Приказна која ни звучи познато:

Најдобриот ученик на Канцеларката

Александар Вучиќ е радо виден гостин во Берлин. Се разбира, во Германија не го гледаме како додека мафта со рацете им се дере на министри и новинари, туку како говори смирено, со споени прсти, прекумерно заблагодарувајќи ѝ се на Ангела Меркел за сè и сешто. Целиот нивен однос, меѓутоа, може да се сведе на едно: Косово.

Ден после белградските избори на кои уште еднаш до нога ја потепа опозицијата, српскиот син Александар Вучиќ се пофали дека мајка Ангелина во канцеларија му пратила полнети лигњи, неговото омилено јадење, бидејќи од многу работа, тој не успеава ја види. Неколку дена пред изборите, Вучиќ во Берлин ручаше со Ангела Меркел, а ева ја неа, пак го вика. Рандевуто е закажано за 13 април а злите јазици би рекле дека српскиот претседател почесто ја гледа Ангела од Ангелина. Овој петок Вучиќ и Меркел ќе се видат по 13 пат. 

Интензитетот и динамиката на најавените разговори меѓу клучните европски политичари и Александар Вучиќ, вклучувајќи ја и повторената покана од Ангел Меркел, како и планираните состаноци со претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и францускиот претседател Емануел Макрон, говоарат за најмалку две работи“, пишува Танјуг во анализата на Вучиќевата турнеја. “Една е дека на меѓународната заедница ѝ се брза да го затвори 'случајот Косово' а втората - дека е јасно дека тоа не може да помине без Србија, односно Вучиќ, бидејќи ниедно решение за Косово кое би ја оставило Србија незадоволна и фрустрирана од меѓународната (не)правда, не би осигурало одржлив мир и безбедност во регионот“.

Ништо без Вучиќ.

Државната агенција, особено откако левитира меѓу опстанокот и исчезнувањето, има обичај за „партнерството“ меѓу Вучиќ и Меркел да известува во хиперболи. Нема докази дека нивните состаноци се некако поинакви од состаноците на канцеларката со лидер на која било друга земја, слична по големина или значење. „Танјуг“ со ништо не го поткрепува тврдењето дека Вучиќ и Меркел “не разговараат со бирократскиот јазик на европската администрација, туку со практичен и јасен речник“. 

Тоа барем не го откриваат нивните прес конференции. Последната средба на крајот на февруари беше работна посета, иако српските медиуми известија дека се работи за „државна посета со највисоки почести“. На пресот Вучиќ беше во протестантски модус- она кога зборува тивко, прекумерно ѝ се заблагодарува на канцеларката и, се разбира, не вика на новинари - додека канцеларката од хартија читаше општи места. 

Однапред беше договорено кој од новинарите смее да праша. Две центар-шут прашања кои Вучиќ ги дочека на волеј поставија новинари донесени од Србија за оваа пригода. Два новинара на големи агенции ги занимаше нешто околу дизел-моторите. Кога српски новинар проба да им постави по едно прашање на претседателот и на канцеларката, Меркел се заврте кон својот портпарол Штефан Зајберт и рече: „Рековме четири прашања, да не испаднат сега осум“.

Вучиќ пак, одвреме навреме, успева на Германците да им продаде финти од домашниот репертоар. Кога во јуни 2014 присуствуваше на промоција на „Форумот Србија- Германија“, со саати зборуваше од говорница. Вредеше да се наслушнат воздишките од одушевување на претставниците на германскиот естаблишмент кога овој од глава испукуваше каде и колку километри пруга треба да се изгради за да се поврзат со брза железница Белгад и Загреб. Тоа е она прочуено рецитирање податоци кое на Вучиќ не му паѓа тешко - ако нешто не знае, просто ќе измисли.

Нема сомнеж дека Вучиќ повторно има важна работа со канцеларката. И дека, вака или онака, без него тешко може да има одржливо решение за Косово. Како и дека често се гледа со важни светски политичари, иако не „како ретко кој во поновата историја“, како што та бива претставувано.

