Германецот е напнат што му е спор интернетот

Бидејќи никој не сака да се случи масовно напнување на Германците, и покрај тоа што просекот на државно ниво им е околу 75 мегабити, се работи на воведување гигабитен интернет во целата земја.

Германците чувствуваат резил од својата интернет мрежа која е 33-та во свет по брзина на фиксниот броудбенд интернет, и 47-ма во свет по брзината на мобилниот интернет. (Македонија е 24-та во фиксен, и 82-ра во мобилен интернет.)

Иако за корисниците постои и опција за гигабитен интернет, понудата е ретка и главно е ограничена на центрите на големите градови.

Освен проблем за домашните корисници, ваквата состојба на мрежата е проблем и за големите германски медиумски компании кои не можат да стримаат високо квалитетни содржини, хостинг/клауд индустријата вон големите урбани центри, и слични сервиси што зависат од интернет со сериозна брзина.

Причина за ваквата состојба е што пред една деценија кога останатите членки на ЕУ решија да пуштаат оптика, Дојче телеком се одлучи на шконтарско решение и се зафати со далеку поевтиното унапредување на бакарната мрежа на компанијата. Со техниката што тие ја искористија, Дојче телеком може преку бакар да пушти интернет со брзина до 100 мегабити. На тој начин тие до крајот на годинава ќе го исполнат владиниот таргет 80% од домаќинствата на земјата да имаат пристап до брзина од најмалку 50%, нешто што требаше да биде завршено до крајот на 2018.

Според портпаролот на компанијата, фибер оптика ќе овозможи поголеми брзини, но ќе биде достапен за само 10 до 20 проценти од домаќинствата во земјата.

Во 2017 надлежните германски власти решија дека ваквото унапредување не е доволно и дека ќе треба ширење на оптичката мрежа. Истата година германското министерство за транспорт повика гигабитниот интернет да биде широко достапен во земјата до 2025.

По ова Дојче телеком вети дека ќе додава по 60.000 километри оптика годишно, и дека 90% од територијата на Германија до 2025 ќе биде покриена со 5Г интернет.

6 август 2019 - 13:23