Македонската ракометна репрезентација ја чека судбината на кошаркарската

По повлекување на генерацијата што го освои четвртото место на ЕП во Литванија во 2011 година, се случи драматичен пад со несогледливи последици. Идентичен процес тропа на врата и со селекцијата која беше петта на ракометното првенство во Србија во 2012 година.

Да се загуби од Грција во ракомет е еквивалентно на фудбалски пораз од Андора, на кошаркарски од Велс, на одбојкарски од Шкотска. Она што се случи викендов во Кожани претставува првокласно чудо. Го сервираше македонската машка репрезентација во квалификациски меч за Европското првенство во 2020 година. Ноншалантниот пристап, иритирачкиот однос и разочарувачката игра продуцираа срамен резултат на крајот.

Поинаку не можеше да биде, особено што доаѓа по победата над Турција која беше неуверлива и на стаклени нозе. За капитенот Кире Лазаров тоа е жешка шлаканица, селекторот Раул Гонзалез го опиша како катастрофа, а за претседателот на Ракометната федерација, Живко Мукаетов, беше доволна причина за посета на соблекувалната и изразување на револт од глетката на теренот и конечниот исход.

Македонските ракометари беа како банда без команда во спортската сала во Кожани. Почнаа со стил, но најголем дел од времето потоа се мачеа, грешеа, беа конфузни и на крај треснаа на земја. Изгледаа како натпреварот со Грција да е дел од договорот од Преспа, па одеднаш ја напуштија „лавовска кожа“ и се претворија во немоќни мачиња, па по еден час игра беа сензационално скротени.

Некогаш се потребни само два меча, па јавноста да ја загуби вербата во некоја спортска селекција. Она што ракометарите го прикажаа во Битола и Кожани е токму таков пример. Мачни победи и срамни порази можат да случуваат, но јавноста е гневна и мисли дека ракометарите покажаа отсуство на чест да се носи националниот дрес

Од мегданот се повлекоа со наведнати глави и оставија бришан простор за дилеми - што се случува со тимот кој во минатото беше причина за радости, дали знаат каде тераат, присутно ли е фракционерство во тимот какво што се шпекулира во јавноста, во кој правец се движи репрезентацијата која во јануари ја чека ново учество на светско првенство. Капитенот Лазаров јавно призна - со ваква игра нема што да бараме на Мундијалот.

Им удира ли слава во глава на ракометарите? Дали репрезентативното бледило е последица на клупскиот сјај на Вардар на кој се потпираме сите овие години?

Целата колумна на Сашко Ѓ. Димовски ја имате тука.

30 октомври 2018 - 14:07