3 во 1

Милиброд, ораховњача и лајбици

Потребни состојки:

  • млеко 500 мл.
  • 3 лажици шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 1 квасец свеж
  • 75 гр путер или зејтин
  • брашно 800 гр - 1кг

Не памтам кога последен пат сум била болна или пак со температура. Минатата недела цело време слушав како некој е болен, најверојатно завладеал некој вирус. Е па, пошто се чудев и се нервирав дека сите се болни ме фати и мене.

Ја прележав цела недела со сите можни антибиотици и температури. Морам да признаам дека не бев во состојба да се гледам сама, па затоа и се тупнав на мајка ми. Стварно бев за греота. По четири дена со мачкање ракии и топење чорапи во оцет, петтиот ден веќе се оправив. Не бев во состојба да излагам, но се чувствував многу подобро.

Бидејќи не знав што со себе, нормално решив дека мора нешто да зготвам. Ја викам мајка ми и ѝ велам "Давај што имаш по дома, мора нешто да зготвам." Ми извади сè што имаше и плус некои стари рецепти што ѝ ги давала нана ми. Тоа е всушност баба ми, но си ја викам нана јер Српкиња. Бидејќи цела ситуација ме врати во времето кога бев мала, се одлучив да го правам она што секогаш го имало кај нана ми, а и кај мајка ми дома. Милиброд!

Но, за да биде поинтересен денешниов рецепт, го поделив на три варијанти.

Чекори за подготовка:

  1. Варијантите на ова тесто се големи. Мојот избор е солена и блага варијанта. Прво ќе ја направиме основата на тестото. Во сад ги ставаме млекото (млако), квасецот, шеќерот, солта и 25 лажици брашно. Убаво се меша со рачна маталка за да се изедначи. Смесата треба да во течна состојба. Се покрива со крпа и се остава да скисне или да го удвостручи волуменот. Тоа од прилика е 30-40 минути.

  2. Откако ќе скисне тестото, се додава путерот, претходно растопен. Повторно убаво се промешува. Овде е делот кадешто тестото се дели на солена и блага варијанта, тоа е по ваш избор. Можете да се држите до солената варијанта само, а можете и до благата. Всушност, разликата е во следното:
    - Солена варијанта, се додава само брашно постепено за да замесите тесто коешто нема да ви се лепи за рацете. Што би рекла мајка ми "брашно од ѓутуре".
    - За благата варијанта, истата количина брашно и плус додавате 2 жолчки и 1 цело јајце, течна ванила, рум, кора од лимон и портокал. Полнењето е по ваш избор. Јас се одлучив за класичен милиброд и во тестото додадв 100 гр суво грозје, претходно потопено во вода за да набабри и еден вид ораховњача која содржи еурокрем и ореви. Моето тесто е поделено на 3 дела, убаво замесено и оставено да се одмори за да скисне уште еднаш.

  3. По второто стасување го правите во форми по ваш избор, ги ставате во садот за печење и повторно ги оставаат да стасаат. Мојата солена варијанта се празни лајбици. Во форма на мали кругчиња со разни семиња одозгора. 

  4. Блага варијанта ораховњача. Го расукав тестото, го намачкав со еурокрем и му додадов ореви.

  5. Од крајот, го сролав двапати и го пресеков. Така трипати за да можам да го спојам како плетнка.

  6. Тестото за милиброд, немаше потреба да го расукувам, само го поделив на три ленти и исто така  го направив во форма на плетенка. 
  7. Откако ќе скиснат по третпат, солените ќе ги ставате да се печат 20-25 мин на 200 степени, а благите 30-40 мин на 180 степени. 
  8. Се надевам дека ќе ви излезат толку добро како и на мене. Мирисот толку ќе ве мами да пробате, што нема да можете да се воздржите. Внимавајте да не се изгорите :)


За солените:

Може да ги збогатите со вкус. Дали тоа ќе биде сирење, кашкавал или маслинка, тоа оставам на вас!
17 февруари 2016 - 11:40