Вардар декласиран на свој паркет од Веспрем

Трет, тежок пораз во серија за ракометарите на Вардар во Лига на шампиони, овојпат во Скопје од еден од фаворитите за титулата Веспрем, 29-38 (15-22).

Неколку дена пред дуелот Вардар - Веспрем, беше јасно дека гостинот кој потклекна во финалето на ЛШ минатата сезона, овојпат е апсолутен фаворит. Што поради актуелната состојба во Вардар, што поради формата.

Единствена рана надеж на домаќинот беше првичното израмнување 2:2 после што гостите тргнаа по фаворитската патека до крајот. По 10 минути игра од мечот во Скопје, Веспрем водеше 2-8 а на највисоки 7+ гостите избегаа по 16 минути игра.

Српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ немилосрдно ја полнеше мрежата на Вардар во првиот дел (9/11 погодоци даде во првите 30 минути) кој заврши 15-22, недостижни +7 за европскиот шампион.

Идентична, ископирана слика и во вторите 30 минути. Веспрем немилосрдно го полнеше голот на Вардар, а домаќинот како едвај да чекаше сирената да огласи крај и да го положи оружјето кое веќе некое време е штуро.

Блескава партија пружи Петар Ненадиќ кој постигна 11 гола од кои 9 во првиот дел. Кај Вардарци единствени расположени за надигрување беа Павел Атман кој го заврши мечот со седум гола и Глеб Калараш кој даде четири.

За напомена е дека Вардар и на овој меч играше без својот најдобар играч, Данаис Криштопанс кој остана на клупата поради повреда.

Ова е петти вкупно пораз на Вардар во Лига на шампиони сезонава, а европскиот првак има 4 победи и 1 реми. Со ваков учинок, од 6. место во групата Скопјани одат на зимска пауза каде треба да има сериозна анализа на (не)сработеното.

Следува Европското првенство во јануари, а Лигата на шампиони продолжува во месец февруари кога Вардар го чекаат четири преостанати дуели.  Вардар има 9 бода а пред него се Порто кој има 10, Монпелје 11, Кјелце 12, Веспрем 14 и првопласираниот германски Кил со 16 освоени бодови.

Следниот меч Вардар го игра на 5 февруари кај фаворитот за европска круна Кил.