Демаскирање на тортурата над Асанж

Интегрално ќе пренесеме текст на специјален известувач на Обединетите нации за тортура. Текст понуден на дузина светски медиуми, меѓу кои Гардијан, Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Ројтерс, Њусвик.... Никој од нив не сакал да го објави.  

Знам, можеби ќе помислите дека сум мрднал од умот. Како може живеење во амбасада, со скејтборд и мачка да биде тортура? Токму тоа истото и јас го мислев, кога Асанж првпат се обрати за заштита во мојата канцеларија. Како и поголемиот дел од јавноста и јас потсвесно бев отруен од неуморната кампања за негова дисквалификација која се сееше со години. Затоа дури од втора мајка тој го доби моето колебливо внимание. Но, штом еднаш погледнав во фактите на овој случај, она што го видов ме шокираше и ужасна.

Добро, ама, си мислев тогаш, Асанж мора да е силувач! Но, она што го открив е дека против него никогаш не е подигнато обвинение за сексуален напад. Вистина, брзо откако САД ги охрабрија сојузниците да најдат причина да го гонат Асанж. две жени стигнаа на насловните во Шведска. Една од нив тврдеше дека тој го скинал кондомот а другата дека не го ни ставил, во обата случаи, во консензуален секс, што не е баш сценарио кое асоцира на „силување“. Да ве потсетам, двете жени дури и предадоа кондоми како докази. Првиот кондом, оној ставен па скинат од Асанж, не откри никаков ДНК - ни негов, ни нејзин, ничиј. Оди па разбери. Вториот кондом, оној иман ама некористен, требаше да ја докаже незаштитеноста на сексот. Уште еднаш, оди па разбери. Двете жени признаа дека никогаш не сакале да го пријават делото но биле „канализирани“ од шведската полиција. Третпат, оди па разбери. Оттогаш, и Шведска и Британија направија сè за да оневозможат Асанж да се соочи со овие обвинувања, без притоа да биде изложен на опасност од екстрадиција во САД, по што ќе му следуваше спектакуларно судење и потоа доживотен затвор. Негово последно засолниште беше еквадорската амбасада.

Добро, ама, си мислев, Асанж мора да е хакер! Но, она што го утврдив е дека сето она што го објави му е доставено слободно и дека никој не го обвинува за хакирање на никаков компјутер. Единствената ставка поврзана со хакирањето е неговиот неуспешен обид за пробивање на шифра со која ќе му помогнеше на својот извор да ги сокрие трагите. Накратко, тоа е исто како да обвинувате возач дека пробал да го надмине ограничувањето на брзината ама не успеал бидејќи возел бавна кола.

Добро, ама, си мислев, барем знаеме дека Асанж гарантирано е руски шпион, се има мешано во американските избори и поради неодговорност, има предизвикано човечки погибии. Но, знаеме дека тој објавуваше информации од суштински јавен интерес. Да, обелоденуваше воени злосторства, корупции и злоупотреби, но да не ја побркуваме националната безбедност со владината неказнивост. Фактите кои ги објави ги подготви американските гласачи да донесуваат повтемелени одлуки, ама нели тоа е демократијата? Да, постои етичка дебата околу нередактираното објавување но ако беше нанесена вистинска штета, како тоа никој против Асанж и Викиликс не поднесе граѓанска тужба со барање за правична отштета?

Добро, ама, се фаќав себе си како се правдам, Асанж мора да е себичен нарцис кој скејта по ходниците на амбасадата и ги мачка ѕидовите со измет. Да ви кажам, од луѓе во амбасадата имам слушнато дека сите ситуации со него биле решавани со меѓусебно почитување и разбирање. Ова се смени откако беше избран претседателот Морено кога тие луѓе одеднаш добиле инструкции да најдат нешто дискредитирачко против Асанж, па откако не најдоа, брзо беа сменети со други. Претседателот си дозволи и лично да го почасти светот со оговарања и лично да го скине имунитетот без никаков правен процес.

На крајот, ми текна дека можеби сум ослепен од пропагандата и дека Асанж систематски е шиканиран за да се одврати вниманието од криминалите кои ги обелодени. Кога веќе беше дехуманизиран со изолација, исмевање и срамотење, како некогаш со вештерките кои гореа на клада, беше лесно да го лишиш од најосновните права без да предизвикаш огорченост во јавноста. И така на задна врата е направен правен преседан кој утре може и ќе биде употребуван и во случај Гардијан или Њуорк Тајмс да обелоденат материјали.

Но, дали ваквото клеветење може да се смета за тортура? Лизгав терен е тоа. Она што е „блатење“ во јавна дебата, брзо се претвора во „мобинг“ кога се користи против беспомошни лица, па дури и во „прогон“ кога државата е вмешана. На сето тоа додадете и ја намерата плус страдањето и добивате комплетна психолошка тортура.  

Да, живеењето во амбасада со скејтборд и мачка мое да звучи како фин аранжман, ако верувате во остатокот од лагите. Но кога никој не се сеќава зошто ве мрази, кога никој не сака да ја слушне вистината, кога ни судовите ни медиумите не инсистираат на одговорност на моќниците, тогаш вашиот азил е како да ви дале гумено чамче за во базен со крокодили. Ни мачката ни даската нема да ви спасат животот.  

Можете да приговорите, чуму трошење толку енергија околу Асанж кога безброј други лица се измачувани ширум светот? Бидејќи овде не се работи за заштита само на Асанж, туку да се спречи преседани да запечатат судбината на западната демократија. Кога говорењето на вистината ќе стане криминал а моќните ќе уживаат комплетна неказнивост, ќе стане предоцна да се смени курсот. Тогаш нашите гласови ќе ѝ ги предадеме на цензурата а нашата судбина во рацете на неконтролираната тиранија.

Нилс Мелзер,
специјален известувач на ОН за тортура

* Овој текст им беше понуден за објавување на Гардијан, Тајмс, Фајненшел Тајмс, Сиднеј Морнинг Хералд, Канбера Тајмс, Телеграф, Њујорк Тајмс, Вашингтон пост, Ројтерс и Њусвик.

Никој не одговори позитивно.

28 јуни 2019 - 20:32