Грчките компании се подадоа да регистрираат „македонско“ потекло

Над 4.000 грчки компании што го користат зборот македонски, македонско, македонска и сл. во името на своите производи ќе мора истото да го регистрираат во европските и меѓународните агенции и тоа што е можно побрзо пред изгласувањето на договорот од Преспа.

Советот за грчките компании е да го регистрираат потеклото на производот за тоа да не биде помешано со производите кои доаѓаат од наша Македонија, „ако и кога договореното име ’Северна Македонија’ ќе стане официјален назив за балканската држава.“ Предупредувањето доаѓа од Федерацијата на бизниси на Северна Грција, според чиј претседател, Атанасиос Савакис, компаниите мора брзо да реагираат со цел да се избегне забуна на меѓународниот пазар.

До сега ниту една грчка компанија ги нема регистрирано своите производи како македонски во Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO). Од кај нас тоа го имаат направено само две компании.

Според потпретседателот на Федерацијата, регистрирањето во европските агенции, со вклучени законски трошоци, чини околу 2.000 евра од производ. Регистрирањето во WIPO е околу 8.000 евра од производ.

Освен повик, од Федерацијата им ја понудија целата правна помош на грчките компании што ќе решат да го регистрираат својот производ како „македонски.“

Најголема компанија зафатена со ваквата промена е млечната индустрија Мевгал (Μακεδονική Βιομηχανία Γάλακτος / Македонска млечна индустрија) со седиште во Куфалово во околина на Солун.

На списокот има цела серија производи што го содржат зборот „македонски“ (вино, хотели, метал, текстил, хартија...), кои „ќе имаат проблем во иднина да се разликуваат себе си од компаниите од Македонија, доколку не ги регистрираат нивните производи да го изразуваат нивното грчко потекло. И ова ќе важи и за славната македонска алва.“

20 јули 2018 - 15:54