Вести од долна Македонија:

Наше лево и грчко лево не е исто

Како што во земјава меинстрим левите позиции околу спорот со името дееволуираа во натпревар кој ќе прифати што поапсурден став на Грците, така позициите на грчката меинстрим левица остануваат, како што е редот, грчки.

И додека тука 'граџаните' како да се во трка кој потемелно ќе избрише каква било трага на национално, и општољудско достоинство, компензирајќи го истото со сладушкасти привиденија за некои многу успешни и многу богати луѓе што не можат да дочекаат да сме во нивно друштво, Грците непоколебливо работат во свој интерес, без страв некој да не ги етикетира со „националист“ или „евроскептик“.

Ова не се крајно-десни, смрт за имигранти, во-петок-не-се-пере Грци, туку колумнисти и уредници на Катимерини, весник од левичарска, но пред сè, грчка провиниенција.

Иако лагодно ги забораваат најразличните „златнозорштини“, тортурата против македонското малцинство во земјата, нечовечните санкции против Македонија од кои страдаше цел народ, и успешно ја применуваат истата наивност со која сакаа да ја убедат цела Европа дека Европа е виновна што Грците спискале или покрале десетици милијарди евра, авторите во ниту еден случај не се некакви орди од југот на кои им е дојдена крв на очи или сакаат да нè помножат со нула.

Наспроти тукашното перење мозок (не се преговара за идентитетот >> па и да се преговара за идентитетот, Уставот нема да се менува >> па и да се менува ние дома ќе останеме Македонци >> па и да сме Горномакедонци, во Европа сите се Европејци...) околината која тие ја создаваат за очекувањата на грчката јавност од преговорите е крајно конзистентна, без никакво шарање ниту ишарет кон нешто поинакво од основните три работи:

1. Разумното решение е, било, и ќе биде: име за општа употреба (надвор, внатре и во средина), да биде врежано во Уставот, и задолжително да опфаќа народ, јазик и цел тој пакет.

2. Низ сите овие речиси 30 години северниот сосед е иредентист, ама посебно последните 10.

3. Доста Грција попушташе.

Во продолжеток се извадоци (но не и од контекст) од текстови  на десет колумни од Катимерини кои од почетокот на годинава се напишани на тема спорот со името:



23.1.2018
Ангелос Стангос, новинар и колумнист на Катимерини

Заклучоци од митингот

- Текстот е пишуван веднаш по митингот во Солун на кој излегоа десетици илјади Грци, и во него Стангос прво прави попис на новонастанатата состојба:

Црквата продолжува да има влијание на грчката политика и да влијае на однесувањето на луѓето.

Нов фактор е употребата на армии фанатични фудбалски навивачи за извршување политички притисок и контроверзната улога на одредени сопственици на фудбалски клубови.

Митингот послужи како инкубатор за раѓање нова популистичка крајнодесна партија.


- За потоа да му се обрати и на првообвинетиот:

Ама горните заклучоци не значат дека другата страна, ПЈРМ, е во право, или дека таа се води од бенигни намери кон Грција. Такви индикации нема и секоја грчка администрација, заедно со одговорните власти и општо политичката класа, треба да преземе внимателен пристап кон преговорите со цел да се заштитат интересите на земјата.

http://www.ekathimerini.com/225144/opinion/ekathimerini/comment/conclus…



1.2.2018
Нотис Пападопулос, новинар на То вима и политички колумнист на Катимерини

Надворешна политика диктирана од домашни стравови

- Првиот шамар е за домашните (со тезгаџиско крадење околу бројките за тоа колку држави нè имаат признато под уставно име):

Да не се лажеме: Грција го изгуби ексклузивното право на името „Македонија“ уште пред децении. Приближно 100 држави низ светот, вклучувајќи светски сили како Русија и Кина, го признаа нашиот балкански сосед под името „Република Македонија“ и дури и оние што сè уште држат неофицијално на земјата се обраќаат со името „Македонија.“


- Шамарот број 2 е за нас, па:

Секако нервира - настрана што е историски игнорантно - што луѓето во Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) сакаат да се претстават себеси како наследници на Александар Велики и имаат иредентистички аспирации запишани во нивниот устав.


