Твитер треба да го укине ретвитот

Зошто? Затоа што „опцијата го исфрла од шини секој здрав разговор и ги лови најлошите инстинкти на корисниците“.

Предлогот доаѓа од Атлантик, а следува откако ЦЕО-то на Твитер, Џек Дорси, деновиве повторно му се ссна на лајк копчето изјавувајќи дека компанијата може ќе го елиминира „срцето“ од социјалната мрежа (на почетокот од годинава воведоа и алатка за букмарк за да може да го зачуваш твитот без да го лајкнеш). Подоцна од компанијата објаснија дека изјавата на Дорси е во склоп на нивната намера „одново да обмислат сè околу сервисот“.

Аргументот на Тејлор Лоренз во Атлантик е дека „ретвитите, а не лајковите, се најмоќниот метод на наградување на Твитер“.

„Желбата за собирање ретвитови редовно е она што ги стимулира корисниците да твитаат неверојатни коментари, екстремистички ставови, лажни вести, или полошо.

Голем број корисници свесно твитаат лажни и штетни информации и мислење во обид да станат вирални преку ретвитови.

Ако Твитер навистина сака да го контролира разузданиот механизам за награди што го создаде, тогаш копчето за ретвит треба да е првото што ќе се укине.

Ретвитите ги демнат најлошите инстинкти кај корисниците. Тие ги мамат Твитер корисниците да мислат дека придонесуваат за разумен дискурс преку бескрајно засилување на поенти на други луѓе - дигитален еквивалент на викање ’да, во право е’ сред расправа. А бидејќи Твитер не дозволува уредување твитови, информацијата која станува вирална преку ретвитови  исто така е поверојатно да биде лажна или преувеличена. Според истражување на МИТ, Твитер корисниците е два пати поверојатно да ретвитуваат лажни вести отколку вистински вести,“ пишува Лоренз.

Кога ретвитот е воведен во 2009, тоа е направено во име на подобрување на платформата и да помогне најинтересните и најинформативните твитови побрзо да се рашират. Твитер од тоа време драстично се разликува од денешниот по две клучни работи: 1. корисниците, кои во споредба со денешниот шлаем што се насобра изгледаа како академска аристократија; и 2. тајмлајнот, кој во тоа време е хронолошки, наспроти денешното подредување на твитовите според проценката на алгоритмите на Твитер.

Токму втората промена (помиреноста со нерешливоста на првиот проблем е и причина за девалвацијата на секакво можно ниво на разговор на социјалната мрежа) и наклонетоста на алгоритамот кон бројот на ретвити е она што на  масовно ретвитуваните статуси им дава уште поголема видливост.

Дел од корисниците се зафаќаат сами да го решат проблемот со ретвити, па освен барања за верзија на Твитер без ретвити, има и упатства и скрипти како масовно да ги изгасиш ретивитите од твојот тајмлајн, а едно од актуелните решенија е укинување на бројката на ретвити и лајкови во твојот фид, со помош на екстензија за Хром.

Секако, системско укинување на копчето нема да целосно да ја спречи ретвитувањето, бидејќи корисниците ќе можат да ја користат истата пракса од пред појавата на копчето кога рачно се копираше текстот и повторно се објавуваше со „RT“ пред него.

Иако ваквото враќање наназад нема комплетно да го искорени ретвитот, според Лоренз тоа е „чекор во вистински правец“ за колку толку расчистување на Твитер муабетите.

30 октомври 2018 - 12:08