Модар патлиџан и моцарела (Eggplant parmigiana)

Супер мезе!

Потребни состојки:

  • модар патлиџан
  • моцарела
  • пармезан
  • доматен сос
  • лук
  • јајце
  • брашно
  • презла
  • сув босилек
  • сол
  • бибер

 

Здраво на сите!

Поминаа неколку недели, помина Нова година, помина Божиќ, Водици, мојот роденден и слично.. А да, и снегот за кој многумина се жалеа. Јас искрено многу го сакам, најмногу заради одењето на планина и уживање со пријатели и скијање по цел ден. Во мојов случај бордање. Првпат се качив пред две години и толку беше, се навлеков до коска. Како и да е, моето друштво се состои од 4-5 члена. Едниот член поретко го гледаме. Но тоа не е битно, најбитната работа е што сите пет сме јарци. Сите пет. Можете да замислите како тоа изгледа кога еден ќе наметне мислење. Едната родена на 26 декември, втората на 31 декември, останатите сме по ред 6ти, 7ми и 8ми јануари. Јас сум последната и се разбира на мојот роденден сите се утепани и дремеме, од проста причина што на 6ти ја трошиме цела енергија. Да се разбереме, тие три дена заедно сме на планина и славиме. Оваа година роденденот го поминав исто на планина со други другарки од кои со едната оваа година славиме 20 години другарство и таа од 6ти. Мислев ќе биде поинаку, но пак истата приказна. На 6ти се оставивиме во кафана, а на 8ми си легнавме порано за да фатиме рано скијање. Не се жалам, си поминавме преубаво. Кога сме кај родендените, лошо е кога не си тука на денот, не ти доаѓаат сите пријатели и нормално не добиваш поклони. Па така, неколку дена подоцна си седиме другарки на пијачка и одеднаш ми текнува и и се вртам на таа од 6ти и и велам.

"Знам! Ми текна! Знаеш како си замислив, си замислив дека 40ти роденден ќе го правам поголем, демек јубилејен. И тоа ќе биде во некоја голема хала и сите се ќе се журкаме и одеднаш некој ќе ме изненади. Е, ама знаеш какво ќе биде изненадувањето?! Значи од нигде никаде се гаси музика, 10 секунди тишина и так, почнува насловната тема на Стар Ворс "тан тан тан тантаааа, тан тан тан танта" (со пеење) и се вртам и гледам како се отвораат врати и влегува Дарт Ведер и позади него Стормтрупери!" 

На сета моја возбуда и сјај во очите бледо ме погледна и ми одговори:

"Софка, тогаш 40 ќе полниш, не 10"

Него, рецептот за денес, брз, лесен и супер вкусен! 

Тан тан тан тантатаааааа......

Чекори за подготовка:

  1. Исечете го модриот патлиџан на кругови, дебели околу 5-7мм, наредете го во некој послужавник и од двете страни посолете го. Така нека седи 10-15 минути за да ја извади водата и горчината што ги содржи.

  2. Во меѓувреме направете си припрема за похување. Брашно, јајце и презла. Извалкајте ги си кругчиња убаво.

  3. Во загреано масло испржете ги додека не добијат златна боја. Извадете ги и ставете ги на салфетка за да се собере вишокот мрснотија од нив.
     
  4. Додека се цедат, направете го сосот од домати. Не знам како не сум го сликала, но не се секирајте, многу е едноставно. Има веќе готови сосеви по продавниците, купете од нив, по можност нека има вкус со босилек. Во тава ќе загреете малце масло и лажиче путер, ќе го ставите едното чешне лук (ситно сецкано) и ќе го додадете сосот. Ќе мешате додека не се загрее. Зачинете со сол, бибер и сув босилек. И секако ќе додадете прстофат кафеав шеќер. За да ја убие киселоста на доматот. Ако ви е многу густо, не се секирајте, додадете малку вода. Изрендајте малку пармезан во сосот и мешајте додека не се растопи. Пробајте и видете дали е по ваш вкус.
  5. Во тавата од шпоретот наредете ги кругчињата.

  6. Врз секое од нив ќе ставите по малку од сосот и по едно кругче моцарела.

  7. Ставете ги во веќе загреана рерна на 220 степени и печете додека не се растопи моцарелата.

  8. Послужете ги на даска, наросете ги со сол и бибер. Изрендајте и од пармезанот и уживајте!

Хинт:

Модриот патлиџан заменете го со пилешко и тогаш ќе добиете Chicken parmigiana! :)
24 јануари 2017 - 13:02