Знаеш дека си пораснал со Панини кога...

Во петокот на 83-годишна возраст почина Умберто Панини, креаторот на познатите сликички кои го одбележаа нашето детство. Тој беше последниот жив од четворицата браќа Панини. Четворицата „крадци" кои со нивните албуми ни го украдоа детството.

Освен новата (интернет) генерација, тешко дека постои фудбалски фанатик кој првите емоции и фудбалски спомени не го поврзуваат со сликичките од албумите на Панини. Сигурно и ти си еден од нив, а знаеш дека си пораснал со Панини ако се сеќаваш на:

1. Иам, иам, иам, иам, иам, иам, иам, (земаш воздух), иам, иам, НЕАМ, иам иам...

2. Плачеш ако залепиш сликица на погрешно место. Посебно ако ти се скине страницата кога пробуваш да ја одлепиш.

3. Веднаш по завршување на натпревар го запишуваш резултатот во предвидените полиња. (Барем за првите три кола, после тоа веќе забораваш).

4. Уште пред Football Manager и интернет, ти си полн со информации и статистики како енциклопедија само од табелите и текстовите во албумот.

5. Имаш толку многу дупликати што си купуваш нов албум за да го пополниш со сликичките што ги имаш по три пати.

6. На лист од тетратка по коцки си правиш листа на сите сликички и ги пречкртуваш тие што ги имаш.

7. Собата ти е хаос, книгите расфрлани насекаде и цели искинати, но албумот и сликичките секогаш се средени и не смее да се извитка ниедно ќоше.

8. Ги знаеш на памет сите играчи, па дури и оние од Обединети Арапски Емирати и сличните „неинтересни" репрезентации чии фудбалери ги ставаа по двајца на една сликичка.

9. Имаш усовршено техника на листање на дупликати како да си професионален дилер на девизи.

10. Дома вежбаш тапкање за да им ќариш сликички на другарчињата пред зграда.

11. Мајка ти или баба ти се нервираат кога ќе им залепиш сликичка на фрижидерот.

12. Вредноста на парите ја изразуваш во бројот на пакетчиња што можеш да ги купиш.

13. Бараш пари да си купиш корнет. Си купуваш Снешко и со кусурот купуваш уште едно пакетче сликички.

14. Те мотивираат да ја прочиташ лектирата со одреден број на пакетчиња.

15. Првите сликици со амблемите на првенството и стадионите беа најтешки за собирање, па тие ги менуваш „една за три“.

16. Се собираат и кесичките, па внимателно ги отвораш.

17. Сите албуми ги чуваш и денес и едвај чекаш да се отвори некаква тема за муабет поврзана со фудбалот во минатото за да се пофалиш со албумите кои ги имаш собрано.

Кои се вашите спомени од Панини албумите? Пишете ни во коментарите.

3 декември 2013 - 11:26