Политичарите сакаат да го понижат Фејсбук, ама не и да го регулираат

Луѓето задолжени за пишување на законите објаснуваат дека не постои природен притисок од гласачите за регулирање на Фејсбук, Амазон, Елп, Нетфликс, Гугл и слични, никој не им кенка за наметнување на повеќе правила и ограничување на истите.

Вработените во кабинетите на американските конгресмени објаснуваат „никој не го бара тоа од нас, кога одиме кај нашите избирачи, никој не се појавува на средбите и да се жали за Инстаграм или да се жали за Амазон“.

„На Вол стрит пак, банкарите се кладат дека на Американците не им е многу гајле да ја зауздаат Силициумската долина, а и на Конгресот, во најголем дел, не му е,“ пишува Вилијам Конан во Ванити феир.

Тој прераскажува една случка од минатиот април кога Вол стрит директор се наоѓа во Вашингтон во исто време со Марк Закерберг, кога овој вториов сведочи пред Сенатот. Тој и неговите партнери се среќаваат со луѓе од Конгресот и од администрацијата на Трамп, за да разговараат околу регулирањето на ФААНГ (Фејсбук, Епл, Амазон, Нетфликс и Гугл). Пораката што тие ја добиваат е јасна:

„Единствената работа околу која сите тие се согласија, е дека што и да се случи, во смисла на вистинска регулација, вистинска реформа, потенцијално вистинска анти-труст активност, ќе зависи - и тројца различни луѓе ја употребија буквално истата фраза - ’од тоа колку време циркусот ќе остане во Вашингтон’“.

Впечатокот што овие луѓе го добиваат од законодавците и останатите на најразлични државни позиции, е дека тие веруваат дека гневот што постои околу ФААНГ е ограничен, и опфаќа многу мал дел од луѓето, „вклучувајќи делови од медиумите, луѓе од технолошкиот свет, луѓе кои се конкуренти на овие компании и поборници за приватност“.

„Никој не нè прозива за ова. Никој не маршира на Вашингтон заради Фејсбук. Кога си одиме дома, во избирачките места, никој не се појавува на средбите и да се жали за Инстаграм или Амазон. А кога тоа не се случува многу е тешко да му посветиш внимание. Сите ние знаме колку инерција и фрикција има при завршување каква било работа во Вашингтон. Ама ако зад себе немаш некој да те турка напред, нема ни шанса што било да се заврши,“ ја пренесува Конан изјавата на еден вработен во Конгресот запознаен со тоа како оди целиот процес.

Уште еден проблем е што овие компании, и покрај парите и зулумот што го прават, се крајно популарни во јавноста. Така 75% од Американците имаат позитивен став кон Амазон; на 62% им се допаѓа Епл; а 78 се позитивно наклонети кон Гугл.

Пречка во гонење на овие компании по основа на монопол е што тие нудат бесплатни услуги.

„Мејлот е бесплатен, пребарувањето на Гугл е бесплатно, Јутјуб, освен ако не сакаш да платиш, е бесплатен... исто важи и за Амазон.

Кога сакаш да гониш некого за монопол прво му ги гледаш цените. Бараш знаци дека тие ги уништуваат своите конкуренти и потоа ги креваат цените. Амазон е лидер во ниски цени. Ова е и причината што Волмарт никогаш не бил тужен за монопол, иако Волмарт е четири пати поголем од Амазон,“ објаснуваат луѓето од Конгресот со кои разговара Конан.

20 ноември 2018 - 14:03