Интервју со Нада Рочевска

Единствената Македонка зад сцената во Рио

Шестмината македонски спортисти не се единствените наши претставници на Олимпијада во Рио. Таму е и Нада од Скопје, поранешна кошаркарка на Вигор Скопје која има привилегија да биде дел од организацијата на најголемиот спортски настан во светот.

Нада Рочевска е дипломиран правник и постдипломец по спортски менаџмент која живее во Келн. Има 33 години, зборува англиски и германски јазик, а на Олимпијадата во Рио ќе биде единствената Македонка која ќе работи во позадина како асистент во нашиот национален олимписки комитет.

Нада има кусо, но многу богато меѓународно искуство кое по само година и пол успеа да и донесе позиција на спортскиот настан кон кој ќе бидат вперени очите од цел свет. Почна од ЖРК Вардар и стигна до Рио, а требаше да биде дел и од Европското ракометно првенство во ракомет на почетокот од годинава.

Кои се твоите први впечатоци од Рио?

Од досегашното искуство, дружбата е фантастична меѓу луѓето во селото, имам најдобар тим на колеги со кого се дружиме, работиме и кога имаме време се забавуваме. Рио е извонреден домаќин во однос на народот. Неговата топлина, широкоградност и спремност секогаш, во секое време да помогнат и да ве испратат со насмевка и убаво чувство. Денот ми започнува и завршува буквално во Олимпиското село, секако дека е напорно, но ништо не е тешко кога го правите тоа што најмногу го сакате и ви дава енергија за секој ден. Пресреќна сум и благодарна за укажаната шанса на која макотрпно работев и со целосна посветеност и пријдов. За Рио не треба да зборувам, преубав град со песочни плажи, тиркизна боја, насмеани лица на Кариоките и максимално опуштена атмосфера. Ми се допаѓа јазикот, храната, народот. Тука не може да се чувствува осамени и дефинитивно повторно ќе се вратам.

Какви обврски те чекаа на почеток?

Стигнав во Рио три дена порано за да се аклиматизирам, потоа имав обврски околу подигнување на опрема и акредитации. Следуваа два дена тренинзи кои се нарекуваат face to face каде ве обучуваат за вашите задачи. Потоа почнаа моите работни задачи со шефот на мисија од македонскиот олимписки комитет. Инаку имаше доста работа и пред да одам, бидејќи имав секојдневни он-лајн тренинзи и курсеви. Јас со мојата позиција добивам многу информации бидејќи треба да знам се од превоз, сместување, повреди кај играчите, грижа околу гостите на Олимпискиот комитет и сл. Постојат посебни тренинзи за самата позиција, посебни тренинзи за секој оддел, посебни тренинзи за англиски јазик, португалски јазик. Имам целосна поддршка од претпоставените и Олимпискиот комитет на Рио.

Што точно работиш?

Секоја земја има свој олимписки комитет, во Македонија тоа е МОК. Зависно од својата делегација на официјални лица заклучно со бројот на спортисти, добива бројка на асистенти. Еден од тие асистенти сум и јас, одбрана според одредени критериуми. Мене не ме избра МОК од каде исто така имам голема поддршка, туку Рио и јас аплицирав сама, процесот траеше околу година и пол, имав неколку интервјуа и на крај следуваше крајната одлука. Секоја земја има свој шеф на мисија и јас сум поврзана директно со шефот на мисијата, во конкретниот случај со шефот на мисијата на Македонија која токму мене ми се падна. Тој е одговорен за се она што им е потребно на спортистите кои се дел од делегацијата. Јас со него сум во постојано комуникација и заедно соработуваме почнувајќи од пречекот, до сместувањето, исхраната и буквално сите потреби кои ги имаат. Од аспект на искуство ова е врвот, поголемо искуство не постои, посебно не во организација на настани, бидејќи знаеме дека официјално најголемиот медиуми настан се Олимписките игри. Инаку можеше да ми се падне било која земја. Во критериумите стои дека мора да го зборуваш јазикот на таа земја која ќе ти се падне или некој соседен јазик. На пример на моја колешка од Германија и се падна Швајцарија.

