Златна зора сè послабо изгрева

Нео-нацистичката партија го скрати бројот на вработени во седишето во Атина, а низ земјата ги испозатвори своите канцеларии. Ова е делумно затоа што нивната галама главно издиша, а делумно и затоа што добар дел од другите партии ги приближија своите ставови кон некогаш незамисливото однесување.

На почетокот од деценијава подемот на Златнозорците се базираше на економските проблеми во кои западна Грција и целата должничка криза што завладеа, што подоцна го надополнија со стандардни нацистички примеси, плус криминал и убиства.

Минатата недела во 5-катната зграда на партијата во Атина се појавија луѓе за селење, кои товарија се што можеше да се изнесе од објектот, оставајќи да виси распарталено партиско знаме и само „Зора“ делот од натписот „Златна зора“.

„Истоштени од години безмилосно штедење, длабоките бунари на гнев од кои црпеа нео-нацистите полека пресушуваа. Грците за разлика од останатите Европејци, му го свртеа грбот популизмот, напуштајќи ги граничните политики и огнена реторика на Сириза, во замена за партијата која вети дека ќе воведе ред и закон, и ќе ја засили контролата на порозните грчки граници,“ пишува Хелена Смит во Гардијан.

Сериозен придонес во падот на партијата имаат и самите Златнозорци, па така убиството на популарниот анти-фашистички рапер Павлос Фисас кој беше прободен со нож од еден од високите функционери на партијата, од една страна ги освести гласачите со кого имаат работа, од друга страна предизвика сериозни расцепи во соработката на Златна зора со грчките тајни служби.

Пред убиството на Фисас главна мета на Златна зора беа имигрантите (плус Македонци од Егејска Македонија), што многу многу и не ги засегаше Грците кои од економски маки гласаа за партијата, меѓутоа тоа се промени откако тие решија да тргнат и по Грци. Убиството доведе и до истрага на партијата која резултира со судење на 69 членови на Златна зора.

Поранешни членови на партијата објаснуваат дека смртта на Златна зора е природна, бидејќи таа никогаш не успеа да се прошири:

„Помалку од 15% од гласачите на партијата ги имаат посетено нејзините штабови, а тоа е затоа што внатре секогаш постоеше дилема дали Златна зора треба да се отвори околу својата вистинска идеологија, која беше само Хитлер и национал-социјализам, или да ја отфрли и да ризикува да ги навреди своите хард-кор членови.“

Грчките анти-фашисити пак ја славата победата над крајната десница, порачувајќи дека се уште треба да се „искоренат сите крајни десничари во полицијата и безбедносните служби на земјата“. Плус тие имаат апел до авторката од Гардијан: „Да не ги заборавиме, ве молам пишувајте за жртвите. Имаше толку многу мигранти, млади луѓе чии имиња никогаш нема да ги дознаеме, кои беа убиени на овие улици од раката на Златна зора.“

24 септември 2019 - 12:46