Кој е британскиот тенисер кој падна на кокаин

Дан Еванс е 50-ти на АТП листата и важи за еден од подобрите тенисери на денешницата, но паднал на допинг тест минатиот 24. април и го чека долга суспензија. Важеше за „нагазна мина“ на кладилничарите кои играат од ’допуна’.

Дан Еванс е број 3 во хиерархијата на британскиот тенис, така што неговото соопштение во петокот го зачуди светот на ’белиот спорт’. 27-годишниот Еванс кој доаѓа од Бирмингем сега се соочува со 2-годишна суспензија. Не му било првпат да се однесува проблематично, а на прес-конференцијата изјави:

„Здраво на сите, ова е многу тежок ден за мене. Сакав да дојдам лично и да ви кажам лице-во-лице дека пред некој ден ме информираа дека сум паднал на допинг тест каде сум бил позитивен на кокаин во месец април. Многу е важно да знаете дека сум користел надвор од натпреварување и надвор од контекст на тенис. Згрешив и мора да се носам со тоа. Апсолутно е неприфатливо, разочарав многу луѓе. Можам само да се извинам длабоко од срце. Жално искуство и се надевам дека ќе ме разберете. Не одговарам на прашања во врска со ова. Фала за поддршката“, го завршил своето излагање Британецот.

Тој месец Еванс играше: меч од Дејвис Купот против Франција, АТП 500 во Барселона и Мастерс во Монако, а требаше да биде и еден од идолите на навивачите на претстојниот Вимблдон кој почнува од 3. јули.

На Дан Еванс ова не му било првпат да западне во неволја, затоа што и во минатото правел проблеми, но по напорни тренинзи и натпревари се вратил од 688. место во Топ 100 (годинава го победи Марин Чилиќ на Австралија Опен, па имаше меч топка со Вавринка на УС Опен).

Ова не е прв случај со позитивен тест на кокаин или друга дрога во професионалниот тенис. Во 2009-та Ришар Гаске падна на тест за кокаин и Светската тениска федерација го суспендираше на 12 месеци, но благодарение на жалбата во која тој навел дека контакт со кокаин имал преку девојката што ја бакнувал во некое диско, ИТФ му ја намали казната.

Во 2007 Швајцарката Мартина Хингис одлучи да се повлече од тенисот откако била позитивна на допинг тест. Исто и Андре Агаси ја исфлека својата бигорафија кога призна дека во 1997 година лажел за да избегне анти-допинг тест.

27 јуни 2017 - 10:28