- Шамар 2а:

Имајќи го тоа предвид, никој не може сериозно да се плаши од какви било иредентистички и територијални барања што може да дојдат од малата држава, чиј БДП е ист колку оној на Пелопонез и која и ден денес - и покрај тензиите меѓу Атина и Скопје и грчката економска криза - останува економски протекторат на Грција.


- Па продолжувајќи со темата „релативно безмоќна држава од 2 милиони етнички Албанци, Срби и Славо-Македонци“, Пападопулос објаснува дека она за што нас нè бива е:

Стабилен бафер на нашата северна граница, кој не е пред ризик од распаѓање.


- А распаѓањето на Македонија е проблем затоа што:

Ако се случи тоа, лесно ќе може да се развијат експанзионистички апетити и да се стане дел од потенцијалните планови за Голема Албанија (составена од Албанија, Косово и ПЈРМ), па дури и како пион на руските амбиции во регионот.

 

- Ако не сте чуле, решение има за сè, а за Грците разумно и прифатливо решение е промена на име, ем устав:

Потребен е меѓународен договор за сложено име што ќе биде користено од сите, и напишан со отфрлање на иредентистички клаузули во Уставот, кој би сигнализирал ново поглавје во односите меѓу двете земји.

 

- Што се однесува на излегувањето на десетици илјади Грци во Солун за да се побунат околу какво било решение што го содржи името Македонија, авторот смета:

Митинзите како оној планиран за в недела во Атина, по оној во Солун од минатиот месец, се во ред како начин за емотивно олеснување и како платформа за протест против левичарската администрација, која беше избрана врз ветувања дека ќе им помогне на непривилегираните за на крај нив да ги направи уште посиромашни.

http://www.ekathimerini.com/225437/opinion/ekathimerini/comment/foreign…



2.2.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини

Во идеален свет

- Како што пишува погоре, Том Елис е уредник на англиското издание на Катимерини, а по негови зборови и учесник на протестите против Македонија во Вашингтон во декември 1992 пред Белата куќа, и во Њујорк во јануари 1993, пред зградата на Обединетите нации. И како таков, тој има проблем со нивото на патриотизам кај грчките политичари:

Во идеален свет, во кој политичарите на една земја се вистински патриоти - барем во смислата во која авторот го разбира ова значење - спорот на Грција со името на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) ќе беше решен многу поинаку.

http://www.ekathimerini.com/225435/opinion/ekathimerini/comment/in-an-i…



8.2.2018
Костас Јорданис, политички колумнист на Катимерини

Истата битка, нова тактика

- Во времето кога тој ја пишува колумната, Грција е потресена од две работи: аферата Новартис (мито и корупција низ целото здравство и влада) и изјавата на Зоран Заев дека е подготвен да прифати сложено име со географска одредница, што подоцна е надополнето од една изјава на Јункер, дека нема влегување во ЕУ без прво да се решат граничните спорови. Ама никогаш не си на раат со ПЈРМ:

Иако изјавата на Јункер е повеќе од добредојдена во Атина, бидејќи таа практично ги уништува територијалните аспирации што ПЈРМ може да ги има кон Грција, сепак ова не значи дека швајцарско чувство на мир го зафати Балканот и дека сè е во ред тука во Грција, затоа што иредентистичките амбиции на ПЈРМ беа сведени од владино на грас-рут ниво.


- Еди Рама, имотите на Албанците од Чемерија и имотите на Егејците:

Откако објасни дека не станува збор за територијални аспирации, Рама додаде дека никој не може да им оспори на припадниците на Чами-малцинството дека „можат да се борат за своето право на сопственост преку судовите, како што и секој граѓанин на Европа тоа нормално го прави.“

Ова очигледно ќе биде политиката искористена од комунистите што избегаа од Грција во времето околу Втората светска војна и се населија во областа што денес е ПЈРМ.