Како те одбраа?

Не ми напоменувала како стигнав до таму, тоа се интерни работи и според договорот кој го потпишав не ми е дозволено да ги споделувам јавно. Тука зависи колку искуство имате, колку ве знаат, сепак е тоа една спортска индустрија која е најголема во свет. Од друга страна кругот е мал на тие што работиме професионално. Ве бираат на една Олимпијада, па потоа на друга и кога се прави кругот луѓето нормално функционираат со препораки, но со не врски. Ако некој ве препорача, не значи дека вие ќе бидете одбрани, туку треба да аплицираш и да минеш низ цел процес.

Каков е животот во Олимпиското село?

Олимпиското село е дом на спортистите и животот е како секој друг, со таа разлика што кај нив е јадење, спиење и тренирање. Претходното искуство ми е на младинската Олимпијада 2016 во Лилехамер, Норвешка. Основата е иста, меѓутоа различен е начинот на организација. Таму главен акцент се дава на обука на младите спортисти за да се насочат на прав пат. Имаат обуки во однос на исхрана, начин на тренирање, заштита од повреди. Инаку на Олимписките игри немате обуки, тоа се професионалци. Дружбата сепак е поголема на младинските Олимписки игри бидејќи тоа се деца до 15, 16 години. Инаку во поглед на организацијата, обемот е помал. Таму бев одговорната во меѓународната хокеј федерација и скијачката федерација. Работа во Олимпијада не се споредува со ништо друго. Имам искуство на Европски првенства, како ракомет на плажа каде бев директор за волонтери и ги менаџирав сите волонтери и Кадетското ракометно првенство каде бев одговорна за македонскиот тим. Двата овие настани беа во 2015-та. Заедно со Вардар го организиравме и меѓународниот ракометен турнир за мажи и за жени.

Европско ракометно првенство на плажа, Лорет де Мар 2015

Што е важно за ваков тип на работа?

Лојалноста и довербата во оваа работа од страна на тимовите и репрезентациите е многу битна и основа. Доколку сте одговорен за тим, репрезентација или сега во Рио за цел тим на спортисти од една земја, вие делите буквално се. Од убави моменти, победи, до порази, повреди, непредвидливи ситуации и неочекувани резултати. Вие треба да направите играчите да бидат фокусирани само на играта. За да ја работите оваа работа потребна е и поголема флексибилност и отворен ум бидејќи за одреден период живеете под ист кров со луѓе од цел свет. Треба да се толерантни и спремни да прифатите разни култури, навики, да го задржите нивото на професионалност и заедно да функционирате како тим каде основа е крајна цел на сите нас е беспрекорно функционирање на настанот и секако задоволството на спортистите кога сите нивни потреби ќе бидат задоволени, а тие ќе можат да се фокусираат само на својот настап.

Со дел од делегатите и судиите во Лорет де Мар

Имаш ли за споделување некоја анегдота или некоја неочекувана случка?

Пред да одам на младинската Олимпијада во Лилехамер едвај тргнав бидејќи имав грип, а кога пристигнав на аеродром излезе дека ме нема на список на патници поради грешка на он-лајн агенцијата која продава карти. Со тоа стигнав во Норвешка два дена подоцна од предвиденото и летав со друга компанија. Потоа морав да патувам со воз уште три часа. Перипетии. На едно првенство се случи екипата за која бев одговорна, еден од стартните играчи да ги заборави патиките во хотелската соба, а тоа да го забележи на само половина час пред еден важен натпревар. Тука се разбира не смее да се крева паника и треба да се реагира брзо. Најважно е да се организираш бидејќи играчот мора да ги има своите патики за настап, а твое е како ќе се снајдеш и сето тоа ќе го изведеш. Се организирав како знам и умеам и на крајот ја решив ситуацијата. Имало разни ситуации, некои не пријатни. Се случува играчи да се повредуваат па моја задача било да ги пратам на лекарски прегледи, да организирам да бидат примени во најкус можен рок и секако тоа да не излезе во јавноста.

