Македонија се пласираше на Европско првенство во одбојка

Одбојкарите се дискретните херои на почетокот на новата 2019 година. Со убедлив триумф од 3-0 над Унгарија, најдобрите македонски одбојкари го остварија сонот да се пласираат на едно Европско првенство.

Без заслуженото внимание од јавноста, македонската одбојкарска репрезентација во СРЦ „Кале“ ги дочека резултатите од другите натпревари кои и одеа во прилог и ја совлада Унгарија за историски прв пласман на едно Европско првенство.

Нашите одбојкари завршија втори зад Украина и обезбедија место меѓу петте најдобри второпласирани селекции. Во групата од седум второпласирани селекции, Македонија го освои петтото место и ќе игра на Европско. Зад нас завршија Израел и Азербејџан.

Предводени од одличниот Никола Ѓоргиев и инспирирани од победите на Швеѓаните над Азербејџан и Летонците над Израел, нашите одбојкари фуриозно ја згромија Унгарија со 25-21, 25-20 и 25-21.

Оваа победа значеше и прв историски пласман на едно Европско првенство за нашите одбојкари. 31. издание на Европското одбојкарско првенство за првпат ќе се игра во четири земји: Словенија, Холандија, Белгија и Франција.

Токму во Франција ќе се игра завршницата на турнирот кој ќе трае од 13 до 29 септември годинава.