- Ни НАТО не ги сопре грчките страданија:

На кратко, влезот на Грција во ЕУ не им стави крај на споровите од минатото. Ниту пак приклучувањето на Грција и Турција кон НАТО.

http://www.ekathimerini.com/225606/opinion/ekathimerini/comment/same-ba…



29.3.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини

Нема победници и поразени во проблемот со „Македонија“

- Има надеж, тврдоглавото Скопје се вразуми и дојде на нашиот муабет од 2007:

Сите докази покажуваат дека премиерите на двете земји сакаат договор. Точно е дека имаме решение на повидок. Отворено зборуваме за сложено име - официјална грчка позиција од 2007, која Скопје ја прифати во изминатите месеци - меѓу кое Горна Македонија (Gorna Makedonija), како да почна да се издвојува.


- И тоа не е сè:

Во исто време дискусијата се фокусира на промена на делови од Уставот на ПЈРМ, и за други аспекти, како идентитетот и јазикот.

Двете страни исто така разгледуваат сличен договор на оној што во изминатите месеци беше потпишан меѓу ПЈРМ и Бугарија.


- Устав кога ќе менувате, Грци да не спомнувате:

Можната промена на уставот, која е неопходна од многу причини, не треба да биде толкувана, или претставена на јавноста како „попуштање“ пред грчкиот и меѓународниот притисок, бидејќи уставот на земјата секако ќе мора да биде променет во контекст на членството на ПЈРМ во меѓународните организации на кои е толку желна да им се приклучи.


- Ако некој нè спаси од менување на името, тоа ќе бидат Грците:

Што се однесува на Грција, премиерот Алексис Ципрас можеби е подготвен да ги направи тешките чекори, ама тоа не е доволно. Не е прифатливо коалиционен партнер да се спротивставува на договорот. Премиерот мора да обезбеди консензус од Независните Грци за договор што треба да биде претставен како чесен компромис, без поразени и победници.


- Ако некој дел од целото излагање на уредникот на англиската верзија на Катимерини плаче за реприза, тоа е моментот кога по набројување на промена на име, устав, јазик и идентитет од наша страна, Том Елис успева да состави реченица што завршува со:

...договор што треба да биде претставен како чесен компромис, без поразени и победници.


- Кабаетлија во целата „ако некој нè спаси од менување на името, тоа ќе бидат Грците“ ситуација излезе министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, за кој не е прифатлив дури ни овој „компромис“, како што Елис сака нагалено да го нарече, ол-инклузив откажувањето од македонска страна:

Ги нападна оние што го прифаќаат постигнатиот компромис, од владата од која е дел. Тој исто така можеби ќе ги обвини нив дека се „предавници“ - во негов типичен стил.

http://www.ekathimerini.com/227179/opinion/ekathimerini/comment/no-winn…



2.4.2018
Дејвид Филипс, директор на Програмата за градење мир и права на Универзитетот Колумбија

„Вин-вин“ за проблемот со името

- Сите пофалби од директорот одат за нас, затоа што сме создале услови за разговор со тоа што сме го елиминирале иредентизмот. Кој иредентизам сме го елиминирале? По редоследот на директорот, следниот:

Аеродромот Александар Велики е преименувам во Аеродром Скопје, а автопатот Александар Велики стана автопат Пријателство. Како напредок, преговарачите се согласија на сложено име со географска одредница - Горна Македонија.


- Вака фино-лепо разиридентизирани, ќар ќе имаме сите:

Договор за името ќе овозможи интеграција на ПЈРМ во Евро-атлантските институции. А ќе ги унапреди и безбедносните и економски интереси на Грција, додека истовремено ќе го потврди нејзиното лидерство во ЕУ и НАТО.


- Без разлика што ќе се случи, една од работите околу која директорот гарантирано ќе се разочара е очекувањето дека со решавање на името повеќе Македонци ќе почнат да патуваат во Грција. Едноставно невозможно, од проста причина што не остана еден што посакал а не отишол:

Еден милион туристи од Скопје ја посетуваат Грција секоја година за шопинг и за одмор. Овој број драматично ќе се зголеми, посебно кога грчката државна авиокомпанија ќе започне со летови од Скопје до Атина.