Но исто така нема сомневање дека медиумската артилерија ги претставува работи попомпезни отколку што се, А Вучиќ до крај го цеди сиот медиумски капитал од ваквите средби. Некогаш тоа се само убави фотки, силуета од него и неа во контра-светло, додека во позадина кон берлинското небо се издигнува кулата на Александарплац.

Се насетува дека Вучиќ има добри медиумски оперативци во Германија бидејќи после негова посета, често во некои поугледни весници осамнува некое слаткасто интервју за реформите и нескршливото европејство на малиот а горд српски народ. Претседателот и лично негува добри односи со поедини новинари, на пример со Михаела Мартенс, дописничка на влијателниот Франфуртер Алгемајне Цајтунг, кој е склона кон големи зборови кога го опишува српскиот властодржец. Така, по повод започнувањето на внатрешниот дијалог за Косово, напиша дека „Вучиќ ја прескокна мрачната сенка на српската историја“. А виенски „Стандард’, од непознат извор, пренесе дека некои европски дипломати Вучиќ го споредувале со Вили Брант.

Кон крајот на февруари, Вучиќ реши на српските бирачи, преку српската ТВ Прва, да им се обрати од Берлин. Можеше тој да отиде во нивно студио кога сака, и онака пред избори не излегуваше од студија, ама не, мораше тоа да биде од Берлин, додека во позадина се гледа зградата на Рајхстагот. Поттекстот тешко да се промашува: додека онаа боранија од опозиција само нешто кенка, јас кога сакам можам во Берлин.

Од друга страна, хроничарите на ерата на Ангела Меркел која го започна својот четврти мандат, би рекле дека таа речиси никогаш не излегува од рамките на протоколот, дека изјавите често ѝ се општи, дека внимателно го ослушнува јавното мислење и реакциите пред да донесе некоја одлука.   

Транскриптите од прес конференциите со српските лидери - а германската влада за тоа има педантна архива - откриваат дека таа никогаш не пропушта да ги спомне оние 300-400 илјади жители на Германија со српски корени, со вообичаената фраза за „мост меѓу двете држави“, одличните трговски односи, инвестициите и тоа дека Србија треба да стане членка на ЕУ. Уиграната екипа на канцеларката која ја подготвува шефицата за рутинските средби, го менува материјалот само ако мора.

Ангела Меркел ретко, кога ќе оцени дека е тоа прикладно, умее да биде духовита. Или да биде лута. Инсајдери велат дека во мал круг луѓе често ја користи германската пцост шајзе, кога ќе ја изнервираат коалиционите партнери. Емоциите речиси никогаш не ги покажува во јавност. Репортерите всушност, само еднаш за 13 години владеење ја виделе Меркел лута, со променета боја на лицето, едвај воздржувајќи се да не скршне од протоколарните изјави.

Беше тоа на 23 август 2011 година во Белград, ситуацијата на Косово беше деликатна - барикади на Јариња и Брник, пукање.... Домаќин ѝ беше претседателот на Србија Борис Тадиќ, и тој ден, иако тоа тогаш не се знаеше, веројатно беше запечатена неговата политичка кариера. А беше натапкана онаа на Александар Вучиќ.

Тадиќ на микрофон не рече директно дека нема намера да ги укинува српските институции на Косово но нафрли дека Србија е против преседан кој би можел да предизвика опасен домино-ефект.

Франкфуртер Алгeмајне после посетата пишуваше дека Тадиќ и Меркел немале ништо заедничко освен „тмурен израз на лицето“, Шпигел оцени дека „фрчеле еден на друг“, Време пишуваше дека „планираното благо предупредување од Меркел се претвори во јавен укор составен од сет косовски услови кои српската влада треба да ги исполни“.