Со дел од најдобрите волонетри во Лорет де Мар

Како почна да се бавиш со организација на настани?

Прво играв кошарка во Македонија за Вигор Скопје до она ниво до кое во Македонија може да се стигне. Имав и многу повреди и потоа се откажав, а тренирав од трето одделение и играв активно до 23 години. Потоа завршиш на Правен факултет и некако цел живот го мислев спортот. Го пратев, но не да ми биде професионална одредница. Приватно патот ме однесе во Келн и кога почнав да размислувам што понатаму во животот, размислував за некои други солуции и имав потреба од нешто ново, бидејќи кога човек ќе излезе од Македонија му се отвораат видиците и гледа колку можности има. Налетав на спортски менаџмент како наука и околу година и пол истражував на интернет каде и што се може со спортскиот менаџмент. Кога дојдов во Скопје исконтактирав со професорот Иван Анастасовски кој инаку ми е пријател и тогаш во еден разговор дознав дека и во Македонија се отвора катедра по Спортски Менаџмент. Познавајќи го него знаев дека се работи за сериозен човек и седнав, видов, размислив и дадов шанса. Сега веќе сум при крај. Мене секогаш ме интересирало начинот на кој може да се гради кариерата. Кога истражив се што мене ми треба, најоснова работа е да имате пракса. Ја побарав во ЖРК Вардар како нивен фан, им тропнав на врата, се претставив, кажав дека имам потреба од пракса и ми е многу драго што луѓето ми излегоа во пресрет. Разговарав со Тања Медвед и се најдовме на иста бранова должина.

Организацискиот тим на фан караван на ЖРК Вардар

Интересно беше што праксата ми започна истиот ден кога почна турнирот за деца од академијата на Вардар. Уште во првиот ден ме ставија одговорна за транспорт и тоа ми беше како тест. Еве ме сега или е тоа или не. Луѓето беа презадоволни така што успешно ја поминав шест месечната пракса во Вардар во кои буквално го учев занаетот. Од организација на натпреварите до функционирање на еден клуб. Тоа беше интересен, интензивен и убав период. Но моите апетити никогаш не спласнуваат. Потоа станав дел од Европската федерација за спортски менаџмент, односно експерт по спортски менаџмент. Потоа бев на летна школа на интернационален спортски менаџмент. Тоа за мене беше отворање на нов свет. Се среќавате со луѓе кои сте ги читале во книги, а сега се пред вас и ви држат предавања и разговарате со луѓе од цел свет со разни искуства. На пример колегата од Јужна Африка беше дел од организација на Светско фудбалско првенство. Имаше луѓе и од Канада, а од таму потекнува спортскиот менаџмент. Тоа огромно искуство ми помогна многу и во поглед на тоа да видам до каде сум. Праксата во Вардар ми беше и повеќе од исплатлива. Потоа бев дел од летниот камп на Андреа Лекиќ. Од неа имам огромна поддршка и сум и бескрајно благодарна. Се пронајдовме со исти размислувања, пристап спрема работата, професионалност, стандарди. Тука видов како изгледа еден професионален летен камп кој слободно можам да ви кажам дека нивото на организација е исто како на Европските првенства на кои бев. Таму имаше и една голема дружба меѓу децата кои во иднина ќе бидат професионални спортисти. Одговорноста е уште поголема кога работите со деца, бидејќи тие ве гледаат поинаку и се што вие правите тие го впиваат.

На Европско првенство за жени до 17 години во Скопје

Потоа се случи Европското ракометно првенство на плажа во Лорет де Мар, искуство кое ќе го паметам додека сум жива. Тоа е место каде би сакала утре да работам професионално. Тоа е спорт кој има магија и каде има една чудесна енергија. Она што го гледате на ракомет, но со многу помала доза на сериозност, не во смисол на организација, можеби во тој дел е позахтевно бидејќи работите со помал број на луѓе во организација и тоа на временски услови на 40 степени. Се работи од сабајле до вечер, како и на секое друго првенство. Ако не сте позитивни и немате спортски дух нема шанси да продолжите. Не познавав таму никој, но наидов на луѓе и имав соработка која многу ми помогна понатаму и многу се најдовме едни со други. Тоа беше интересно и огромно искуство. Се соочив со малку поинаков тип на потешкотии, бидејќи сепак е тоа Шпанија и е многу потешко кога треба да повикате некој да работи како волонтер. Потоа се случи Европското женско ракометно првенство до 17 години во Македонија на кое работев за македонската селекција. Тренер им е Јулијана Црвенковска која е извонреден експерт, а јас работев како тим водич која е официјална работна позиција на првенството.

