Платата е долга, животот е краток

За да заработи колку што годишно заработил најплатениот менаџер во САД, човек со просечна американска плата би требало да поработи 3.500 години. Ако е на минималец, Господ треба да го поживее 9.095 години.

Дејвид Сајмон, ЦЕО на Сајмон Проперти, минатата година однел дома 137 милиони долари, голем дел од нив бонуси во вид на акции.

Доколку претпоставиме дека работи 60 часа неделно, тој за еден час заработува речиси 44 илади долари а минутата му вреди 732 долари. Човек на американски минималец треба да работи цели три години за да ја заработи сумата која Сајмон ја прави за еден час.

Во однос на него, и Обама работи за џабе. Сајмон заработува 342 пати повеќе од американскиот претседател. Ако се додадат и платите на Бајден, целиот кабинет на Обама, сите судии на Врховниот суд, сите Сенатори, сите Конгресмени и сите гувернери на држави, повторно не се стигнува платата на Сајмон. Тој заработува повеќе од сите 600 најплатени државни службеници и политичари на САД заедно.

Сепак, тој е екстремен случај меѓу врвните менаџери. Просечен ЦЕО во САД годишно заработува 9, 5 милиони долари.

Со просечна плата, за таа сума треба да се ринта 244 години. Со минималец- 636 години. Американски претседател не би можел да стигне бидејќи има ограничени 2 мандата а според платата на Обама, за да се израмни со сумата на просечен ЦЕО би му требале 12 години.

26 мај 2012 - 11:43