Русија забрани мемиња?

Проширувањето на еден закон технички им забранува на веб страните да исмејуваат кого било во Русија. Од овие сите, руската влада би ја интересирале само тие што би исмејувале познати личности (вклучително политичари).

Според соопштението од Роскомнадзор (тамошно АЕК+СРД), во иднина е нелегално да се "олицетворува" славна личност користејќи нејзина слика во меме.

Потеклото на законот е крајно не-путинистичко. Во 2005-та, рускиот бенд Намбаван снима спот за "Гламурнаја дискотека," техно во кое постојано се повторува "Бей бабу по ебалу" (во слободен превод - плесни ја кучката). За кратко песната добива и алтернативно име - ББПЕ, некаде во латинична верзија како - BBPE.

Кратеницата спорадично се користи на интернет кога во 2008-ма таа е додадена на слика од популарниот пејач Валериј Сјуткин. Мемето станува вирално на рускиот интернет, а Сјуткин, сериозно обожуван од женската публика, не по своја вина заради ова меме станува постер за домашно насилство. Сурфајќи на интернет до мемето стига и мајката на Сјуткин, која е крајно навредена од истото, заради што тој го тужи сајтот Луркмор (нешто како енциклопедија на руски мемиња) по основа на ширење на материјалот.

На првото рочиште судот ја одбива тужбата и барањето да се избрише страницата за ББПЕ од Луркмор. Минатата недела, на второто рочиште судот ја смени одлуката и нареди бришење на страницата.

"Основа на судот? Рускиот закон за лична приватност. Ова пак доведе до соопштението на Роскомнадзор од неделава, вклучувајќи го и додавањето на новата забрана за навредливи мемиња во законот за лична приватност. Портпаролот на Роскомнадзор, додаде дека судот го прогласил ББПЕ мемето нелегално бидејќи тоа открива лични факти за некого кои не се искористени за 'јавното добро.' Оваа пракса 'ја дискредитира честа, достоинството и бизнис репутацијата на јавните личности,' стои во нивното соопштение.

Според новиот амандман на законот, Роскомнадзор ќе бара отстранување на сите навредливи содржини, и ако ова не се случи во законската рамка, Роскомнадзор ќе тужи," објаснува Сара Кофман за Вокатив.

10 април 2015 - 15:49