Тој белградски клинч меѓу кочоперниот српски претседател и германската канцеларка на врвот на својата сила, навикната да добие сè што сака, ќе се испостави како клучен фаул на Тадиќ. Тој денес води партија со пола посто поддршка од бирачите и повторува дека би го беселе на Теразије ако потпишел нешто што ќе личело на Бриселскиот договор.

Вучиќ потпиша. Воопшто, главната оценка која за него со години ја изнесуваат германските коментатори е дека Вучиќ испорачува. Лиферува, испорачува, исполнува. Завршува работа.

Останатото е прашање на стил. По дипломатската и новинарска чаршија во Белград се зборува за договор меѓу Вучиќ, Берлин и Брисел, кој нагалено го нарекуваат „Мекалистеров протокол“, по кој на Вучиќ ќе му се гледа низ прсти сè додека неговиот авторитарен стил повеќе личи на оној на Орбан отколку на оној на Ердоган. Апсење на новинари и опозиција, вадење војска на улица и блокада на социјални мрежи - не може, сè што е бар малку посуптилно - може. Водењето на државата како да е партиски мираз не изгледа така страшно кога тоа, во извештаите на бриселската бирократија, ќе се преточи во низа еуфемизми како што е потребата од јакнење на владеењето на правото и напредок во борбата против корупцијата.

На критичарите на случувањата во Србија, забраздени во цинизам во годините кои ги изеде Вучиќ, односот на Берлин кон „регионот“ неодоливо ги потсеќа на онаа Черчиловата: „Не мораат тие да живеат овде“.

Има по нешто инфантилно во таа разочараност од германската канцеларка, како таа било што да им должи на граѓаните на Србија, како повеќе да треба да се секира за медиумските слободи во Србија отколку за тврдите германски интереси на Балканот, или повеќе при душа да ѝ се правата на српските работници отколку паричниците на германските инвеститори.

Во такви расправи брзо се доаѓа до аргументите за „европските вредности“ кои Берлин и Брисел ги занемаруваат во Србија.

Фантазиите за „европските вредности“ зборуваат само за тоа дека таквите критичари ги преспале последните 20 години. Дека не виделе како Германија на големо им продава тенкови на Турција и Саудиска Арабија, истите оние со кои се газат Курди или се гушат побуните на Арапскиот полуостров. Или како „европската вредност“ не значи ништо кога на Грција треба да и се наметне финансиска диета. Или како по црвен килим во Берлин лани шеташе египетскиот диктатор Абдел Фатах ал Сиси. Или како пасусите за човечко достоинство се менуваат со жилет жици и депортациони центри пред кои несреќниците од Блискиот исток и Азија масовно се дават во Средоземното море.

Околноста бегалскиот бран од август 2015 да се премести на Балканската рута му пружи шанса на Вучиќ да стане најдобар ученик на Ангела Меркел. Таа претходно подготви полициска блокада на границите ама се уплаши од грдите слики и реакцијата на германскиот Уставен суд, па го изговори она прочуено „Ќе успееме“ и ги отвори границите. Додека по неа фрчеа критики од Германија, Австрија и Унгарија, само Вучич имитираше сè што таа прави. Тоа кај Меркел му донесе доста кредити.

Тогаш како српски премиер, Вучиќ гадливо зборуваше за унгарската гранична ограда („Фали само уште струја да пуштат“), посетуваше бегалци по паркови а овие по репортажи кажуваа како никаде не им е „толку добро како во Србија“. Кога Меркел скова договор со Ердоган - тој да ги задржува бегалците а Европа да му праќа пари и да го разгледа укинувањето визи за Турците - и Вучиќ се премисли и испрати војска на границите. Додуша, исто како Меркел, и понатаму се слика со симпатични бегалци.

Бегалците наидоа попатно ама за малку од седло да ја исфрлат железната германска секретарка. Прашањето за Косово, меѓутоа, не е попатно туку има централно место во германската политика кон Србија. Фамозното поглавје 35 од преговорите со ЕУ (точка разно) во кое е стрпан проблемот со Косово, е почеток и крај на секој разговор.

