Да завршам еден текст, па ќе се убијам

„Не можам да имам секс за една ноќ. Во Љубљана точно можете да погодите со кои жени сум спиел. Со сите се имам оженето“, вели меѓу другото Славој Жижек во мозаичниот текст за тоа како е да се биде лош татко, за агресијата која во него расте и за тоа како скрибоманството му го спасило животот.

Сите ние во основа сме зли, егоистични, одвратни. Да го погледнеме, на пример, мачењето. Јас сум реалист. Да имам ќерка и некоја да ја грабне а јас фатам пријател на киднаперот, не би можел да се заколнам дека нема да го измачувам.

Како минува времето, така станувам сè поагресивен. Некои велат дека сум станал десничар, што не е точно. По прашањето на бегалците, мислам дека не би требало да го имаме тој заштитнички став: „Тие се топли луѓе“. Не, меѓу нив има и убијци, како што ги има и меѓу нас. Либералната левица забранува пишување било што лошо за бегалците, пo што испаѓа дека само десничарите имаат право на глас по тоа прашање

Не сум добар татко. Кога мојот син имаше 14 години, бев нешто лут на него и искористив една вулгарна пцовка: "Јебо ти пас матер". Тој одговори: "Тоа веќе се случи пред 15 години. Така се имам родено."

Пријателите ме викаат Фидел. Не заради политиката туку затоа што зборувам премногу. Еднаш ја посетив Куба и на телевизија го даваа Фидел Кастро како на некој собир им вика: „Другари и другарки, само пет минути за да кажам неколку работи“. Отидов на спиење, се разбудив пет саати подоцна, тој уште зборуваше.

Ја мразам политичката коректност. Со Црнците, за разлика од политички коректните бели дечки, јас успевам да воспоставам вистински контакт. Како? Со мрсни вицови и шали за секс. Кога посетувате некоја странска земја, како да воспоставите искрени пријателски односи со луѓето? Така што ќе размените неколку мали сочни приказни.

Не можам да имам секс за една ноќ. Во Љубљана точно можете да погодите со кои жени сум спиел. Со сите се имам оженето.

Би било страшно да кажам дека ја сакам терористичката организација Исис. Но погледнете ја само нивната мрежа и начинот на работа. Постои еманципациска тенденција во исламот - еден прекрасен муслимански историчар разви теорија дека Тома Аквински погрешно го толкувал Аристотел под влијание на исламските поети, што го отвори патот за развој на модерноста, геј правата и слично.

Родителите не ми беа строги но беа заштитнички настроени. Не ги сакав. Обајцата умреа во болница и ноќе, а кога тоа телефонски ми го јавуваа следното утро, јас веќе седев на компјутер и работев. Се запрашав: „Дали направив сè што можев? Да, ок, фала“. Бев комплетно ладен - нешто тука не штимаше. Не бев горд на тоа.

Пишувањето ми го спаси животот. Пред неколку години, заради приватни проблеми, неколку недели размислував за самоубиство. Си реков:„Би можел да се убијам, ама имам да завршам еден текст. Прво ќе го завршам, па ќе се убијам“. Потоа се појави уште еден текст, па уште еден - еве, сè уште сум тука со вас.

Славој Жижек

17 јануари 2017 - 11:30