Дали социјалните мрежи се новото пушење цигари?

Масакрот во Нов Зеланд во кој загинаа 50 луѓе не беше направен само за да предизвика што е можно повеќе жртви, туку и на убиецот да му донесе што е можно повеќе слава на социјалните мрежи преку стримување во живо на истите овие мрежи.

Ужасот и нечовечноста на целиот акт само дополнително ја накостреши јавноста кон медиумот за кој целиот масакар беше приреден - социјалните мрежи. Ова доведе до стандардни повици за ограничување и дополнителен надзор на социјалните мрежи, што пак главно беше исмеано, те заради неволноста да се направи тоа, те заради штетноста на таквиот потег.

Прашањето на Бен Манјард во Уанзиро, е „што ќе се случи кога доброто што го обезбедуваат социјалните мрежи ќе станува се помало од штетата што тие ја предизвикуваат?“

До сега на чисто сме со тоа дека забранувањето на социјалните мрежи не е изводливо решение,  саморегулирањето од нивна страна спектакуларно не успеа, а наметнувањето нови закони за нивно регулирање е потешко да се спроведе отколку што изгледа.

Предлогот на Манјард е да се копира решение од други индустрии, конкретно од тутунската индустрија. Сличностите меѓу двата производа е што на пример ја олеснуваат општествената интеракција и ти даваат можност да се олабавиш и да направиш пауза. Исто така двете создаваат сериозна зависност, штетни се за твоето и здравјето на тие околу тебе, и претставуваат огромен трошок за општеството.

Она што е олеснителна околност во целата работа е што со тек на време и многу работа, бројот на пушачи успеа да се намали. Ова опфаќа сè од грозните слики на кутиите цигари, воведување забрана за продажба на цигари на малолетници, образување на јавноста итн.

Од ова, во пракса може да се спроведе кревање на границата за зачленување на Фејсбук, на пример на 18 години од сегашните 13; активни владини кампањи за образување на јавноста околу штетноста од користење на социјалните медиуми; или социјалните мрежи на насловната страна (твојот профил или што и да е) да објавуваат предупредување дека се штетни за менталното здравје на своите корисници, како што тоа денес производителите на цигари мора да го прават.

„Играчите што доминираат во социјалните мрежи до сега се само на муабет за нивната морална и етичка обврска да се обидат и да ги менаџираат непланираните и негативни последици на нивниот производ.

Тие прават доволно за да се извадат од најлошите пи-ар кризи, меѓутоа ништо не прават за да решавање на сржта на проблемите на каков било соодветен начин. Тие не се плашат од регулирање затоа што веруваат (со право) дека владите немаат ниту ресурси ниту волја за да спроведат такво нешто. Меѓутоа тие може ќе почнат да реагираат доколку нивните членови - и нивните клиенти, огласувачите - почнат да ги избегнуваат,“ порачува Манјард.

27 март 2019 - 17:05