Обратната ера на банките

Комплетната банкарска пирамида се базира на тоа да се наградуваат оние што ти ги оставаат парите да им чуваш (штедат), и да се казнуваат оние што ти земаат пари за да трошат (кредити). Сега, заради висока математика, се е тргнато наопаку.

Банките (барем странските) почнаа на клиентите да им наплаќаат надомест за парите што тие ги имаат депонирано за штедење, наместо да им плаќаат камата. Не дека банките почнале со самоволие туку ги следат мерките на Европската централна банка, која за да го поттикне кредитирањето и растот, на комерцијалните банки им воведе негативна камата за депозити.

Заради ова на комерцијалните банки повеќе не им се исплати во централната банка да имаат вишок на ликвидност (пари), а затоа што немаат доволно шанси за вложување пари / кредитирање, трошоците ги префрлаат на депозитите од сопствените клиенти.

Ваквата логика е спротивна на капитализмот (посебно на неолибералниот), кој иако не е навикнат на вакво нешто, заради кризата во која се најде ќе мора да изнаоѓа поконкретни начини за стимулирање на трошењето пари.

"Тука се насетува спротивна логика: да се пенализира оној што штеди, и уште да се поттикне оној што сака да земе кредит бидејќи така инвестира, троши, вработува, ги врти запците на економијата..." објаснува хрватски Нови Лист, кои најавуваат дека и во Хрватска од следната година се воведува данок на камата од штедење.

Целата ситуација која излезе од преголемата ликвидност на банките и намалената кредитна активност, ја објаснува професорката Маријана Иванов од Економскиот факултет во Загреб.

"Системот е заробен во своевидна стапица на ликвидноста во која имателите на високи штедни влогови не сакаат ниту да трошат, ниту да инвестираат. Побарувачката на кредити е ниска, а перспективите за профитабилни вложувања се прилично несигурни како за банките така и за бизнис секторот. Во вакви услови депозитите како традиционален извор на средства на банките стануваат висок трошок на оперативното функционирање на банките и не чуди тоа што поедини банки во развиените земји имаат воведено негативна каматна стапка на штедење.

На овој начин штедачите практично им плаќаат на банките надомест за чување на депозитите. Иако негативната каматна стапка претставува парадокс од позиција на денешниот систем на размислување и искуства, слична ситуација постоеше во времето на златниот стандард кога имателите на злато (депоненти) им плаќаа на банките надомест за чување на златото. На крај, и сите сопственици на тековните сметки плаќаат одреден надомест за водење на тековна сметка или користење пакет на услуги.

Сето наведено би требало да ги поттикне штедачите повеќе да инвестираат и со тоа да ја оживеат економската активност, а во случај мерките да предизвикаат нестабилност на депозитите (што е можно), идниот раст на бројот на луѓе кои плаќаат камата би можел да ги извлече системите на развиените земји од постојната стапица на ликвидност," објаснува Иванов.

12 ноември 2014 - 10:18