Фејсбук станува претерано страшен

Во нешто што наликува на сценарио од следната сезона на Black Mirror откриено е дека Фејсбук знае како да те следи користејќи ја прашината на камерата на твојот смартфон.

Тоа што Фејсбук тврди дека не ја користи твојата локација за да ти даде предлози кој да ти биде пријател, не значи дека не помислил на тоа или дека не може.

Во 2014 Фејсбук поднесува барање за патент за технологија која освен што може да открие дали два смартфони биле во исто време на исто место, преку акцелерометарот и жироскопот на смартфонот може да утврди и дали во тој момент нивните сопственици биле свртени еден кон друг или пешачеле заедно. По таа основа Фејсбук може за пријател да ти предложи некого со кого што си разговарал претходната вечер, а притоа да ги изолира сите останати што биле на иста локација а не си направил ниту ред муабет.

Фејсбук тврди дека не ја употребуваат оваа технологија, и дека препораките што ги добивате за пријатели во најголем дел се базираат на контактите што ги имате во именикот на вашиот телефон (а кои сте дозволиле да бидат искористени).

Вака „другарски“ воспоставената пракса не значи дека Фејсбук не е цело време до гуша во најразлични проекти за развивање што понапредни способности за шпионирање, дури и истите никогаш да не бидат пуштени во масовна употреба.

Во патент поднесен во 2015, Фејсбук наведува технологија за поврзување на двајца луѓе преку фотографиите што ги имаат аплоудирано на својот профил. Главната цел на овој патент е да се утврди дали фотографиите се направени со истиот телефон или апарат, па по таа основа да се потврди дека двајцата се познаваат. За ова Фејсбук следи неколку маркери, од некои крајно безазлени, дали оригиналното име на двете фотографии се од истата низа (img-00011.jpg img-00012.jpg...), до незамисливи како тоа дали гребнатинките или прашината на камерата се појавуваат на иста локација на различни слики, што би открило дека фотографиите се направени со ист уред.

Кога би сакал, а за сега тврдат дека не сакаат, Фејсбук би можел овие информации да ги искористи за да ви понуди „Луѓе што можеби ги познавате“.

Стравот од сето ова колку толку го олеснува тврдењето на Вера Раниер, адвокат од Електроник фронтиер фондацијата (ЕФФ), која објаснува дека при издавањето патент не мора да се покаже дека некоја технологија функционира.

12 јануари 2018 - 11:27