Русите ќе вежбаат исклучување од интернет

Во некое време до први април 2019 година, Русија планира комплетно да се исклучи од глобалниот интернет, чисто за да провери како ќе ѝ оди без него.

Руските власти и интернет провајдери планираат да ја исклучат земјата од интернет, како дел од експериментот за „не дај боже“, еден ден навистина да им притреба тоа.

Предлог законот на таа тема кој датира од декември 2018-та а на кој амандмани можат да се поднесуваат до први април оваа година, предвидува обврска за руските интернет провајдери да гарантираат независност на рускиот интернет простор (Рунет) и во случај на странска агресија да се подготвени да ја исклучат земјата од остатокот на интернетот, без да колабира домашниот интеренет сообраќај.  Дополнително, руските телекоми се обврзани на техничка подготвеност да го ре-рутираат целокупниот интернет сообраќај преку домашниот регулатор Роскомназор. 

На ваков проект Русите работат неколку години бидејќи уште во 2017-та најавија дека планираат 95% од целиот интернет сообраќај да биде рутиран преку Роскомназор. Веќе имаат развиено и локален бекап на системот на домеин имиња (DNS) кој ќе биде една од главните компоненти кои ќе се тестираат за време на исклучувањето.

Преку Роскомназор, државата се обврза да им исплати обештетување на провајдерите за настанатата загуба и за потребните инфраструктурни прилагодувања, а крајната идеја на законот, кој ќе помине бидејќи е подржан од Путин, е земјата да има ефиасен систем за интернет филтрирање сличен на оној кој веќе го има Кина.

11 февруари 2019 - 21:38