- Продолжувајќи со темата „само да се реши името и сите добиваат“, телешоп-понудата на директорот е:

Северниот сосед на Грција ќе се стабилизира во време кога Турција има сè поголемо влијание на Западен Балкан.

Членството во НАТО ќе го засили суверенитетот на ПЈРМ и ќе ја направи посилен безбедносен партнер во борбата против исламистичкиот екстремизам и тероризам, додека истовремено ја засилува соработката околу бегалците и мигрантските прашања.


- Да не излезе дека некој нè плаши, но светлата евроатлантска иднина може да биде заменета со фајронт за Македонија, кој би се одвивал по следното сценарио:

Преговорите се во критична фаза. Може да се случи пресврт ако луѓето во ПЈРМ веруваат дека владата направила премногу отстапки и не добила доволно за возврат. Ова може да доведе до колапс на владата и предвремени избори.

Во најлош случај, крахот на владата може да доведе до фрагментација и барања за голема Албанија и голема Бугарија.


- За да нема двоумење, она што Филипс го подразбира под „критична фаза“ е дека Заев се сложил на ново име за меѓународна употреба, ама не се знае дали ќе може исто да го истера по дома:

Како и сите луѓе, граѓаните на ПЈРМ се горди со својот идентитет. Премиерот Зоран Заев се согласи за „ерга омнес“, што значи дека новото име ќе се користи за сите работи во меѓународната заедница, вклучувајќи го и интернет-доменот .мк. Грција инсистира истиот принцип да се спроведе и внатрешно, што би го забранило користењето на терминот „македонски“ за обележување на етничката припадност и јазикот.

Грција исто така инсистира на нов устав што ќе ги елиминира сите референци на „Република Македонија“ или „Македонија“.


- И ништо од ова не е проблем како што е проблем временската рамка:

Владата на Заев има предност од два гласа во парламентот. Не е јасно како би можел да биде изгласан таков уставен амандман. Промената на Уставот бара двотретинско изгласување два пати со временска дистанца од 6 месеци.

НАТО самитот е закажан за 11-12 јули. Ако Заев не може да напредува со членство во НАТО, преговорите ќе се распаднат.


- А не дека Грција е неразумна и неподготвена на попуштање. Напротив:

Иако Грција има право на вето во НАТО, таа треба да дозволи ПЈРМ да влезе во НАТО под нејзиното ново име дури и ако Уставот не е променет. Поканата може да вклучува условно членство кое зависи од уставната реформа во рок од една година.


- Секако, по ова следува ќарот:

Граѓаните на ПЈРМ ќе имаат видлива корист од евроатлантската интеграција. Заедно со одлуката на НАТО, Европскиот совет ќе може да одобри почеток на преговорите за членство во ЕУ. Заев ќе ја има поддршката од јавноста за уставни реформи доколку реализира напредок што ќе има практична корист за животот на луѓето.

http://www.ekathimerini.com/227280/opinion/ekathimerini/comment/win-win…



5.4.2018
Костас Јорданис, политички колумнист на Катимерини

ПЈРМ и нејзините иредентистички тврдења

- Нешто Ципрас, нешто криза, нешто Турција, нешто Москва, нешто иредентизам на северниот грчки сосед, па:

Со исклучок на сериозната грешка на Елефтериос Венизелос во однос на грчко-влашкото малцинство во Букурешкиот договор од 1913, Грција никогаш не признала етничко малцинство, и сегашната влада нема да биде исклучок. Во спротивно преговорите просто ќе пропаднат. Сепак, ниту една грчка влада го нема директно оспорено постоењето на „македонски народ“ во границите на ПЈРМ, дури ни во долгите години во кои беше дел од Југославија.

