Кевин Спејси е невин

Зошто сите му веруваат на оној кој го обвинува Спејси, а никој не му верува нему? Во цивилизирано општество би требало да е обратно. Во едно цивилизирано општество ние би се сомневале во оној кој обвинува, и би ја претпоставиле невиноста на обвинетиот. Но станува сè поочигледно дека не живееме во цивилизирано општество.

Како што се гледа по хистеријата со скандалот со Вајнстин и нарцисоидната зараза со #MeToo (хаштаг кој стана вирален на социјалните медиуми во октомври 2017 како одговор на претходното), живееме во општество каде обвинението претставува доказ. Каде самото обвинување може долгорочно да ѝ наштети на нечија репутација. Се плашам дека се уште не сме сфатиле колку загрижувачка и ужасна е оваа состојба.

Веднаш штом актерот од Стар трек: Дискавери, Антони Реп, изјави дека Спејси му се пуштал во 1986, кога Реп имал 14 години, интернет збувна од гласини дека Спејси е педофил. Изгледа дека сите му веруваат на Реп, и сакаат светот да знае дека тоа е така. „Му верувам“, твитаат луѓето. „СЕКАКО дека ти веруваме“, вели граѓанскиот активист - читај: професионален твитерџија - Даниел Мускато. Еден комичар вели дека треба да го употребуваме вистинскиот термин „за она што тој го направил“ - дека се работи за „малтретирање деца“. „Она што тој го направил“. Каква ароганција. Какво мислење на стадото. Како знаеме дека Спејси го направил тоа? Затоа што еден човек рекол така. Да бевме барем малку приврзани кон идеалите на разумот и праведноста, градбените елементи на цивилизацијата, ова немаше да биде доволно. Всушност, ќе беше далеку од доволно.

Спејси вели дека не се сеќава на нападот. „Искрено, не се сеќавам на средбата“, вели тој во изјавата, пред да каже дека доколку тоа се случило, тогаш жали за истото (Кој ги советува овие луѓе? Не се извинувај за нешто што не се сеќаваш дека си го направил.) Спејси, на неговиот лигав начин, го става под прашање обвинувањето на Реп. И знаете што? Сите би требало да го правиме тоа. Поради три причини:

Прво, затоа што наводниот инцидент се случил пред 31 година! Тачер и Реган беа на власт. Марк Цукерберг имаше две години. Бој Џорџ се појави во серијата The A-Team. Сосема е можно - всушност, сосема веројатно - господин Реп погрешно да се сеќава на нешто што се случило толку одамна. Сите имаме замаглени сеќавања за настани што се случиле пред децении.

Второ, затоа што г-дин Реп го направи своето обвинување како дел од феноменот #MeToo, што можеби влијаело на тоа како тој гледа на овој наводен настан, кој е стар третина век. Како дел од оваа кампања, поединците можат многу брзо да се стават себеси во позиција на морални и културни авторитети, преку тврдењето дека биле жртви на злоупотреба од страна на славна личност. Дали може да се согласиме дека оваа атрактивна можност, ветување за културен престиж би можело - само би можело - да влијае и врз сеќавањето на Реп за она што се случило и врз неговата одлука токму сега да обвини?

И трето, затоа што тоа е она што ние треба да го правиме. Треба да веруваме во невиноста на секој обвинет за злодело или несоодветно однесување, сè до моментот во кој поротата би била убедена, без сомневање, дека тоа е она „што тој го направил“.

Потребно е да сме на иста страна со обвинетиот. Тоа е цивилизирано: брани го обвинетиот. Треба да инсистираме на неговата или на нејзината невиност додека вината соодветно не се докаже. Но денес твитерџиите, медиумите, феминистките и сè почесто политичката класа - види ја оваа наапана, „и јас!“ сексуално злоставувачка паника која сега се шири низ британскиот параламент - се ставаат на страната на обвинителот. Или стојат зад нив, со факели во рака, извикувајќи: „Ти веруваме! Избркај ја гнидата/силувачот/педофилот од Холивуд, од медиумите, политиката итн.“ Зошто воопшто да се занимаваме со закони? Веројатно секој обвинет за кривично дело треба да биде обесен пред твитерџиите и парламентарците опседнати со трендови. „Му верувам на обвинителот“, ќе викаат тие, пред да го прогонат обвинетиот од јавниот живот. Треба само да сме благодарни што не се во употреба средовековните справи за мачење.

Брендан О'Нил

8 ноември 2017 - 08:34