Станува полесно да им укинеш Јутјуб на деца, отколку да ги допазиш

На досегашната реденка причини зошто деца не треба да припаруваат до Јутјуб, од пред некое време се придодаде и „инструкции за самоубиство вметнати во цртани филмови на Јутјуб и Јутјуб кидс“.

Вашингтон пост пренесува сведоштво на мајка која заседнала со своето дете да гледа цртани на Јутјуб кидс, апликацијата од Јутјуб дедицирана за деца и за чисти содржини исклучиво наменети за истите. За кратко време на екранот се појавува маж кој симулира сечење вени, и објаснува „запаметете деца, попреку е за внимание, по должина е за резултати“.

Откако жената го пријавува видеото, а веста се шири, се случуваат две работи: Јутјуб го трга видеото од Јутјуб кидс апликацијата, и родители почнуваат да пријавуваат нови и нови клипови на апликацијата кои содржат совети за самоубиство, како и истото парче видео од оригиналната вест.

На ова се надоврзаа и психолози, посочувајќи дека тргнувањето на видеото не им врши работа на децата кои го виделе клипот бидејќи тоа веќе било изложено на содржината, и дека вакви случаи можат да завршат со појава на кошмари кај децата или обиди за саморанување од радозналост.

Претходно во видеа за деца на Јутјуб беа откриени содржини за возрасни од пцуење до масовни убиства, употреба на алкохол, фетиши, стории за трговија со луѓе и сексуални ситуации. Добар дел од овие видеа содржеа популарни ликови од цртани филмови како Елса од Фрозен, ликот кој од децата е идолизиран до митологиски размери.

Минатата недела Јутјуб го напуштија неколку големи огласувачи, како Фортнајт, Дизни и Нестле, откако се рашири веста дека нивни реклами се појавуваат на содржини поврзани со педофилска група.

26 февруари 2019 - 14:26