Атина ги скина поповите од државен буџет

Грција допрва треба да ја одвои државата од црквата, а како еден од позначајните чекори кон тоа владата го укина статусот на поповите и владиките како јавни службеници кои примаат плата од буџетот.

Со ова околу 10.000 вработени на грчката православна црква и официјално се бришат од платниот список на грчката влада, ама веројатно затоа што Господ е голем тие и понатаму ќе земаат пари од буџетот само во форма на субвенции.

Промената на статусот е дел од договор меѓу Ципрас и грчкиот архиепископ Јероним. Освен двоењето на црквата од државата, потегот влегува во делот мерки за намалување на државната администрација. Во 2015, 18% од вкупната работна сила во земјата беше вработена од владата.

Субвенциите што ќе ги добиваат поповите ќе изнесуваат околу 200 милиона евра годишно, и ова сума нема да се менува доколку црквата го намали или зголеми бројот на свештеници.

За возврат на овие 200 милиони евра годишно црквата нема да се противи државата да биде „религиозно неутрална“ и ќе се откаже од секое барање на сопственост на имот кој некогаш е преземен од државата. Ова второво е спор што двете страни го тераат со децении.

Раскинувањето на двете страни за сега нема да промени некои одамна устоличени навики, па грчките училишта и понатаму денот ќе го започнуваат со молитва, веронауката останува фикс во првите 12 години од задолжителното образование, а во преамбулата на грчкиот устав и понатаму ќе пишува „во името на светото и консубстанцијално и неразделиво тројство“ што алудира на тоа дека Грција не е само христијанска, туку православна христијанска држава.

8 ноември 2018 - 13:08