Какво и да е расположението во Скопје, сепак, не треба да се залажуваме: дури и ако овие иредентистички амбиции да не се формално изразени од државата, тие ќе бидат изразени. Но ако Грција - со својата етничка хомогеност, голем број универзитети и катализирачки археолошки откритија, нивните несоборливи историски докази и значителна Грчка популација во странство - не успее да се справи со земја измислена од Јосип Броз Тито, тогаш се плашам дека немаме уште многу иднина.

http://www.ekathimerini.com/227414/opinion/ekathimerini/comment/fyrom-a…



26.4.2018
Д-р Анастасиос Панајотелис и д-р Василис Срафидис
- професори на Универзитетот Монаш, Австралија
- членови на Извршниот одбор на Австралискиот институт за македонски студии

Како да се постигне одржливо решение меѓу Грција и ПЈРМ

- Давајќи минивовед во целата ситуација (радикални позиции на претходната власт, монополизирање на името Македонија), двајцата професори заклучуваат дека сега работите се имаат сменето и дека ПЈРМ:

Е подготвена да прифати сложено име, ама во смисла на билатерален договор, без тоа да влијае на уставното име на ПЈРМ, моментално „Република Македонија“.


- Навраќајќи се на историскиот осврт, професорите оригиналниот грев на државава го идентификуваат во времето на распаѓањето на СФРЈ:

Кога Југославија се распадна во 1991, најјужниот дел од федерацијата бараше меѓународно признание под максималистичкото име „Република Македонија“, со тоа практично барајќи го името и идентитетот на Македонија ексклузивно само за себе.

Ова не беше само израз на суверенитет, туку и закана за стабилноста на регионот.


- Да не биде непоткрепено, тие редат неколку иредентистички мерки што ги сметаат за доказ дека македонската влада започнала со антиквизација уште од отцепувањето:

Иредентистички тврдења во Уставот. Официјални документи финансирани од Владата што објавуваат мапи на „Обединета Македонија“, националистички концепт што претендира на грчка и бугарска територија. Поставување на „Сонцето од Вергина“ на официјалното знаме, антички симбол што може да биде најден во грчкиот регион Македонија. Промоција на национален наратив што тврди дека постои поврзаност со Античка Македонија, чии главни археолошки локации се исклучиво во границите на Грција.


- По ова следува големата и правична победа што веќе еднаш е извојувана од страдалниот грчки народ:

Во 1995 ПЈРМ се согласи да го смени знамето и да направи уставни промени, по потпишувањето привремен договор со Грција. За возврат Грција се согласи да го крене 19-месечното трговско ембарго.

 

- Крајно освестени дека држави се составени од повеќе народи, меѓутоа исклучиво државите што не се Грција, професорите со укор до националистите од ПЈРМ:

Националистите во ПЈРМ често пати ја замислуваат нивната земја како етничка држава, а не како граѓанска, позиција што го провоцира и го заплашува значителното албанско малцинство во земјата.

 

- Сред сето ова, дуото крајно махерски користи еден настан од пред неколку години:

Во 2011 ПЈРМ намерно го прекина деценискиот попис, со цел да се скријат демографски промени што можеби ќе доведат до повици за поголема политичка застапеност на етничките Албанци.

 

- Кога веќе сме на оваа воденица, за да не се изгуби предвид кои се негативците во целата сторија, професорите им ги отвораат очите како на ЕУ и НАТО, така и на Грците, во врска со заканата од северот:

Често пати е утврдено, по наше мислење точно, дека приклучувањето на ЕУ и НАТО ќе биде од корист за стабилноста и економијата на ПЈРМ. Во исто време, важно е да се сфати дека национализмот претставува далеку поголема закана за интересите на ПЈРМ, како и за стабилноста на Балканот.

Фактот дека ПЈРМ не може да изведе успешна инвазија на Грција не треба да доведе до помиреност спрема ултранационализмот и експанзионизмот на ПЈРМ, кога ова однесување треба да биде осудено независно од воените способности на ПЈРМ.


- Нормално и тие имаат решение за таксиратот што ја спопадна грчката држава, и нормално тоа е на грбот на македонскиот устав:

Име што задоволувачки ќе прави разлика меѓу двата народа. Почитување на фактот дека и двете страни имаат право на македонски идентитет, но не треба да го монополизираат. Да има перманентен карактер преку додавање нова одлука - што и да биде - во уставот на ПЈРМ.