Зимски младински олимписки игри, Лилехамер 2016

Разлика меѓу настаните на кои си работела во странство и во Македонија?

Секогаш има и плус и минус кога се прави некоја организација каде и да е. Не значи дека ако го организира некоја богата земја организацијата ќе биде на највисоко ниво. Кога организирате некое првенство знаете со колкав буџет располагате и знаете на што давате акцент. Секој настан кога се организира е огледало на една земја и на една федерација и со тоа си го претставувате својот народ. Колку попрофесинално се претставувате и работите така ќе ве знаат во светот и повеќе ќе ве ценат. Разликата е во тоа дали ви е битно или не. Мене секогаш ми е битен фитбекот кој се трудам да го добијам и ако не го добијам прашувам, бидејќи сметам дека тоа е мерило да знаете каде сте, каде се движите и што уште ви треба. Најважната работа за ваков тип на работа е евалуацијата која се прави на крај. Треба исто така да бидете самокритични, а самокритичноста не е одлика на македонскиот народ. Треба да имаме волја за да научиме од странците бидејќи не се ништо попаметни од нас. Не треба никогаш да настапуваме дека знаеме се. Ние секогаш се вадиме на финансиите. Да, финансиите се многу битни за организација на еден настан, но не се пресудни. Организација на настан или мега настан во спортскиот менаџмент има посебен дел кој се занимава со изучување и организација. Ако имате професионалци во тоа на федерацијата ќе и биде многу полесно.

Зимски младински олимписки игри, Лилехамер 2016

За секој спорт ви треба скоро иста организација. Секаде ви требаат волонтери кои треба да ги организирате и на кои им требаат тренинг. Секаде ви треба организација на транспорт, потоа многу е битна исхраната на спортистите, начин на кој се ќе продаваат картите, имате организација со фанови. Ако вие немате фанови или гледачи настанот може комотно да ви се прогласи за неуспешен. Да ги донесете и најголемите ѕвезди, ако не сте успеале да донесете гледачи во сала, настанот по дифолт ви е неуспешен. Треба да сакаме и да се наградуваме во многу сегменти. Спортот во Македонија не е само Вардар, Металург, Работнички или МЗТ, туку спорт е и кану, џудо, пинг понг, тенис, се се тоа спортови. Јас во овие година и пол се судрувам со многу негации за мојата професија и тоа многу ми смета и често пати сум гласна. Сметам дека не може некого да деградирате, а на тој начин сметате дека себе си ќе се издигнете. Ако некој е дел од некоја федерација не значи дека е професионалец. Кога организирате едно првенство првиот впечаток го оставате кога ги пречекувате спортистите на аеродром, потоа каде ќе ги сместите, каква храна ќе им пружите, сеедно е дали имаат 17 или 30 години. Битно е и што ќе им организирате во нивното слободно време, тука е шансата за да ја промовирате својата земја и да го развиете туризмот. Тоа е спорт - туризам. За тоа има други луѓе кои можат да ги прикажат убавините на својата земја. Не можете на пример да си дозволите транспортот да ви доцни.

Со колеги од екс ју просторите

На натпреварите на македонската фудбалска репрезентација се случува да доаѓаат по 5-6 илјади навивачи што е премалку. Како ти со помош на твоите организациски способности и искуство би ја вратила публиката на стадион? ФФМ имаше силна кампања за да се бодри повеќе Македонија во живо.

