Денот на шопингот беше даровен

На годинешниот Ден на самците, празник кој денес се поврзува со еднодневните масовни попусти на Али Баба и Али Експрес, купувачите потрошија рекордни 25 милијарди долари.

Годинешната сума потрошена на Денот на самците е 40% поголема во споредба со минатогодишниот рекорд. Годинава првата милијарда долари на Али Експрес беше потрошена во првите две минути од почетокот на распродажбата, а целата сума од 2016 беше постигната во рок од 13 часови.

Со оваа сума настанот стана четири пати поголем отколку американските традиционални шопинг празници Црн петок и Сајбер понеделник, кои се сметаат за двата најголеми шопинг денови во САД.

Годинава на церемонијата за отворање на шопингот, Али Експрес во Шангај ги донесе Никол Кидман, Фарел Вилијамс и Марија Шарапова.

Потеклото на Денот на самците е од 90-те, кога група студенти ергени решаваат да организираат нешто налик анти-Валентајн, и секоја година на 11-ти ноември меѓусебно да си подаруваат нешто. Со тек на време Али Баба се надоврзува на празникот и денес тој е речиси исклучиво поврзан со нејзиниот бренд, иако во него учествуваат и други кинески он-лајн продавници.

13 ноември 2017 - 10:04