- А што се однесува на меѓународната заедница и нејзиното глумење лудило, професорите се одјавуваат со порака на која веднаш се потпишуваме:

Меѓународната заедница повеќе не треба да се прави слепа кон национализмот и треба активно да ги поттикнува двете држави да постигнат компромис и издржливо решение.

http://www.ekathimerini.com/228040/opinion/ekathimerini/comment/how-to-…



8.5.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини

Промена на Уставот на ПЈРМ

- За почеток и ние и Грците треба да разбереме дека едно име е целосно разумна позиција на Грците:

Како што разговорите за решавање на спорот со името меѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) се интензивираат, сите страни треба да разберат дека какво име и да се договори, тоа треба да биде за домашна, како и за меѓународна употреба.

Ова не е некое „максималистичко“ барање од грчка страна. Согласноста за две одделни имиња, едно што ќе биде употребувано дома, а едно меѓународно, нема да се покаже корисно, и од практични и од симболички причини.

 

- Потоа авторот доживува неверојатно омекнување во ставовите дозволувајќи си да признае дека во ПЈРМ живее и некој народ. Обраќајќи му се на него, тој порачува:

Народот на ПЈРМ исто така треба да ја прифати суштината на промената на името - да прифати и да користи сложено име.

 

- Но да не се случи во некои други времиња некој да се попишмани околу вака правичното срочено решение, Елис препорачува:

Со други зборови, промена на уставното име на балканската држава мора да биде предуслов на севкупниот договор.

 

- Калемејќи на изјавата на Заев дека Македонија и онака ќе мора да го менува Уставот за да испегла некои техникалии неопходни за влез во ЕУ, очекувањата на Елис се дека и силните ќе помогнат, па:

Па договорот ќе биде поткрепен од дополнителен меѓународен договор, кој ќе обезбеди дополнителни мерки на заштита освен оние што ги предложи премиерот на ПЈРМ Зоран Заев.

...

Користејќи вистински баланс на казни и награди, САД и ЕУ можат да ги убедат политичките партии и народот на соседната држава, кои се желни за приклучување во ЕУ и НАТО, да прифатат промена на Уставот бидејќи ова ќе биде клуч за нивниот просперитет и безбедност.

 

- Во целата работа никако не смее да биде заборавена и грчката попустливост и разбраност, и нивните епски страдања од деценискиот спор, па од таму и тоа што го бара Грција е крајно разумно:

Грција изгледа подготвена да ја истера работата правејќи значителни отстапки од своја страна, дури и ако тоа предизвика реакции дома. Инсистирајќи на едно име за севкупна употреба - дома, во билатералните односи и во меѓународните организации - не е премногу да се бара.

 

- По сето ова, Елис го куражи гореспоменатиот народ на ПЈРМ:

Ова е очигледен, одлучен чекор во правец на финално и одржливо решение.

http://www.ekathimerini.com/228394/opinion/ekathimerini/comment/changin…


15.5.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини

Договорот за името може да добие 200 гласа

- Шпекулацијата со која располага Елис е:

Европската комисија побарала мнозинството потребно за грчкиот парламент да го изгласа договорот со Поранешната Југословенска Република Македонија да биде зголемено на 180 гласови - што значи согласност од три петтини од парламентарците.


- И по него не е важно дали ова стварно било побарано и колку точно било побарано. Друго е важно, и тоа друго пак стига до македонскиот Устав:

Европејците и останатите што го поддржуваат договорот што ја нормализира ситуацијата на Балканот сакаат тој да вклучува обврзувачки елементи што ќе осигурат негова изводливост и ефикасност.

И овој контекст, Грција бара - а и со право - ПЈРМ да го промени својот устав.


- Во лицитирањето со бројки, Елис проценува дека грчката опозиција може да биде џокер и да не го дава својот глас за името сè додека страната што треба да го менува уставот не го промени уставот:

Главната опозициска партија може да ги вети своите гласови за договорот откако ПЈРМ ќе го промени Уставот по транзицискиот период - во тој случај сите услови поставени од Атина ќе бидат целосно исполнети - без разлика дали тогаш ќе биде владина или опозициона партија.

http://www.ekathimerini.com/228651/opinion/ekathimerini/comment/the-agr…