Долина на даночните битанги

На глобалните јавни услуги (од здравство до полиција и пожарна), државните службеници и проекти им се ускратени над 100 милијарди долари во данок што големата шесторка од Силициумската долина го избегнува на секој можен начин.

Сумата се однесува на периодот од 2010 до 2018 и е само од Епл, Амазон, Фејсбук, Гугл, Микрософт и Нетфликс, а црните дупки во кои се одлеваат парите кои инаку треба да завршат во буџетите се локации како Бермудски острови, Ирска, Луксембург и Холандија.

Најголем криминалец меѓу шесторката е Амазон, кој плаќа данок од само 12,7%, што е околу една третина од американскиот просек од 35%. Во периодот што го пресметува организацијата Фер такс марк, 2010-та до крајот на 2018-та, Амазон има платено вкупно данок од 3,4 милијарди долари. Ова е помалку од една десетина од данокот што Микрософт го има платено во истиот период, од 46,9 милијарди долари, и покрај тоа што приходите на Амазон ги надминале оние на Микрософт за околу 80 милијарди долари.

Според списокот на Фер такс марк, на второ место е Фејсбук со просек на платен данок од 10,2% од профитот.

Трет е Гугл со данок од 15,8% од профитот, а иста стапка има платено и Нетфликс. Епл, само прогласениот најголем плаќач на данок во светот, за овој период платил данок на приход од 93,8 милијарди долари, што е еднакво на 17,1% од профитот, или 8,9% од профитот што го прават надвор од САД.

Микрософт има најмалку агресивна позиција кон избегнување данок, плаќајќи 46,9 милијарди долари данок на профит од 278 милијарди долари и приходи од 882 милијарди долари. Платениот данок им е 16,8% од профитот.

За тие што се изгубија во процентите, просекот на данок што се плаќа во САД е 35% од профитот.

4 декември 2019 - 10:04