посебно кога во нив е вклучена  „света“ територија. Нема рационални причини зошто Србија сака да го задржи Косово кое е полно со непријателски расположени Косовари а притоа тоа парче не е ни од голема стратешка или економска важност. Но, Белград не можеше да се откаже од него бидејќи го смета за лулка на српскиот национален идентитет. Слични се територијалните спорови во Кашмир, Источнокинеското море, Сахалинскиoт остров... Не толку одамна, државите купуваа/продаваа територии без многу контроверзи. Така Америка ја купи Луизијана од Французите и Аљаска од Русите. Денес нема такви работи бидејќи национално сензибилизираната популација тоа би го доживеала како продажба на света територија.

Четврто, национализмот е потенцијален извор на претерана самодоверба бидејќи повеќето национални митови во себе носат поттекст на супериорност. Не само што се разликуваме од другите туку сме и подобри од нив. Национализмот тешко се разликува од националната гордост а таа е верување дека странци тешко би можеле со нас, само доколку светов би бил фер.

„Национализмот не е без свои доблести. Да убедиш поединци дека е добро да се стори нешто за заедничко добро не е лоша работа. А и здраво ниво на политичка обединетост и гордост на својата земја е подобра отколку отворени конфликти по сите линии кои ги атомизираат демократиите. Бинационални или мултинационални држави без традиција на асимилација немаат баш привлечни историјати а напорите да ѝ се даде автономија на секоја можна национална групација во една земја веројатно би водела до разорни степени на дисфункционалност и евентуално распаѓање.

Во секој случај, национализмот нема никаде да замине. Предизвикот е да се признаат неговите вредности и да се ограничат неговите мани. Ако за ништо друго, на национализмот треба да му се признае упорноста. Меѓу другото, здрава почит на моќта на национализмот ги обесхрабрува најмоќните држави да го обликуваат целиот свет по своја мерка,“ вели професорот по меѓународни односи од Харвард.

9 јуни 2019 - 08:27