Трамп тера социјализам за богатите, а капитализам за сите останати

Во неодамнешното обраќање пред Конгресот, Трамп прогласи дека „Америка никогаш нема да биде социјалистичка држава“, притоа игнорирајќи дека таа е станата жариште на социјализмот, барем на социјализмот за богатите.

Ова важи доколку се оди по размислувањето на конзервативците за кои социјализам значи да добиеш нешто за ништо.

„Ваквото размислување подразбира 21 милијарда долари што најголемите банки во земјата лани ги заштедија благодарејќи на даночните олеснувања на Трамп, од кои добар дел завршија како огромни бонуси за директорите на банките. Од друга страна, во исто време над 4.000 вработени од банките од пониските слоеви добија голема доза суров капитализам. Ги изгубија своите работни места,“ пишува поранешниот американски секретар за труд Роберт Рајх во текстот за Гардијан.

Плус на ова, банките кои со народни пари беа спасувани во 2008, уживаат во скриени субвенции од околу 83 милијарди долари годишно.

„Минатата година вкупните бонуси на Вол стрит изнесуваа 31,4 милијарди долари. Тргни ги на страна субвенциите од државата и бонусите ќе ги снема.

Трамп промовира социјализам за богатите и остар капитализам за сите останати на други начини.

Генерал моторс доби повеќе од 600 милиони долари во државни договори, плус 500 милиони долари во даночни олеснувања. Дел од овие пари влегоа во џебовите на директорите на Генерал моторс.

Претседателот и ЦЕО на компанијата собра речиси 22 милиони долари надомест само во 2017 година.

Но вработените на Генерал моторс се изложени на суров капитализам. Генерал моторс планира отпуштање на повеќе од 14.000 вработени и затворање на 3 фабрики за склопување и 2 фабрики за делови во Северна Америка до крајот на 2019,“ објаснува Рајх.

Како примери на социјализам за богатите, Рајх го наведува случајот со стоковната куќа Сиарс чие раководство за распродавање на имотот и затворање на компанијата подели 25 милиони долари, додека илјадниците вработени беа отпуштени. Или директорот на Пацифик гас енд електрик, кој раководеше со компанијата во времето на пожарите во северна Калифорнија (предизвикани од нивна опрема) и на заминување доби 2,5 милиони долари, додека компанијата прогласи банкрот за да се заштити од судските казни за сторената штета.

Моментално 60% од американското богатство е наследено, што значи дека голем дел од денешните супер-богати немаат ни еден ден работно искуство во животот. Ова како што посочува Рајх е спротивно на капиталистичкиот принцип дека луѓето заработуваат онолку колку што вредат на пазарот, и дека економските придобивки треба да одат кај оние што ги заслужиле.

„Америка е на прагот на најголемиот интер-генерациски трансфер во историјата. Како што богатите бејби-бумери ќе почне да ги снемува во текот на следните три децении, се проценува дека 30.000 милијарди долари ќе завршат кај нивните деца.

Овие деца ќе можат да живеат од приходите што овој имот ќе ги генерира, и потоа најголемиот дел од наследството ќе им го остават на своите наследници, без оданочување.

По неколку генерации вакви трансфери речиси целото богатство на нацијата ќе биде во рацете на неколку илјади семејства кои не работат. Во размислувањето на конзервативците, социјализмот создава општество во кое никој не одговара за ништо, и никој не треба да работи за она што го добива. Сепак, токму тоа е општеството кое Трамп и републиканците го создаваат за богатите.

Во меѓувреме, најголемиот дел од Американците се предмет на се поостар и самоволен капитализам во кој тие работат се понапорно а никаде не стигаат, имаат помалку безбедност од кога и да е,“ порачува Рајх.

12 февруари 2019 - 11:26