Книги се напишани за тоа како Германија во 1999 година тргна во првата војна после Хитлер, учествувајќи во создавање на новиот светски поредок во кој НАТО, останувајќи без советскиот непријател, наместо одбрамбен, стана напаѓачки сојуз. Мисијата на Бундесверот на Косово, каде во рамките на Кфор сè уште го даваат најголемиот контингент (до 800 војници) е најдолготрајната мисија на германската војска. Сето тоа се правеше во прилог на косовската независност и не постои ни промил шанса Берлин, кој и да владее во него, да отстапи од тврдиот став: Косово е независно, помирете се со тоа.

Значајно е тоа што сега бившиот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел, во својата последна турнеја смести и блиц посети на Белград и Приштина. Со (намерно?) нејасен тон зборуваше, те за потребата косовската независност да се „признае“ (anerkennen), те да се „прифати“(akzeptieren). Тоа во српскиот вокабулар се два различни збора. Првиот е декларативната црвена линија на сите па и на најголемиот дел од опозицијата („Никогаш нема да ја признаеме независноста на Косово“) а вториот е она што Вучиќ веќе долго време го провлекува по авторски текстови во таблоиди и мелодрамски тв настапи („Да се прифати реалноста“).

Тука некаде, меѓу признавање и прифаќање, уште од 2007 се гнезди предлогот на крупната ѕверка на светската дипломатија, Волфганг Ишингер, за “моделот на две Германии“, Тогашната влада на Војислав Коштуница со индигнација го одби предлогот укажувајќи не резолуцијата 1244. Таа резолуција е одамна мртво слово на хартија, Коштуница политички веќе не постои но приказната за две Германии е пожива од кога и да е и се форсира токму од Берлин. Тоа сега се вика „сеопфатен правно-обврзувачки договор“

Урнек е договорот на двете Германии од 1972 годин кој беше основа за низа договори на двете земји. Тоа е направено така што Бон и источен Берлин експлицитно наведоа дека не се согласуваат околу националното прашање. Западна Германија остана на позицијата дека државата треба повторно да се обедини, Источна дека такво нешто не доаѓа предвид. Но, надвор од тоа несогласување, овозможена е размена на дипломатски претставници, како и тоа обете земји да бидат членки на ОН.

Досега од Берлин се нема изговорено дека Србија мора да го признае Косово, што значи дека официјалниот и конечен статус на Косово би можел да биде ставен во загради, како што двете Германии го направија тоа со националното прашање. Но, тоа би значело да се дозволи Косово да стане члена на ОН, на почетокот може и како посматрач, додека не се одоброволи Русија која има право на вето.

Ви дипломатски кругови се слуша дека Вучиќ до неодамна навистина имал поголеми очекувања од западните партнери. Дека очекувал благослов за идејата за поделба на Косово или размена на територии за со северно Косово, како со трофеј, да може да излезе пред гласачите на некој иден референдум или избори. Може да се насети дека Германија е таа која во таа играрија ги има зауздано Вучиќ и Тачи. Како што може да се насети дека неодамнешната драмолетка во Митровица и тегнењето на Марко Ѓуриќ по малку биле наменети и за канцеларката: Видете колку сме луди кога нема да го добиеме тоа што го сакаме!

Дали Ангела Меркел верува дека Вучиќ до крај ќе ѝ ја одработи работата за која Тадиќ фигуративно би висел на Теразије? Дали се приближува крајот на косовскиот меден месец во текот на кој Берлин упадливо му ги простуваше будалаштините на Вуќиќ на домашен терен? Некои работи укажуваат на тоа.

