Народ не сака да ја остави приказната за „самоубиството“ на Џефри Епстин

Официјално, после првиот обид за самоубиство, милијардерот, педофил и близок човек на добар дел од американските елити, беше преместен во одделение со висока безбедност каде требаше да се внимава тој да не си го одземе животот. По неколку дена, Епстин се „самоуби“. И барем за меинстрим медиумите приказната тука заврши, ама не и за добар дел од јавноста, посебно онаа на интернет.

Иако цело ова време случајот со смртта на Епстин тлее, работите се распалија минатата недела кога доктор по судска медицина објави дека повредите регистрирани кај Епстин се многу почести кај обид за задавување, отколку кај самоубиство со бесење.

И покрај тоа што три месеци се вечност мерено според способноста за памтење на интернет, тоа не важеше и во овој случај. Она што е привлечно околу целата работа се околностите и луѓето кои Епстин потенцијално би можел да ги вмеша или да ги именува во понатамошните судски постапки (се знае и со Трамп, и со Клинтонови, и тоа добро, плус бројни други луѓе од американската елита).

Во пракса, ваквиот отпор кон официјалната приказна и барање на вистината околу смртта на Епстин резултираше со бројни мемиња на непомирливост, од сите можни страни:

Хронолошки развојот на настаните е следен:

- 23-ти јули, Епстин е најден онесвестен во својата ќелија со траги на насилство на вратот.

- Следниот ден Епстин е ставен под посебен надзор за самоубиство.

- На 29-ти јули укинат е посебниот надзор на Епстин.

- Истиот ден тој е преместен во друга ќелија, во друго одделение, со нов цимер и стражар кој го проверува на секои 30 минути.

- На 9-ти август неговиот цимер е префрлен на друга локација, а Епстин не добива замена и останува сам.

- Подоцна се покажува дека вечерта, наспроти правилата, Епстин не бил проверуван од стражар на 30 минути. Наводно двајцата стражари што биле на смена заспале на работа и три часа не ја провериле ќелијата на Епстин.

- Епстин е најден мртов во 6:30 утрото на 10-ти август.

4 ноември 2019 - 15:58