Грците ќе чадат мигранти со скара

Со сета мудрост карактеристична за грчка радикална десница, група грчки националисти за викендов закажаа правење скара (нормално свинска) веднаш до еден од бегалските кампови во земјата.

Намерата е во недела да се прави „протестна скара“ во близина на бегалскиот камп во Диавата (поранешно Додулари), оддалечен неколку километри од Солун. Организацијата е на групата Обединета Македонија (хм!), а присутните ќе јадат свинско и ќе пијат алкохол „во знак на протест против растечкиот број мигранти во Грција“.

Нормално, бегалците во кампот се муслимани, па заради тоа таков е изборот на „казна“ од организаторите.

Иницијативата го вознемири и грчкиот парламент каде веќе се разговараше околу целата работа, и скарата беше наречена „срам“ и „провокација на луѓе со различни верувања“. Грчката левица повика организаторите да одговараат за „овој нов тип на политичко и криминално однесување“.

Од друга страна, десна, грчките политичари реплицираа дека граѓаните од други држави не треба да им диктираат на Грците како да живеат и дека забраната на правењето скара ќе значи ограничување на правата на грчките граѓани.

Годинава до октомври во Грција влегоа 55.000 мигранти од Турција. За целата 2018, влегоа вкупно 50.500 мигранти.

7 ноември 2019 - 16:45