ФФМ имаше добра промоција задоволителна за мои стандарди, но мислам дека им недостигаат успесите. Бев на Македонија - Бугарија и кога одите да гледате натпревар секако дека ви е битно барем вашите апетити за спортска игра да бидат задоволени. Не навлегувам зошто нема резултати, јас не сум компетентна за тоа да зборувам, за тоа си има други експерти, но пак ќе повторам во овој случај изостануваат резултатите. Кај нас спортот се гледа многу лаички и се пристапува лаички. Ако сакате да привлечете фанови треба да работите на fan relationship management. Колку вакви луѓе имаат вработено во федерациите? Јас знам само за ФФМ кој работи со полна пареа, но имаат помош од ФИФА. Како се мери успешноста и како знаете дека по завршувањето на мечот сте успешни? Во спортскиот менаџмент има една основна единица, а таа е следна. Кога ќе се свртиш позади и кога ќе видиш колку празни столчиња имаш, а колку имаш полни, тука се наоѓаат одговорите. Спортската индустрија е индустрија како секоја друга. Вложувате и очекувате поврaток. Македонците многу сакаат спорт, а спорт број 1 е ракометот. Но како народ имаме особини да паметуваме и многу сакаме да паметуваме и по социјалните мрежи. Ни треба една добра маркетинг стратегија, постојана присутност, анимирање на јавноста, пред се на фановите. Ако ги правите играчите присутни, достапни за јавноста и ако фановите видат дека се најнормални луѓе со кои може да разговараат и може да ги допрат, може да им се потпишат, може да се сликаат, а истовремено тоа се луѓето на кои им се воодушевуваат, тука мислам дека на подолг период, бројот на фанови ќе се зголеми исто. Исто е и со промоциите на карти. Од мојата анализа Македонците се луѓе кои реагираат на успеси. Не можам да кажам дека имаме некоја спортска култура на постојана поддршка.

Презентација на тема финансиски менаџмен во МОК

Дали имаш впечаток дека политиката е премногу навлезена во спортот?

Политикава е навлезена во се во Македонија. Ако сакате да добиете да организирате некое Европското првенство мора да аплицирате и да добиете политичка поддршка од вашата земја, во спротивно не можете да организирате. Сите тие сектори работат заедно и соработуваат, но не се преземаат. Си има законски регулативи и спортот е последната карика која треба да ја искорениме во однос на такво мешање. Тоа треба да се искорени во многу други свери. Живеам во друга земја, се соочувам со сосема друг систем, работам по светот и едноставно никаде не е како тука. Во Македонија сум сретнала само неколку луѓе кои работат професионално спортски менаџмент, зборувам едуцирани во тоа и потоа работат. Работите се многу измешани и јас сакам и живеам за тоа работите да одат понапред бидејќи тоа е моја татковина за која секогаш сум тука да помогнам. Тука сум и за катедрата на факултетот, за професорите со кои сум во одличен однос и од кои имам голема поддршка за која сум им благодарна, но многу ќе треба за да се сменат работите. Никаде во светот не сум толку деградирана како што сум дома.

Европско ракометно првенство во Полска 2016

Благодарение на колешка која беше делегатка на Европското во одбојка добив повик од ракометна федерација на нејзина препорака за која не ни знаев. Ми понудија работа да бидам тим водич за Македонија на Европското ракометно првенство во Полска. Нормално прифатив, а колегите од странство почнаа да ме препознаваат и да ме препорачуваат. Тоа ми значи многу и тоа е моето мерило до каде сум и каде одам. Работев се до почетокот на првенството и потоа од за мене не познати причини соработката беше прекината. Официјално се финансиски причини од нивна страна, неофицијално не знам. Знаејќи ја целата состојба околу финансиите на полската федерација, не верувам во тоа. Ракометната федерација на Македонија знаеше дека работам за нив. Длабоко верувам дека само ако науката оди под рака со практичното знаење и добиеното искуство, само така може да се остварат видливи и одржливи резултати кои ќе ни служат како патоказ и во иднина. Секогаш го истакнувам значењето на моето семејство, за целава моја за сега не многу долга и бурна кариера. Искрено сум им благодарна за несебичната поддршка во секое време, посебно кога сменив кариера.

5 август 2016 - 11:21