Боро Дежуловиќ:

Дојчланд убер Алах

Ми ѕвони некни во два по полноќ Кожо да ми каже виц. Има тој таков обичај, да сврти во глуво доба од кафана за да раскаже виц.

Елем, работел Мујо како ѕидар во Германија, кога еден ден изгореле бараките во градилиштето во кои спиеле работниците па на една ноќ - додека не им го средат сместувањето - ги сместиле во хотел. Баш вистински хотел и тоа каков: во собата голем воден кревет, огромен плазма телевизор со милион канали и мини-бар со десет вида пиво, а во големото купатило огромно огледало, лежерна музика и раскошен џакузи со позлатени славини. "

Пу!", си плукнал Мујо во себе, "што не е недела па да се избањав."

Има безброј такви вицови, сте чуле до сега барем половина од безброј, за нашиот неприлагоден Босанец во белиот свет. Се разбира, вицовите се - отсекогаш таков бил редот - простор на стереотипи и предрасуди: во нив босанскиот дојденец и после 20 години во митскиот Бел Свет не е интегриран во бело-светското друштво, не знае бело-светски јазик и не се дружи со Бело-свеќани. И се бања само во недела. Затоа секогаш нè изненадуваат приказни за наши кои успеале во тој Бел Свет, се вклопиле и интегрирале во општеството, бегајќи џенем од предрасудите и вицовите за Мујо и Хасо во Германија. Приказни како онаа, која пред некој ден ни јас донесе Дојче Веле, за тројца млади луѓе кои виорот на војната ги однел во Германија за таму да одбијат да бидат само јужњаци од гастарбајтерски предградија - Босанчероси од балкански грилови и клубови со свенати фолк  ѕвезди од стариот крај  - туку да се вклучат во општеството и својата нова татковина.

Тоа е приказна за Дубравко Мандиќ од Фрајбург, роден во Сараево, чиј татко за време на опсадата на градот заминал во Германија баш на бегалците од Босна и Херцеговина да им помага во интеграцијата во германското општество. Тоа е приказна за Сафет Бабиќ, чии родители од воениот пекол избегале во германскиот Трир каде Сафет завршил универзитет, и Дарко Толиќ, роден во село Јоховац кај Добој, од кадешто родителите на почетокот на војната како петгодишно дете го одвеле кај баба и дедо во Штутгарт.

25 години подоцна, Дубравко, Сафет и Дарко од приказната на Дојче Веле се угледни германски граѓани и угледни членови на своите заедници, во потполност вградени во германското општество и интегрирани во Белиот Свет.

Дубравко Матиќ, на пример, денес е успешен млад правник и еден од надежите на фрајбуршката AfD (Alternative für Deutschland), партија која жестоко се противи на прифаќањето бегалци од истокот и чија претседателка Фрауке Петри се прослави со изјавата дека на границата треба да се пука на мигрантите. Интеграцијата во митолошкиот Бел Свет Дубравко ја сфатил многу сериозно, дури буквално: своевремено американскиот претседател Барак Обама јавно го нарече "црнчуга која само заради бојата на кожата стана претседател на САД".

Сафет Бабиќ, пак, денес во Трир е претседател на огранокот на NPD (Nationaldemokratische Partei Deutschlands), уште една десничарска партија кои се бори за чиста Германија, без бегалци. Интеграцијаtа во митолошкиот Бел Свет и Сафет ја има разбрано сериозно и буквално: еден од неговите слогани гласи: "Buntes Trier? Nicht mit mir!". Во превод -  "Шарен Трир? Не со мене!" И Дарко Толиќ од Штутгард е активен во поддршката на Nationaldemokratische Partei Deutschlands, тврдејќи дека "НПД се најблиски до неговиот поглед на светот", Како Дубравко и Сафет, и тој интеграцијата во митолошкиот Бел Свет ја има разбрано сериозно и буквално: на новинарот на Дојче Веле му ја доверил својата амбиција "да ја спаси Европа од изумирањето на европските народи и размножувањето на неевропските народи", бидејќи "Германија не ја препознава опасноста на неконтролираното доселување бегалци од Африка и Азија, натрапници кои ја злоупотребуваат декадентноста на Европа". "Европа треба да остане европска а Германија германска", вели Дарко на крајот.

Дубравко, Сафет и Дарко, жестоките борци за чиста Европа и Германија без бегалци, притоа не се ни втора генерација Босанци во Германија, камоли трета или четврта. Тие и самите до вчера биле бегалци, и самите престрашени плачеле и шмркале додека мама и тато грчевито ги држеле за рака, се буткале во испотената и бучна толпа која мирисала на лук и се надвикувале со германските полицајци, а некои лути плавокоси дечки од другата страна, со германски знамиња в раце, заканувајќи се дереле кон нив.

25 години подоцна, ете ги Дубравко, Сафет и Дарко од другата страна на жицата. И не се единствени: илјадници млади Германци, бивши Босанци и Херцеговци што ги делат нивните ставови и погледи се доказ дека потполната интеграција во германското општество не е левичарска утопија. Напротив, тие интеграцијата ја подигнале на повисоко ниво. "Најблиску до нивниот поглед на светот" одамна не се Бакир или Драган, ХДЗ или СНСД, ни Куран, ни Евангелие, ни Цеца ни Стоја во ВИП клубот во Минхен, ни јагнешко ни ќебапи во берлинската кафана Sarajevo-Inn Grünewald, не се тоа ни социјалдемократите на Габриел ни демохристијаните на Меркел туку директно - Alternative für Deutschland или Nationaldemokratische Partei.

Заборавете ги фасадирањата на Мујо и Хасо oд стеротиpите и вицовите: ете ги нив денес од другата страна на жицата, каде со германски знамиња во раце на пефектен германски урлаат на некои престрашени дечиња кои плачат и шмркаат додека мама и тато грчевито ги држат за рака, буткајќи се во испотената и бучна толпа која мириса на лук, надвикувајќи се со германските полицајци.

Елем, работел хер Мујо како геодет во Германија, кога еден ден изгорел хотелот во кој спиеле инженерите, па на една ноќ - додека не се среди за во друг хотел - ги сместиле во бегалски центар во предградие. Баш вистински бегалски центар, и тоа каков: насекаде преполни контејнери, дрвени бараки и валкани шатори, црномурни дечишта се валкаат по калта а големите клекнале на картони од пакувања на хуманитарна помош па мумлаат нешто на арапски. 

"Пу!", си плукна Мујо во себе, "што не е Рамазан па сè да запалам!"

Борис Дежуловиќ, за Ослобоѓење

7 март 2016 - 14:14