Веспрем го освои Јане Сандански

Ракометарите на Вардар го загубија тешкиот меч против Веспрем, а со тоа и втората позиција во групата за која се води грчевита битка. Штета за поразот, бидејќи момците на Парондо одиграа фантастично прво полувреме во кое се изборија за +5.

Дека мечот меѓу Вардар и Веспрем ќе биде дерби на колото се виде по начинот на кој се одвиваше резултатот на почеток. Првите дваесетина минута минаа во егал и префрлање на водството кај двете екипи од само гол разлика.

Потоа Вардар почна да доминира и во 23 минута успеа да се одлепи на +4 (12:8). Во тие моменти проработе раката на Чупиќ кој даде два гола по ред, а потоа помогна и Борозан кој погоди од брза контра.

Но тука Вардар не застана бидејќи го имаше расположениот Милосављев кој до тој момент реализираше 8 одбрани. Црвено црните тоа го наградија со +6 кои Манасков набрзина ги намали на +5, но не и повеќе бидејќи во следната контра направи пробивање откако Скубе му се намести многу искусно.

Финишот на првиот дел тотално му припадна на заменикот на Штербик на голот на Вардар. Србинот стигна до 11 интервенции со кои го однесе својот тим на пауза со задоволително водство од 16:11. Сосема заслужена предноста на момците на Парондо кои беа подобар противник.

Целиот труд кој го вложија Вардарци во последните 7 минути од првиот дел, го прокоцкаа во првите 7 од вториот во кои Веспрем направи серија од 6:1 за израмнување на 17:17. Од тука почна големата борба,

Серијата од пет минути без постигнат гол на Вардар ја прекина Тимур Дибиров кој првиот погодок го постигна дури во 40-та минута. Потоа следуваше гол на капитенот Стоилов со едно од неговите препознатливи освртувања во игра еден на еден, за +2.

Гостите овој пат не го загубија ритамот и со поголема борбеност и жар успеаа да ја одржат неизвесноста на средбата. Веспрем во 53 минута стигна и до водство, прво после она во 11-та минута.

Клучниот момент на средбата се чини беше 56-та минута, кога индиспонираниот Дибиров промаши пенал за израмнување, потоа утна од одбиената топка, а на крај и трет пат во истата акција. Веспрем од тоа профитираше и стигна до прва предност од два гола.

Стоилов во два наврати и уште еднаш Скубе, намалуваа на -1 во последните минути, но Веспрем и со играч помалку не дозволи да падне и да го загуби мечот. Последниот напад го имаа Унгарците кои со голот на Ласло Наѓ ги поставија конечните 27:29.

Најпрецизен кај Вардарци беше Дисингер со 5 гола, сите во прво полувреме, а Криштопанс, Скубе и Стоилов постигнаа по 4.

Барселона и натаму е лидер во групата со 18 бода, Веспрем сега е втор со 16, а Вардар трет со 15. 

Следната сабота Вардарци му гостуваат на Кристијанштад.

16 февруари 2019 - 19:13