По фиоките на министерството за надворешни работи се насобраа критички извештаи и анализи за состојбата на демократијата во Србија. Ланскиот јануари една таква анализа протече до Дојче веле кога објавија текст за бруталното гаснење на РТВ Војводина. Но пратениците од  надворешно-политичкиот комитет на Бундестагот тогаш решија веќе да не добиваат такви анализи од министерството, за тие да не бидат дотурани до медиумите. По принципот, ние знаеме, ама јавноста не мора да знае дека знаеме. 

Вучиќ знае дека знаат. Експлицитна порака пратена му е минатото лето кога беше организирана посета на 20-тина лути критичари на Вучиќ на Берлин. Луѓе од невладиниот сектор, интелектуалци, па и по некој опозиционер. Нив ги примил вториот ешалон политичари кои се бават со Балканот. „Нè сослушаа ама се виде дека играат на Вучиќ бидејќи во Србија не гледаа алтернатива. Мислам дека со тие состаноци сакаа да му пратат порака дека е заменлив“, вели извор на „Време“ кој бил на тие средби.

Вучиќ во раце има уште еден адут кој никогаш не е занемарлив во односите со Германија - им угодува на инвеститорите. Тоа го почна многу брзо по преземањето на власта кога во 2014, под паролата за либерализација на пазарот, ги ошури и онака јадните работнички права и им отвори незапамтени можности на странските инвеститори. 

Неколку германски компании добија мрсни субвенции за бедна плата да вработат српски работници во индустријата на мотање кабли. Последниот пример е 9,5 милиони евра за ИТ секторот на германската компанија Континентал - сектор во кој српските фирми веќе работат сосема солидно и во кој нема невработени.

А ако нешто се знае за Германците, инаку склони кон ред и закон, тоа е дека во странство брзо се одомаќинуваат и е уортачуваат во мрежа на корупција и непотизам. Постојат проверени сознанија дека преку својата амбасада во Белград, Берлин активно влијае на српското законодавство како би се заштитиле профитите на германските фирми. Сето она што е незамисливо во Германија, во Србија проаѓа.

Не треба да се занемари ни семејниот однос меѓу партиите кои ги предводат Вучиќ и Меркел. Напредњаците од пред две години се придружена членка на Европската народна партија чиј стожер се германските Демохристијани. Раскошните честитки кои после последните избори од Берлин ги доби Виктор Орбан уште еднаш докажаа дека европските конзервативци пазат едни на други бидејќи треба во Европскиот парламент да се одбрани приматот во однос на социјалистите. Во Македонија, на пример, Демохристијаните го бранеа режимот на Никола Груевски до моментот кога тој беше притиснат до ѕид.

За разлика од Груевски, Вучиќ е ученик од предните клупи, оној што стално дига рака. Ангела Меркел ќе го толерира лошото поведение на својот ученик сè додека овој, од главните предмети, носи петки. За возврат тој добива понекоја пофалница, понекоја фотографија и декларативен напредок кон Европската Унија.

Ако канцеларката му има ветено дека токму тој, Александар Вучиќ, ќе биде оној што ќе го потпише договорот за пристапување на Србија кон ЕУ, тогаш мора да го има тоа направено држејќи шипак во џебот. Бидејќи проблемите на ЕУ се длабоки и долгорочни а популарноста на канцеларката е разнишана. Таа сигурно нема пред политичката пензија да препорача проширување на ЕУ и да го остави тоа во аманет на својата партија во која тврдата конзервативна струја полека ги презема уздите. 

Парадоксално е што хроничното останување во европската чекална на ЕУ му одговара и на Берлин и на балканските стабилократи. Во играта „тие демек би да ни се придружат, а ние демек би да ги примиме“, важно е само на Балканот да не продре премногу Русија, премногу Турција или премногу арапските земји и нивните петро-долари. Главната улога во тоа, Ангела Меркел во својот последен мандат ќе ја одигра на бис, само ако Вучиќ до крај испорачува.

Немања Рујевиќ, од Бон
за „Време“ (платена верзија)

13 април 2018 - 14:29